Интервју со Џек Размузен, директор и кустос на Кацен Центарот во Вашингтон

02.11.2016 13:53
Интервју со Џек Размузен, директор и кустос на Кацен Центарот во Вашингтон

Фото: Кире Галевски 

 

Џек Размузен, директор и кустос на Музејот при Американскиот Универзитет во Вашингтон, Кацен Центар, во разговор со Анета Георгиевска-Шајн, гостин кустос на изложбата фотографии од „Шарената револуција“, 12 ноември-18 декември, 2016.

 

Кои беа вашите причини да ги отворите вратите на Музејот при Американскиот Универзитет за изложба на фотографии посветена на активистите од македонското протестно движење познато како „Шарена револуција?”

Делата што ги изложуваме се секогаш избрани врз основа на комбинација на нивниот естетски квалитет и идеите, ставовите, вредностите и емоциите што ги комуницираат. Фотографиите од „Шарената револуција“ ги исполнуваат сите овие критериуми.

Како гледате на овие фотографии: како фото-журнализам или нешто повеќе? Каде, според вашето мислење, е нивното значење?

Мене најмногу ме интересира она што антропологот Клифорд Герц го нарекува жанровска измешаност, односно зоната на прелевање меѓу жанрови како што се фото-журнализмот, „убавата“ уметност и политичкиот театар, на пример – каде што може да се создаде силно искуство кое што ќе има значење.

Фото: Роберт Атанасовски

Може ли да ни кажете малку повеќе за своите интереси во однос на политичката или социјално-ангажираната уметничка пракса?

Ме интересира спојот, или барем кохабитацијата на уметноста и идеологијата. Најголемиот дел од уметноста во историјата на светот секогаш била мотивирана од идеологија. Од многу поскорешен датум се движења целосно ослободени од содржина како што е, на пример, Вашингтонската школа на боја, која што доминираше во овој град во шеесеттите години на минатиот век.

Можете ли да споменете примери на други политички-ориентирани изложби што сте ги организирале или прикажале во музејот при Американскиот Универзитет во последно време?

Секогаш ме интересира уметност која што за други институции во градов би можела да биде компликувана или проблематична од една или друга причина. Минатата година организиравме и презентиравме прва изложба на уметници од Северна Кореја во САД: Современата уметност на Северна Кореја: Еволуција на Соц-реализмот. Оваа есен имавме изложба што се фокусираше на искуството на емигранти - Хунг Лиу: Ќерка на Кина, Носител на Зелена Карта. Таа одеше во исто време со изложба која што се осврна на уметничките рефлексии на Афро-американското радикално движење поврзано со Партијата на Црниот Пантер (1966-1982) под наслов Потребна е цела нација: уметност за социјална правда, со Емори Даглас и Партијата на Црниот Пантер.

Фото: Ванчо Џамбаски

Дали сметате дека визуелната уметност може да биде инструмент за социјална промена? Кои се вашите сегашни ставови во поглед на ова комплексно прашање?

Уметноста е секогаш субверзивна. По самата своја дефиниција, уметноста е промена. Може да поттикне социјални промени, но почесто само ги забележува или ги рефлектира. Она што е важно е да дојде до публика. Насекаде постои цензура, иако оваа цензура е главно маскирана како недостиг на средства. Важни уметнички проекти остануваат без финансиска потпора. Музеите и другите алтернативни простори имаат обврска да ја донесат уметноста со силни пораки пред публиката.

Слични содржини

Општество / Активизам / Фотографија
Општество / Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото