Допирот на мајката го зголемува „социјалниот мозок“ кај децата

31.10.2016 05:33
Допирот на мајката го зголемува „социјалниот мозок“ кај децата

Во педесеттите години од минатиот век познатиот американскиот психолог Хари Харлоу извршил интересен експеримент. На бебиња-мајмуни храна (шише со млеко) им давала сурогат мајка, направена од жица. Имало две сурогат мајки. На една група млеко им давала сурогат мајка „облечена“ во мек штоф, додека на другата група млекото им го давала мајка што не била облечена во мек штоф. Она што е интересно во овој експеримент е тоа што мајмунчињата повеќе се прилепувале кон „мајката“ што била прекриена со мек штоф, отколку кон „мајкката“ што давала храна. Од овие експерименти произлегува дека допирот, како знак на љубов, е поважен од храната.

Отприлика во тој период и британскиот психоаналитичар Болби докажал дека човековите бебиња лишени од контакт со мајката почесто покажуваат психолошки проблеми отколку другите деца.

Сега со оваа проблематиката се занимава невронауката. Во списанието Cerebral cortex, вол. 26 објавен е труд во кој се тврди дека децата со повеќе допири од мајката имаат поразвиен „социјален мозок“. Трудот го објавил невропсихологот Џ. Брауер од одделението Науки за човековата когниција и мозок, при Институтот Макс Планк, Универзитет во Лајпциг.

Брауер и соработниците тргнале од познатиот факт дека допирот силно ги раздвижува емоциите и придонесува кон формирањето на социјални врски. На тој начин тој игра голема улога во интеракцијата мајка-дете и во формирањето на рана приврзаност. Но Брауер не се интересирал само за тоа дали допирот од страна на мајката влијае врз социјалното врзување, туку отишол и еден чекор понатаму. Тој сакал да истражи дали допирот од мајката насочен кон нејзините деца ги обликува функционалните аспекти на мозокот што се развива. Поспецифично, Брауер и соработниците сакале да утврдат дали и како зачестеноста на допирот од страна на мајката го предвидува детското ангажирање на мозочни структури за кои се знае дека придонесуваат кон „социјалниот мозок“.

Терминот „социјален мозок“ опишува невронални мрежи кои го овозможуваат нашето комуницирање во социјално опкружување. Конкретно, нашиот интерес за други лица, нашата осетливост за нивните емоции, мисли, намери се поддржани од процеси во мозокот кои не се идентични со процесите што го овозможуваат нашето делување во неживиот свет.

Експериментот што го Спровел Џенс Бауер се состои во следното: тој снимил 43 мајки со нивните деца кога тие седеле заедно на кауч и играле една игра позната како Playmobile farm, ограничен период на време. Мајките знаеле дека се снимани но не ја знаеле целта на истражувањето. Просечната возраст на децата (24 машки и 19 девојчиња) била 5,5 години. Набљудувачите потоа го гледале видеото и броеле колку пати мајките ги допирале своите деца и обратно, колку децата ги допирале нивните мајки. По истекот на две недели истражувачите ги скенирале мозоците на децата додека тие, колку што е можно, мирувале, со една техника позната како rest-state scan (fMRI, односно functional magnetic resonance imaging).

Истражувачите се интересирале за нивоата на оваа resting-state активност на детските мозоци во мрежа позната дека учествува во функции како емпатија и мислење за менталните состојби на другите луѓе, позната како „социјален мозок“. Тие констатирале дека децата кои што биле допирани почесто од нивните мајки во текот на 10-минутната сесија имале поголема rest-state активност во социјалниот мозок посебно десниот superior temporal sulcus (STS). Децата што биле повеќе допирани од нивните мајки, исто така ги допирале своите мајки повеќе.

Врз основа на овие наоди, истражувачите заклучиле дека може да се претпостави дека децата со повеќе допири се поподготврени да ги ангажираат менталните компоненти на „социјалниот мозок“ и дека нивниот интерес за менталните состојби на другите лица е поголем од колку оној на децата со помалку допири.

На ова истражување може да се постават неколку забелешки. Една забелешка е дека резултатите се корелациони. Тоа значи дека постои можност други, непознати фактори да влијаат на разликите во количината на мајчински допири и развојот на детскиот мозок. На пример, можно е некои мајки да биле ангажирани на повеќе нивоа, на пример, не само што повеќе ги допирале туку на своите деца повеќе им говореле. Еден друг фактор е генетскиот потенцијал. Истите гени одговорни за тактилното однесување на мајките може да се пренесат на нивните деца и така да се влијае на развојот на мозокот. Интересно би било, на пример, да се истражи дали слични резултати би се добиле за нивоата на допир од страна на таткото.

Експериментите на Брауер треба да се разгледаат во светло на експериментите со животни, како оној на Харлоу. Во експериментите со животни, експериментаторот има поввеќе слобода и повеќе можности за експериментална контрола. На пример може да ја контролира количината на допирите и сл. Вакви експерименти со луѓе не се вршат. Се покажало дека поголемата количина на мајчински допири е поврзана со значајни промени на мозокот кај глувците, на пример, во начинот на кој нивните мозоци реагираат на стрес. Понатаму, глувците со повеќе допири и самите покажуваат тенденција за повеќе допири кон нивните потомци. Од овие експерименти може да се извлечат заклучоци за улогата на допирите врз човековиот развој.

Фотографии: Џени Луис