Ивана Васева и Билјана Тануровска Ќулавковски на Re//Dance во Букурешт

03.11.2016 10:16
Ивана Васева и Билјана Тануровска Ќулавковски на Re//Dance во Букурешт

Ивана Васева и Билјана Тануровска Ќулавковски ќе настапат на регионалното биенале за кореографија Re//Dance во Букурешт, што ќе се одржи од 1-ви до 6-ти ноември оваа година.

На 4-ти ноември учесничките од Македонија преку колаборативен концепт  ќе иницираат дискусија/игра Како да се направи фестивал со 100 и 1.000.000 евра.

Идејата за овој перформанс/игра потекнува од текстот „Фестивалот како микрофизика на моќта (Фуко) во регионот и поранешна Југославија” од Ивана Васева, Елена Вељановска и Билјана Тануровска Ќулавковски, направен во рамките на работната група Термини (Скопје) како дел од проектот „Расшколувано знаење“ во 2012 година. Во овој текст, промената/трансформацијата на поимот, структурата и значењето на фестивалите е дадено низ краток преглед исто како и современото поимање на терминот во контекст на земјите од поранешна Југославија.

Васева и Тануровска Ќулавковски развија идеја за игра која ќе испровоцира дискусија(и) за тоа како кураторските концепти/идеи се влијаени од економската сила, кои правци уметноста и кураторството можат да ги развијат и, на крајот на краиштата, во каква уметност ние веруваме или можеби уште повеќе какво општество ние замислуваме во овие прекаријатни времиња. Оттаму, овој проект поттикнува на размислување надвор од познатото: какви можат да бидат уметничките практики и со тоа уметноста што ја промовираме и продуцираме кога многу добро сме запознаени со границите кои мораме да ги скршиме со цел да овозможиме свеж и нов воздух на уметничката сцена и со тоа да не бидеме жестоко приврзани за фондовите? Исто така, овој проект ја преиспитува улогата/ите на кураторите и програмерите и како оваа улога ја оформува политиката, економијата и контекстот.

Или да бидеме поцинични, кој е прв: кураторството или маркетот?

Делото/перформансот „Како да направиш фестивал за 100 или за 100 000 евра“ до сега беше одиграно на фестивалот за современ танц LOCOMOTION во ноември 2014 година, на АКТО фестивалот за современа уметност во Битола во август 2015 година, како и на интернационалниот фестивал за современ танц „ CoFestival 2015 – The Art of Co-Living“ во ноември 2016 година.


Билјана Тануровска Ќулавковски
е културна работничка која работи во полето на современата култура и уметност, како дел од независната уметничка сцена во Македонија. Работи на ре-евалуација на модулите на уметничката и културната продукција и колаборација, активирајќи се и застапувајќи се за реформација на културната политика во земјата. Има диплома од историја на уметност и археологија и титула магистер по интеркултурализам, културен менаџмент и културна политика при Универзитетот за уметности во Белград, а во моментов е докторанд на истиот универзитет.


Во 2003 год. беше една од ко-основачите на ЛОКОМОТИВА – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста, кајшто работи како менаџер и програмски координатор, како и на НОМАД Танцова Академија (НДА) – модел на самоорганизација и регионална колаборација во современиот танц на Балканот. Дел е од одлучувачкото и регионалното координативно тело на НДА. Има иницирано, курирано и менаџирано повеќе проекти и програми во врска со современите изведувачки уметности, културната политика, меѓународната колаборација, итн. Таа е ко-кураторка на Локомоушн – Фестивал за современа уметност и перформанси, Скопје (Македонија).


Ивана Васева (1984 год.) дипломирала на Факултетот за историја на уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Учествувала на проектот „Расшколувано знаење“ (колективна самоедукација во уметноста и културата) и специјализирала во полето на кураторство на визуелни уметности како дел од кураторската програма (2011/2012) на Апел Артс Центарот во Амстердам (Холандија). Во моментов работи како фриленс кураторка. Има курирано многу изложби и проекти во Македонија и странство. Во изминате години, фокус на нејзината кураторска работа беше преиспитување и повторно проучување на улогата на уметноста во поширокиот социополитички и економски систем и нејзиното делување и потенцијал за стимулирање промени (шпекулативни и емоционални во најмала рака), во различни локални контексти.