Размислување за проблемот на народот

01.11.2016 13:04
Размислување за проблемот на народот

Од фактот дека се употребуваат исти пцовки
и слични љубовни изјави
се извлекуваат премногу смели заклучоци
исто така ни заедничката школска лектира
не треба да претставува доволно оправдување
да се убива
слично е и со земјата (врбите песокливиот пат нивата пченицата небото плус пердувестите облаци)
би сакал најпосле да знам
каде завршува убедувањето
а почнува реалната врска
дали заради историските преживувања
не станавме психички искривени
и на случаите сега реагираме со правилност на еретици
или сè уште сме само варварско племе
среде вештачки езера и електрични прашуми

право да ви кажам не знам
само го утврдувам постоењето
на таа врска
се покажува таа во бледилото
во наглото црвенило
во врескањето и исфрлањето на раката
и знам дека може да доведе
до итно ископани гробови
и на крајот во облик на тестамент
за да биде познато:
се бунев
но мислам дека окрвавениот јазол
треба да биде последен кој
ослободувајќи се
ќе го пресечеме

Превод: Иван Шопов
Слика: Франциско Гоја

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото