Раѓањето на Комуната

29.10.2016 11:39
Раѓањето на Комуната

Предвесникот на оваа појава можно е да се пронајде во брановите прашина и ентузијазам, во грозницата што ги обземала народните собири и клубовите во Париз за време на двете последни години на Царството. Ветеранот на Комуната, воедно и нејзиниот прв и највлијателен историчар, Проспер Оливие Лисагарај, никогаш не им придавал преголемо значење на народните собири, сметајќи ги за дувла на јакобинското позирање и реторика, со многу говори и малку акција – тоа бил театар на зборови, а не дела. Можеби затоа сите значајни историски извештаи за Комуната, делумно (мошне неточно), го следеле примерот на Лисагарај со започнување и утврдување на приказната за Комуната на 18 март 1871, која Маркс ја нарекол „провалнички“ обид на Тиер за конфискација на топовите на Монмартр – топови што ѝ припаѓале на Националната гарда и биле платени со прилозите од локалната заедница. Работничките се солидализирале со војниците кои одбиле да ја извршат заповедта да пукаат во масата. Френк Желинек, Стјуарт Едвардс, Анри Лефевр, неодамна и Ален Бадју – практично целата историја или сите анализи за Комуната се изградени врз основа на истакнатото поглавје насловено The Eighteenth Brumaire. Така Комуната почнува со избрзано посегнување од страна на државата и реакцијата што ја предизвикало тоа; нејзините извори се спонтани и произлегуваат од моменталните околности, израснувајќи од посебните околности на Француско-пруската војна; мотивирана од моќните чувства на жителите на Париз во националната одбрана. Со таа теза би се сложил дури и Тиер, кој зборувал за „погрешно насоченото“ и „извртеното“ домољубие на Комуната.

Но, ако почнеме со државата, ќе завршиме со државата. Наместо тоа, да почнеме со народните собири пред крајот на Царството, различните здруженија и одборите што ги изродило, и „зовриените“ револуционерни кругови од времето на Опсадата. Така ќе видиме поинаква слика. Зашто токму собирите и клубовите ја создале и обликувале – пред самиот факт – идејата за општествената комуна. На тие состаноци се развила желбата за создавање комунални организации, значи директна соработка на сите енергии и умови, наспроти власта составена од предавници и некомпетентни. Тоа добро го знаеле тогашната полиција, бројните комунари, како и малцинската струја меѓу подоцнежните историчари на комуната. „Клубовите и здруженијата ја нанеле сета штета... сите настани што се случиле токму во Париз им ги припишувам на клубовите и собирите... желбите на тие луѓе да живеат подобро отколку што им дозволуваат нивните околности“, така напишал полицискиот службеник на Владата за национална одбрана, според цитат од книгата на Роберт Вулф Потеклото на Париската комуна: народните организации од 1868 до 1871 година. Во својот речник за Комуната, антикомунарот Шевалие д'Али ги дефинира „клубовите“ како јавни собири на „Францускиот колегиум на бунтот“. Историчарот Роберт Вулф пишува: „Ако треба да се открие и утврди една изворна точка на Комуната, не би било погрешно да се избере 19 јуни 1868, денот на првото неодобрено јавно собирање во Париз во времето на Второто царство.“

Но, јас би избрала друга појдовна точка, неколку месеци подоцна. Сцената е иста: вечерен собир во салата за танцување Vaux-Hall во Château-d’eauu. Дотогаш жителите на Париз веќе го присвоиле правото на собирање и здружување и веќе неколку месеци се состанувале. На првите собири на ветераните 1848 година, старите и искусни говорници, се среќавале со помладите работници од париската секција на Меѓународното здружение на работниците и со бегалците од Лондон, Брисел и Женева. Оние што зборувале, го правеле тоа „достоинствено, внимателно, често талентирано, и покажале добро познавање на темите со кои се занимавале.“ Неколку недели тема била женската работа и како да се зголемат надниците на жените. Поминале два месеци со такви собири: станувало збор за смирени, статистички излагања за женските плати, за кои печатот посветувал мало внимание и за кои власта повремено заборавала да ги испрати полициските доушници. Но, една вечер извесен Луи Алфред Брион, 46 годишник кој се занимавал со изработка на вештачко цвеќе, излегол на подиумот среде атмосферата на општа досада. Ни неговата подпросечна страст ни фактот дека телото му било уништено од туберкулозата на која наскоро ќе ѝ подлегне не го спречиле да фрли бомба:

„На подиумот дојде низок човек кој, како што забележаа неколкумина присутни, како да 'исплива' од публиката. Дотогаш, говорниците ги почнуваа своите обраќања со светата формула 'Mesdames et Messieurs...' Овој говорник, со јасен и доволно продорен глас, го извика она што веќе четвртина век беше заборавено: 'Citoyennes et citoyens!'

Во просторијата избувна аплауз. Човекот кој беше така поздравен можеби и после тоа не кажа ништо поинтересно од оние пред него – но зарем тоа е важно? Изговарајќи 'citoyens', повика – намерно или не, кој би знаел? – цел свет сеќавања и надежи. Сите присутни беа вџашени... учинокот беше голем и неговите одеци се проширија надвор од просторијата.“

Проспер Оливие Лисагарај

Комунарот Густав Лефрансе, чиј извештај беше цитиран, директно го поврзува одекот на зборовите со последниот момент од нивната употреба четвртина век порано – тоа се светите зборови на револуционерниот речник раширен 1789 и повторно 1848 година. „Citoyens“ им припаѓа на именувањата кои влечат потекло од 1789 и кои останале живи благодарение на друштвата и револуционерните традиции – на пример, „patriots“, уште еден таков збор, излегол од мода меѓу младите социјалисти и 1871 година никаде не може да се пронајде. Посебната сила на начинот на кој Брион го употребил „citoyens“ на состанокот во Vaux-Hall има помала врска со присетувањето на минатото отколку што „citoyen“, во овој случај, не означува припадност на национално тело, туку повеќе на пукнатината во него, општествениот јаз или поделбата потврдена во срцето на националното граѓанство, раздвојувањето на граѓанинот од она што токму во тој момент за него станало антонимно, сега веќе запуштеното „mesdames and messieurs“ – на буржоазијата, les honnêtes gens. Тука, „означувањето“ е погрешен збор, зашто зборовите присилно ги впишуваат општествените поделби, на самоавторизираната потврда за дезидентификацијата што ја спроведуваат државата, нацијата, обичаите и празната учтивост кои го формираат француското друштво на средната класа. Зборовите citoyen и citoyenne веќе не означуваат национална припадност – тие им се упатени на луѓето што се отселиле од националниот колективитет. А со оглед на тоа дека тие зборови се интерпелација, директно обраќање на друго лице, тие создаваат процеп или поделба во сегашноста и, всушност, агенда – нешто што ниеден говор кој ги претставувал добронамерните статистички податоци за женската работа не можел да ги создаде. Тие овозможуваат разбирање на сегашноста, нејзино одвивање како нешто историско и променливо. Можеби во овој случај е парадоксално што неизговорените зборови „Mesdames, messieurs“, кога се изговорени и повторувани, ги создаваат просторот и времето на нацијата, а не на граѓанинот. Репетивната темпоралност што ја создава сакраменталната формула „Mesdames, messieurs“ е заштитеното време на нацијата – всушност, опросторено време, ако се држиме до забелешката на Ернст Блох дека во националната историја не постои време, туку само простор. „Така националноста“, пишува тој, „го брка времето, па дури и самата историја од историјата: таа е просторно и органско случување, ништо друго; таа е „вистинското колективно“ чии подземни елементи би требало да ја проголтаат незгодната класна борба на сегашноста...“ Називот „citoyen“, од друга страна, може да биде стар и да потекнува од друг момент од политичкото минато, но неговото повторување во овој случај создава сегашност на заедничка политичка субјективизација, „незгодната класна борба на сегашноста“. Тој ги наведува слушателите да станат дел од таа сегашност. Citoyen и citoyenne го повикуваат субјектот кого државата, Царството, полицијата и светот на таканаречените „honnêtes gens“ го подложиле на бројни дезидентификации. Тие зборови не се обраќаат на францускиот национален граѓанин. Тие ги повикуваат идеалите на поимите la femme libre и l'homme libre, кои се однесуваат на битието што не е ограничено од нацијата и затоа им се обраќаат на таквите слушатели и наидуваат на нивен одговор.

Она што се случувало на собирите и во клубовите било на работ на квазибрехтовската фузија на педагогијата и забавата. Се наплатувале влезници од неколку центи за да се покријат трошоците за осветлување. Клубските состаноци нуделе обука, иако е отворено за дискусија каква била педагошката цел. Тоа биле „народни школи“, кои ги посетувале, според комунарот Елизе Рекли, „граѓаните кои главно никогаш претходно не би разговарале меѓусебно“; тоа биле „школи за деморализација, пореметеност и расипаност“, според зборовите на еден друг современ посматрач. Всушност, вечерните собири истовремено ги замениле театрите што ги затворила власта пред Опсадата, а некои редовни говорници биле познати по својата претерана театралност. На пример, според Максим Диокам, чевларот Наполеон Гајард одржал дури 47 говори од ноември 1868 до ноември 1869 година, често носејќи црвена фригиска капа на главата. Пред 4 септември некои теми биле следени и изложени на цензура, па посебна напнатост создавале говорниците кои во кој било момент знаеле да преминат на забранетата територија, со што доведувале до затворање на собирите среде вревата што ја создавала громогласната опозиција.

Меѓутоа, цензурата што ја спроведувала власта над темите поврзани со политиката и религијата често имала парадоксален учинок на овозможување поголеми, поимагинативни разгледувања. На пример, било забрането да се денунцираат конкретни носители на власта, но дискусиите за тоа како да им се стави крај на сите наследни права можеле непречено да се одвиваат. Заобиколувањето на тесните параметри на она што Царството го сметало за политички дозволено овозможило на виделина да излезе потемелна визија за општествена преобразба. Не можело да се зборува против царот или неговите разни службеници, но можело да се заговара крај на приватната сопственост; како што рекол еден говорник: „Индивидуалната сопственост над земјата не е во склад со општеството.“ Омразата спрема капитализмот била, заедно со поткажувањето на буржоаските „вампири“ или „канибали“, редовна тема, особено омилена меѓу говорниците како таткото на Гајард. „Во клубовите големо прашање е лебот, односно сопственоста: која тема и да се отвори привидно, всушност станува збор за тоа.“ На јавните собири, на кои можел да зборува секој, но публиката ги замолчувала оние од кои ѝ било доста, не можела да доминира ниедна политичка група или генерација. По 4 септември, кога собирите се преобразиле во клубови со поизразени идеолошки позиции, одредени редовни говорници почнале да се асоцираат со одредени клубови. Но, секогаш постоеле и „orateurs de hasard“, аматери кои зборувале првпат, како и „orateurs ambulants“, како синот на Гајард, кои се занимавале со своевидна колпортажа на различни дискурси и кои ширеле стратегии од клуб до клуб. Целиот Club de la Patrie en danger, со кој претседавал Бланки, бил подвижен, состанувајќи се секоја недела на различни набрзина избрани простори распрснати низ градот.

Од првите месеци на 1869 година на сите собири можеле да се слушнат барањата за комуна, а „vie la Commune“ бил крик со кој се почнувале и завршувале собирите во пореволуционерните клубови на северот од Париз: Батињол, Шарон, Белвил, Вилет. Извештаите за клубските собири, кои сега веќе ги објавувале самите членови на клубовите за да се борат против буржоаските погрешни интерпретации на своите активности, го откриваат крешендото на трескавичното исчекување околу „горливото прашање за Комуната“. Како слоган, Комуната ги растопила разидувањата меѓу левите фракции, овозможувајќи солидарност, сојузништво и заедничко движење:

„Сигурно ќе имаме Комуна, своја величествена демократска и социјална Комуна... светлината ќе се спушти од височината на Белвил и Менилмонта за да ги растера мрачните сенки на Hôtel de Villea. Ќе ја изметеме секоја реакција како што чистачот ги мете становите во саботите [подолго смеење и аплауз; гласно одобрување откако насилно е исфрлен граѓанинот кој во задниот дел од салата го обесчестил паркетот.]“ – Густав де Молинари, Les Clubs rouges pendant la siège de Paris.

Патувачките говорници помогнале во здружувањето на револуционерните клубови, во рамки на сега веќе познатата структура која ја делеле две ембрионски организации што ѝ претходеле на Комуната, но кои тешко можат да се одделат од неа. Таа структура, своевидна децентрализирана федерација на локални, самостојни работнички одбори организирани по окрузи, ги усвоила париската секција на Интернационалата, која пролетта 1870 имала педесетина илјади членови. Таква била и структурата на Националната гарда, која до тој момент исто така веќе била „федерализирана“. Членовите на Интернационалата организирале рани окружни одбори, составени од луѓе избрани на јавни собири; потоа, тие избирале свои делегати во Централниот одбор на дваесет окрузи, сместен во просторија на Place de la Corderie, која им ја изнајмила Интернационалата. Сите тие зачетоци или рентгени на Комуната сведочат за присуството на моќната децентрализирана револуционерна структура, организирана по окрузи и поврзана со популарни теми како храната и омразата спрема клерот, спрема неговиот „luxe oriental“ и неучествувањето во битките. „Да ги симнеме [свештениците и богословците] и да ги испратиме на боиштето!“

Преместувајќи ја сцената од Hôtel de Ville, и пред и по 26 март, кога управата на Комуната повеќе или помалку го утврдила своето седиште таму, се обидувам да ја направам видлива другата општествена и политичка географија на градот, која ги вклучува клубовите од градот, како и Place de la Corderie, со своjот триумвират на Интернационалата, Централниот одбор на дваесет окрузи и, во текот на март, Централниот одбор на Националната гарда. На пример, таму, на Place de la Corderie, дошол столарот Жан-Луи Пинди кога на 4 септмеври бил ослободен од затвор – бил бездомник и знаел дека таму ќе може да најде кревет. Таму директно се упатила Елизабет Дмитриеф кога на 28 март дошла од Лондон, како специјална дописничка која ја испратил Маркс да известува за Комуната во име на Интернационалата. На Place de la Corderie, повеќе отколку во Hôtel de Ville, прашањата од раните месеци 1871 година всушност не биле национални прашања. Постоела само големата борба на Револуцијата, во облик на слободно здружување на автономните колективи против државата.

Извор: http://www.zarez.hr

ОкоБоли главаВицФото