Охрид СОС: Општината го доведува во опасност Светското наследство во Охрид

02.11.2016 11:01
Охрид СОС: Општината го доведува во опасност Светското наследство во Охрид

Општина Охрид без никаква претходна анкета или испитување на јавното мислење, односно барање согласност од охриѓани, ниту пак јавно претставување на проектот Waternet, ќе реализира активности за изградба на рекреативна патека од Студенчишта до Горица, за да сега ја најави следна цел, т.н. авантуристички парк во срцето на шумата под калето, местото кое охриѓани го посетуваат за да се релаксираат, да пронајдат мир, да уживаат во нечепнатата природа, со преубав поглед кон езерото, реагира иницијативата Охрид СОС.

„Само за потсетување, целите на прекуграничниот проект се: да се промовира важноста на водата, да се развие прекугранична заштита на водните средини и да се засили едукацијата. На кој начин овие активности во Охрид се поврзани со целите на проектот? Со што овие активности придонесуваат кон заштита на водите, или промоција на природното наследство (Охридското езеро)? Дури и изворното име на проектот е ‘Water Protection Thematic Park Actions’.

Дали Европската Комисија е запознаена со овие активности, односно како се реализира проектот? Дали раководните лица од општината се запознаени со нацрт-одлуките на Комитетот за Светско наследство при УНЕСКО од конвенцијата во Истанбул, имајќи предвид дека во точка 7а е спомнат и Планот за интегрирана заштита на Старото градско јадро на Охрид, каде се наоѓа предложената локација за оваа активност? Знаат ли дека во моментов македонските институции треба да дадат детален отчет пред ова меѓународно тело, за да не се случи ‘можно запишување на доброто на листата на Светско наследство ВО ОПАСНОСТ’? Имаат ли трунка совест овие носители на јавни функции инволвирани во овој проект? Која е потребата од вакво нешто?“, стои во реакцијата на Охрид СОС.

Извор: Радио МОФ