Pussy Riot ја „оживуваат“ Трамповата дистопија во нивното ново видео „Make America Great Again“

02.11.2016 11:43
Pussy Riot ја „оживуваат“ Трамповата дистопија во нивното ново видео „Make America Great Again“

Pussy Riot во нивното најново видео насловено „Make America Great Again“ си претпоставија каков би бил животот за време на евентуалното владеење на Доналд Трамп. Тоа е визија за една дистопија каде зборот на Трамп е закон, странците и ЛГБТ луѓето не се добредојдени, и најлошо од сѐ, сите ја имаат „озлогласената“ фризура на Трамп. Песната сама по себе е прилично оптимистична, но видеото е изразито мрачно.

Трамп ја спроведува власта преку мускулести насилници во наци–униформи, кои ја измачуваат, ја силуваат и ја убиваат пејачката Надежда Толоконикова, па дури користат и вжарен железен печат за да ги забележат нејзините „злосторства“. „Поентата е да се покаже дека зборовите на Трамп не се само зборови. Тие зборови водат кон насилство, па затоа и беа жигосани на моето тело“, вели Толоконикова за „TIME“.

Бендот го промовира новиот сингл со хаштаговите #PussyGrabsBack и #NastyWoman, и во текстот под нивното YouTube видео ги повикаа луѓето да не му дадат моќ на Трамп. „Бидејќи ТИ одлучуваш на изборите и ако сме заедно, би можеле да го тргнеме ова гомно, преземете акција и поправете ја оваа ерозија на правата“.

Ова е трет сингл на Pussy Riot неделава, по „Organs“ и „Straight Outta Vagina“.

Не е прв пат Pussy Riot да се замешаат во изборите преку нивната музика, иако во минатото Путин беше нивната главна политичка цел, поради што членовите на бендот поминаа време во руски затвор.

Извор: queer.mk