Вистина ли е дека затвoрате?

29.10.2016 00:27
-Вистина ли е дека затвoрате?

Пред малку се вратив од Табернакул. Пред два-три дена ми побараа да донесам од моите книги, денес, реков, е тој ден. Ме пречекаа железни конструкции наоколу, песок... И излогот на Табернакул, со натпис: Почитувани читатели, ја затвoраме книжарницата и ви се заблагодаруваме за досегашната соработка. Шок. Влегувам внатре, по подот полни картонски кутии со книги, а полиците полуиспразнети... Не можам да верувам. Прашувам. Ништо не ми кажува Леон, прави некаков список на книги. Влегува Ненад Јолдески, вели: -Вистина ли е дека затвoрате, сега разбрав, дојдов да си го купам Сабато. Јас веќе пребарувам, од она што уште не влегло во кутиите. Многу сум тажна, многу, минав тука многу прекрасни часови, купив многу сакани наслови. Напишав и едно мало парченце за оваа книжарница во „Приватни светови“. И наеднаш пред мене излегува, кој знае како до сега скриена, книгата на Малком Лаури „Испод вулкана“, издание од 1966, Нолит, библиотека Метаморфози, уредник Васко Попа. Ја држам силно божем некој сака да ми ја земе, си реков - ќе те спасам, иако те имам дома, те сакам... И бидејки Ненад е карши го прашувам дал ја читал, вели не... Бара нешто, замислен. -Ќе ти ја подарам, велам, еве сега, ова е многу моќен роман, ми одбележа едно самотно лето... И, во мигот во истата библиотека Метаморфози (Нолит, 1966) се појавува и Хуан Рулфо со „Педро Парамо“. Не, ова не можно, ова е чудо, си мислам, сега ли на затворање, па со години го барав ова издание, лани го најдов она второто отпечатено во Градац Чачак, токму тука. Го имам, ееј, Хуан Рулфо од каде сè почна, и главната енергија која го повлече и младиот Маркез. -Ненаде, а Хуан Рулфо го имаш ли читано? -Го барам, никаде го нема, ни на Амазон го нема, вели. -Еве го, го најдов. Кажи сега која книга сакаш повеќе да ти ја подарам, „Под вулканот“ или „Педро Парамо“? Ги гледа двете, со исти платнени корици, објавени дваесет и кусур години пред да се роди, и вели: -Нека биде, нека биде... Хуан Рулфо. Плаќаме, тој добива сина кесичка со Сабато „За јунаците и гробовите“, јас кесичка со овие две книги. Влегуваат неколкумина други и сè исто: -Слушам затворате, не, не е точно, нели?... -Да, затвораме, вели Леон. -Точно така, затвораме.

Отпосле седуваме со Ненад на првата тераса, нарачуваме кафе и јас му ја подарувам „Педро Парамо“ и во посветата пишува: во денот кога ја затвораат книжарницата Табернакул, 27. окт. 2016. Си одам дома со романот „Под вулканот“ исто онака некако како пред триесетина години, кога не можев да се разделам од него. Знам точно каде ми е мојот прв примерок на полицата, но вечерва ќе читам малку од овој (пред да го подарам некому), греота, си мислам, никој досега го нема земено во раце...

Извор: Фејсбук профилот на авторката

ОкоБоли главаВицФото