1028 hPa
63 %
14 °C
Скопје - Нед, 03.11.2024 15:59
Одмаздата е јадење што најдобро се сервира студено! Смислата на оваа шекспиријанска поговорка која, сепак, нема врска со времето на Тјудорите, доби супер актуелно значење со настапот на Слободан Богоевски кај Чом, на Телма: токму кога најмалку очекуваше, Фамилијата го доби директно меѓу рогови! Овациите во јавноста со денови не стивнуваат!
Проблемот во кој се наоѓа пропагандната машинерија на Фамилијата е што најголемиот дел од јавноста и не ја интересира дали онаа вечер, на Телма, сѐ што кажа Богоевски е точно – проблемот на Фамилијата е во тоа што брзо растечки дел од јавноста САКА тие работи да се точни! Затоа, тука деманти и закани со тужби не помагаат. Зошто? Е, за ова ќе морам да го парафразирам Том Фридман од минатата недела во „Њујорк тајмс“ (таму тој пишува за Доналд Трамп): на овие избори ние добро знаеме кој е и каков е Никола Груевски со Фамилијата – на овие избори треба да видиме кои сме и какви сме ние!
Во тој напор за самоспознавање, во таа мачна колективна психотерапија на соочување со сопствените грешки од минатото, македонската јавност тукушто доби силен ветер во едрата. Доволен број граѓани од таа јавност – тоа, во демократиите, не мора да е, а и во нашиот случај не беше мнозинството гласачи – десетина години го легитимираа криминалното владеење на ДПМНЕ и ДУИ. Сега, откако „бродот“ на нивната поддршка веќе исплови од партиските „пристаништа“ на центрите на организираниот криминал во државата, ќе треба извесно време од фазата на колективно порекнување на каква било вина за последиците, да се прејде во фаза на соочување со сопствената одговорност за тоа што, некој друг, во име на нивната избирачка поддршка, цела една деценија ја дробел нивната држава. Јавноста бабри, отекува, станува свесна за сопствената улога во политичката разрешница што следува овој декември.
Почеток на демонтажата
А режимите што многу крадат секогаш доаѓаат до оваа „точка на топење“. Имено, на почетокот „капе“ за сите: ќарта од владеењето се тркала по скалилата надолу и она што ќе се грабне од заедничката каса, релативно пропорционално се дистрибуира по партиските структури, нешто во кеш, нешто во привилегии, а нешто во забрзаното освојување на „светлата на велеградот“. Опинците се закачени на ѕидот, а и гумените ѓонови, неразгазени, се заменуваат со кожени. Потоа, како што растат лоповските амбиции и свеста дека во „супермаркетот на државата“ нема ни обезбедување ни безбедносни камери, кругот на злосторот се стеснува нагоре, а богатството се окрупнува, бидејќи претходно пљачкосаното почнува да се инвестира и реинвестира во нови и сѐ полукративни криминални шеми. Тоа бара попрецизна контрола и вештини што спаѓаат во сферата на модерните корпоративни мафии, па крупниот плен се дели главно во првиот, а сѐ помалку и во вториот и пониските ешалони на власта. На крајот, откако ќе станат милионери од декадентни размери, пљачкосаното останува само во врвот на режимот, во Фамилијата и кај нејзините најнепосредни извршители. Таа фаза од луксуз со „шест ѕвезди“ – ирационално скапи рачни часовници, автомобили од специјални каталози, куќи со затворени базени и диети што вклучуваат специјалитети на загрозени животински и растителни видови – трае извесно време, а потоа распадот е релативно брз и несопирлив. Што вели еден другар на син ми: „Они толку се збогатија, што веќе не ги лижат ни капачињата од јогуртот кога ќе го отворат!“
Нашата ДПМНЕ-аристократија се наоѓа во третата, терминална фаза од своето криминално владеење. Тоа е периодот кога ваквите сведочења, како она на Слободан Богоевски, прават разорни штети врз преостанатата налицкана барокна фасада на власта која ја крие општата морално-политичка и материјална мизерија во која се одвива македонското секојдневие. Дури, на извесен начин, со тоа што претераа во секоја вертикала и хоризонтала на узурпацијата на општеството, Фамилијата можеби и помогна во она што неопходно следува: и по теорија и во практика, апсолутната моќ не може да се реформира – таа мора да се демонтира. Фамилијата, просто, не ни остава друг избор.
Летај, летај, буба маро…
Но, да се навратам на Богоевски… Имено, глупаво е сега некои да изигруваат скандализираност од изјавата дека, на пример, Јордан Мијалков бил доживотен соработник на службата за воено разузнување на Југославија, КОС. Па, и неговата несреќна судбина го затече г. Мијалков во својство на македонски министер за внатрешни работи на необјаснето патување за Белград, наводно за средба со некои од врвовите на некогашната ЈНА, во време кога Македонија беше на работ од опасноста и во неа да се случат такви хаварии, најмногу инспирирани токму од Белград, кои на почетокот од деведесеттите години од минатиот век разорија половина од Балканскиот Полуостров.
Затоа, за да не глумиме пак некоја шокираност отпосле, јас сега би сакал да прашам дали се точни информациите дека синот на г. Јордан, г. Сашо Мијалков, неодамна, наводно, имал долга и срдечна средба со српскиот премиер Вучиќ? Бидејќи сегашниот Мијалков Сениор се потруди да не биде човек-којгоде, дури и кога не е на никаква официјална државна функција, би му претставувало ли преголем напор да ја потврди или да ја демантира оваа вест – не за друго, да не вртиме, сега, телефони по Белград, па од таму да бараме објаснувања…? Времињата се такви, кружат дезинформации и полувистини колку сакаш, па да не биде дека они, можда, си збореле за женски, а ние овде фаќаме да пиеме апчиња за притисок. Контекстот е потенцијално непријатен: во Србија сѐ уште не се доапсени сите што учествувале во неуспешниот вооружен заговор за време на неодамнешните избори во Црна Гора, а за г. Мијалков знаеме дека веќе ја поседува моќта без последици да биде миракулно ослободен од Белградскиот аеродром кога ќе го фатат со оружје во рачниот багаж, на меѓународен лет за негде…
Нарко-географија
Слична аналогија би можела да се повлече и за вознемирувачката изјава на Богоевски дека г. Мијалков (Сашо) се занимава(л) со недозволена трговија на наркотици. И пак целата јавност, наводно, иако на еден дискретно весел начин, шокирана! Па, само јас ли сум тој што ги слуша масовните озборувања дека во високите кругови на Фамилијата со години се шмрка без мерка? Или, да излезам надвор од светот на скопската рекла-кажала шема, ќе сака ли некој од криминалистичките служби на МВР да ни објасни како е можно во последните десетина години, практично по затворањето на извесната Станислава Чочоровска во 2007 година, во Македонија да не е откриен НИТУ ЕДЕН случај на поголема трговија или транспорт на хероин, кокаин и други потешки наркотици? Овде само марихуаната се смета за дрога или толку успешно се справивме со проблемот на нарко-трговијата, што Македонија веќе не се наоѓа на една од главните балкански и европски рути за трговија со дрога?
Мислам, секоја чест ако Фамилијата успеала и географијата да ни ја испреговара, па да нѐ ослободи од таа ужасна зависност што уништува цели семејства. Но, како стареам, станувам некако сѐ посомничав и поциничен, па повеќе сум склон да мислам дека човек може да се напие, па дури, за жал, и да се издрогира, или кога има нешто значајно да прослави – или кога одамна нема ништо за славење.
9 степени по Цобе
Ова се некои од причините зошто интервјуто на Слободан Богоевски предизвика политички земјотрес од 9 степени по Рихтер – како што е познато, на Рихтер до толку се мери, до девет, а над ова потресот се третира како природна катаклизма. Богоевски, кој целиот живот службено се движи по коридорите на македонските искршени огледала и во полу-светот на регионалното криминално и политичко подземје, главно добро се снаоѓал кога требало да се пронајде излезот. Бидејќи го познавам лично многу години – и не секогаш во многу пријателски контексти – не можам да кажам дека нему му недостасува храброст или врвна интелигенција, иако не треба да бидете излажани од неговото професионално вградено калкулантство и тивкиот глас и здодевната дикција со која зборува. Да, знае да економизира со вистината, да мота повеќе посни или повеќе мрсни „сарми“, во зависност од политичките и други потреби на моментот, и да биде убедлив дури и кога „сече“ логички свијоци. Но, суштината, главно, ја погаѓа(л), без разлика на дресот во кој настапувал.
Некој, некаде, некогаш во Фамилијата направил крупна грешка што (и) Богоевски го понижил како човек и го потценил како противник. Тоа има цена што тој сега им ја испорачува, „студено сервирана“, во најнезгоден момент за нив, кога се расклатени и навалени, заслужено да паднат преку ограда. Знаете како велат: првиот услов за победа е да го деморализирате противникот. По интервјуто на Богоевски, Фамилијата е барем уште некој метар попропадната во сопствениот очај.
Извор: Слободен печат
Слики: Александар Дојранлиев