Варшава ултравиолет

03.11.2016 13:56
Варшава ултравиолет

Силен енергија ја следи серијата од Декалогот на славниот полски режисер Кишловски. Низа од филмови, чии случки црпат од градот Варшава. Сите сценарија се заплетени во едно предградие, препознатливо за тогашниот период. Вториот и третиот филм особено изобилуваат со темнина и тишина, која тој софистицирано и строго ја разбива преку маалскиот звук од позадината и уличните светла кои ги „флекаат“ прекрасните кадри од врнежливи прозорци преку боите на рекламен неон, семафори, автомобилски фарови и друг урбан декор. Снимани се кон крајот на 80-тите години, во клучниот период за историјата на градот и нацијата воопшто.

Денес, во една слична ноќ, во преминот помеѓу фикцијата и реалноста, се појавува овој урбанитет набљудуван во движење од црвено-жолтиот јавен превоз (со шоферска музика во позадината), кој лази по долгите оски преостанати од социјалистичкото пространство. Недостасуваат многу елементи за да се спои тој некогашен ефект на социјал-реализамот, но тука сме за тоа да го доловиме преку неговата сегашност, која е во полн ек и трансформација. Ноќното урбано осветлување е сè уште бледо и во позадина се наѕираат масивните репете блокови. Просторот помеѓу е сè уште чист и слободен, изникнат со зеленило.

Денот, пак , ни ја прикажува новата Варшава со млакото сонце кое знае да го разбие урбаното сивило и да му зададе златникава боја чиј рефлекс се одбива од новите кристални фасади.

До скоро, по навика, самата Варшава претставуваше именка-шаблон на советски модел на град. Денес очигледно таа идеја преминала во симбиоза на соцреализмот и неолиберализмот. Самиот теснец во централното подрачје е веќе финансискиот центар по теркот на бесниот капитализам напикан во ригидната социјалистичка градска решетка. И тоа е импресивно, особено ако доминантниот поглед се шири токму од терасата на најконтрадикторнaта градба (Музејот на науки и техники), од Сталинистичкиот период, поглед на едно ново капиталистичко руво од видиковец толку посакуван од комунистичкиот режим и како таков изграден само за надмоќ и пропаганда.

По останатите населби низ градот сè уште се видливи остатоците од советската ера. Ако се заземе правец од југ по дистриктот Мокотов, се гледа тој масивен комплекс на висока густина кој тогашниот систем го применува преку тесни и долги блокови, хоризонтално и вертикално вкрстени. Истото се случува кон север од таа страна на реката Висла, околу делот на населбата Прага која постои од тогаш и се досоцијализира. Така поставениот град, дополнет со груба инфраструктура и со просторните растојанија се пополнува сè до историскиот центар, каде преовладува битната старинска збиена архитектура, чие значајно јадро се заштитува. Стариот центар сè уште егзистира и жилаво трпи во субконтекст од жолта позадина како во петтиот дел од Декалогот. Специфични архитекти кои датираат од поствоениот период се неизбежните варшавски тигри (именувани по нивната агресивна продуктивност), иако нивниот едноставен и естетски израз е задушен од тогашната државна режимска доктрина, преку декорација и сталинистичка стилизација. Железничката станица, Парламентот, ПКО, Универзитетот на социјални науки... оставаат квалитетна трага од минатото време.

Полска отсекогаш гледала кон западната цивилизација, иако постојано била под секакви влијанија. Токму тоа се прикажува и преку рекламното неонско осветлување од 50-тите години, каприц користен од западните метрополи и несоодветен за ригидниот тогашен систем. Неонот е во контраст со тогашната догма и ја расчленува погазената и барана слобода на потребниот колорит од тогашната зачмаеност. Токму во ерата на неонизација творат најдобрите архитекти и графичари и се ангажирани да ги дизајнираат неонските реклами кои се вградени по цели згради или улици (денес истите не постојат повеќе и можат да се најдат во Неон музејот).

Кога повторно се менува политичкиот контекст, Полска се свртува и на несвојствениот за неа постмодернизам, создавајќи делови од градот кои не се разликуваат од многуте други светски градови. Најдоследен претставник на Доцниот модернизам, кој исто така е увезен, е и Универзитетската библиотека, изградена во 1993 година од архитектите Буѓински и Бадовски, со типицен наратив на постмодернистички елементи, користејќи висока техногија и просторна ботаничка градина на кровот, каде оттаму како „ленд марк“ се протега сè до котата на постоечкиот урбан парк.

Карактеристично за нивната транзиција е што тогашното државно финансирање на социјалните потреби преку станбени згради, образование, здравство и вработување, се промени преку градежната експанзија која се храни само од приватни компании и инвеститори. Банкарските каматни стапки сè уште се доста високи и затоа расте ефектот кој е видлив наоколу. Токму поради затекнатиот „невин“ пазар од 80-тите години и нејзиниот потенцијален развој, Полска, а пред сè и Варшава, ги избегна најлошите ефекти од глобалната рецесија.

Со развојниот успех на пазарот успеваат да ги зголемат и стандардите на многу странски и домашни компании за атрактивна и квалитетна архитектура. Со тоа добија на конкуренција и затоа во градот почнуваат да работат и светски познати имиња од архитектурата, како што се Либедскин, Фостер, Бофил. Хроничниот недостаток на канцелариски простор дополнително ја прави Варшава еден од најскапите градови за лизинг во светот. Тој недостаток е предмет на градежна шпекулација чија добивка инвеститорите ја максимизираат преку рента на тој комерцијален простор. Тоа резултира со голема концентрација на бизнис центри и висококатници надвор од реалниот размер и околниот контекст,евтино изградени и со дискутабилни фасади.

Градот продолжува да се развива со веќе заземен правец. Сигурно клучна улога ќе одигра организацијата на земјиштето, каде во случајов ќе понуди еден нов микс на подреденост кој во блиска иднина би требало да даде, се надевам, оригинални и специфични ефекти. Празното меѓупросторно земјиште е само добредојден посредник од претходниот систем, кое благодарение на неговото протегање, успева спонтано да ја контролира новосоздадената шпекулативна маса која има тенденции да узурпира од потребниот јавен простор (што тука го има во изобилие).

Ги помнам сè уште досадните работни паузи во текот на денот, додека дебатиравме со колешката од Вроцлав пиејќи го утринското кафе. Ме изненадуваше нејзиниот став за подобра Полска. Постојано се убедувавме кога и за кого било подобро? Секако, нивната сегашност нуди многу повеќе отколку нашата југословенска опседнатост со успешниот тогашен социјализам. И сè така се губевме во непотребни временски интервали, под влијание на нашите географски традиции...

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото