Патот до работа конечно дел од работното време?

01.11.2016 15:59
Патот до работа конечно дел од работното време?

Голем број од работниците го сметаат патувањето до работа за чисто губење време, а пресудата дека патувањето до работа влегува во работното време може да биде историска.

 

Неодамна, едно истражување меѓу британските работодавци за потрошеното време за одење на работа, кое го спроведе компанијата „Регус“, покажа дека дури една третина од анкетираните го сметаат патувањето на работа за чисто губење време.

Таквиот исход Ричард Могус од „Регус“ го смета за доказ дека многу деловни луѓе се исцрпени од секојдневното патување, кое делува стресно врз нив.

„Поважно прашање за британскиот бизнис е зошто се инсистира на секојдневно патување на работниците? Зошто ги прават непродуктивни додека патуваат на работа во центарот на градот за да одработат фиксно работно време како во 'викторијанската епоха'“, се прашува аналитичарот од „Регус“ чие истражување опфатило 40.000 работодавци, но и ја актуелизираше една година старата пресуда на Судот за правда на Европската Унија (ECJ) во предметот „Тyco“, според која патувањето на работа претставува дел од работното време.

Синдикатот на шпанската компанија „Tyco Integrated Security“, имено, на ECJ го доби спорот со управата во кој докажуваше дека за дел од вработените кои работат надвор од седиштето на компанијата во Мадрид, работното време практично почнува со првото излегување од дома по добиените задачи од работодавецот, каде треба да одат на интервенција. „Tyco“ во 2011 ги затвори своите канцеларии во внатрешноста на Шпанија, а на вработените продолжи да им дава задачи по телефон и интернет од седиштето во Мадрид.

Бидејќи клиентите на компанијата се наоѓаат и на 100 километри оддалеченост од адресата на која живеат работниците, работниците дневно работеле бројни неплатени работни часови за да дојдат до клиентот, а станува збор за одржување и поправка на безбедносни уреди.

Според пресудата на ECJ, „Tyco“ изгубеното време за доаѓање на интервенција на работниците го водело како „одмор“, а им ги плаќало само работните часови на интервенција.

„Судот зазеде став дека на работниците кои немаат фиксно или вообичаено работно време, како што е случајот овде, работното време треба да им се смета од моментот кога заминуваат на работа до враќањето од последната интервенција во денот“, се наведува во пресудата на ECJ, во која се укажува на Директивата на Европскиот парламент и Собранието на ЕУ за работно време од 2003 година.

Во директивата не се спомнува потребата од пресметување на патувањето на работа како работно време, туку се набројува што сè се смета за неопходен дневен одмор на работникот, при што патувањето на работа не се смета за одмор, како што сметала управата на „Tyco“.

Во случајот со работниците на шпанската компанија, значаен е фактот дека пред затворањето на регионалните канцеларии работното време уредно течело и за време на патувањето од канцеларијата до муштериите. И пред и по затворањето на регионалните канцеларии, работниците на „Tyco“ на интервенции ги возеле автомобилите на компанијата.

„И додека се вози кон местото на интервенција, работникот работи“, предупредува ECJ во пресудата за предметот „Tyco“.

Извор: 6YKA
Фотографии: Алехандро Картагена

ОкоБоли главаВицФото