Ајде да го обесиме мачето!

31.10.2016 10:39
Ајде да го обесиме мачето!

Кученцето било предавник, соучесник на злобниот волк. Затоа мора да биде ликвидирано и тоа со бесење. Слична судбина го снашла и едно маче (насловната фотографија) зашто тоа било поразен непријател.

Ова не е содржина од некаков евтин филм на страв и ужас, туку се работи за сликовниците што ги читаат малите деца во Иран. Шорех (името е променето во редакцијата) е графичка дизајнерка од Исфахан и признава дека не ни размислувала за содржината на сликовниците додека и самата не добила ќерка. Но, се вџашила од сето она што можело да се најде во нив: „Внимателно гледам што купувам за моето осумгодишно девојче. Морам да внимавам да не добие книга во која се величи насилството.“

Возрасните Иранци всушност повеќе сакаат да гледаат телевизија и не читаат книги особено многу. Но, тоа е земја во која речиси 80 проценти од населението знае да чита и пишува. Според официјалните статистики, секој Иранец дневно чита просечно по 70 минути – што едноставно е премногу добро за да е точно, дури и ако во тоа се вброи и читањето верски книги и молитви. Но, иако забавните книги и романите се скапи, Иранците навистина читаат повеќе отколку граѓаните од поразвиените земји, така што и за децата постојат мноштво книги и сликовници.

Во Иран размерно се чита многу, но родителите би требало да погледнат какви сликовници им купуваат на своите деца...

Светот и животот според волјата на оџите

„Детските книги се продаваат многу подобро од другите книги“, вели Шорех. „Познавам многу родители кои на своите деца најмногу сакаат да им подаруваат книги, иако и самите тие читаат ретко.“ А, во секој случај, мисли оваа млада иранска мајка, би било подобро и на родителите да им се прочита што пишува во одредена книга пред да им ја подарат на своите деца.

Во Иран се врши строг надзор над секоја книга што ќе се најде во продажба. И сликовниците мора да ги одобри посебно тело од иранското министерство за култура така што и тие мора да одговараат на строгите критериуми и исламските закони. А тоа значи – за предавникот казната е смрт, па дури и тоа да е кученце или маче.

Тој верски светоглед во сликовниците оди и подалеку: на пример, во Иран на жените им е наложено да ја покријат косата кога се наоѓаат на јавно место. А, дома и во сопствените четири ѕидови всушност можат да носат што сакаат. Но, што е со мајката на јунакот од сликовницата? Се разбира, таа мора да биде покриена и дома. А, ако илустраторот наслика мајка или баба без шамија, тогаш печатарот самиот мора да нацрта шамии на нивните глави. Зашто инаку книгата нема да биде дозволена, а таа дозвола секогаш може да се укине. Според волјата на Министерството, дури и ако книгата е веќе во продажба.

Во Иран јавните егзекуции се секојдневие. Тука љубопитните ја чекаат егзекуцијата на еден наводен силувач – и децата во публиката никако не се реткост.

Егзекуциите како претстава за целото семејство

„Детските книги станаа многу порелигиозни од претходно“, објаснува Шорех. Во приказните сега многу почесто има зборови за џамиите или верските обичаи.“ Потоа, тука спаѓаат и јавните ликвидации и таа не се чуди што таквите сликовници добро се продаваат и покрај ужасните илустрации. „Тука луѓето самите сакаат да одат на јавни егзекуции и дури ги носат и своите деца со нив.“ Само во 2015 година во Иран се егзекутирани околу 1 000 луѓе, многумина од нив јавно и во присуство на бројни љубопитни посетители. Тие се од сите возрасни групи и општествени слоеви, зашто сите се убедени дека смртната казна е единствениот начин да се спроведе правдата.

„Целото иранско општество се десензибилизира со намера“, но објаснува Мохамад Мостафаи. Тој во 2010 година морал да ја напушти земјата заради својот ангажман за човековите права зашто како адвокат особено се занимавал со смртната казна на која биле осудувани и деца и малолетници. Во Иран ги ликвидираат и нив, но мораат да го чекаат своето погубување додека не наполнат 18 години. „Погледот на статистиките во Иран покажува дека има многу повеќе насилство во семејствата. Има многу причини за тоа, но насилството во јавноста секако е еден од факторите. Луѓето кои секојдневно гледаат насилство не се колебаат и самите да го практикуваат. А, насилството во Иран се слави како некое посебно добро.“

Извор: http://www.dw.com