Европа како Америка

04.11.2016 11:55
Европа како Америка

Имиграцијата веројатно останува главна тема во европската политика. И ќе биде така уште долго време. Таа беше во срцето на кампањата за референдумот во Велика Британија (иако главно се занимаваше со имиграцијата во рамки на Европа). Летото 2015 година Ангела Меркел предвиде дека прашањата за миграциите и азилот „во иднина ќе ја преокупираат“ Европа „многу, многу повеќе“ отколку што претходно тоа го правеа финансиските прашања. Една година подоцна, има малку причини за да се оспори тоа.

Рекорден број од 3 800 луѓе, според извештајот на Обединетите нации, страдаа во Медитеранот од почетокот на оваа година. Европа можеби ги затвори егејските и балканските патишта, но повеќе луѓе од кога било се удавија во централниот Медитеран, очајнички обидувајќи се да стигнат до Италија.

Прашањето за миграциите го обликуваше политичкиот дискурс во Европа, и веројатно ќе продолжи да го обликува. На една страна се либералните интернационалисти поврзани со основните принципи на правото на азил, или за соништата за свет без граници; на другата се ксенофобичните градители на огради кои миграциите ги гледаат како модерна верзија на инвазија на варвари која се заканува на културата и цивилизацијата. За жал преовладува вторава страна.

Една од колатералните штети на пост-фактуалната политика (post-truth politics) е не само што сликата е искривена, туку исто така и историјата се пишува одново. Расистичките видеа на интернет прикажуваат фантазии за Европа „пред“ и „по “ миграциите. „Пред“ се прикажува со редовни сцени од улиците, продавниците и парковите, каде шетаат бели луѓе, или среќни се забавуваат. „Потоа“ се групи луѓе со темна кожа кои напаѓаат жени, се соочуваат со полицијата извикувајќи „Алаху Акбар“.

Суштинскиот наратив на луѓето со предрасуди е што нашиот европски свет се руши под налетот на масовното доаѓање на луѓе од култури со кои не можеме да се мешаме. Во Франција, таа теорија се нарекува „големата замена“и таа делумно се прошири во круговите на десницата, а потполно меѓу екстремната десница. Оваа теорија наведува дека како резултат на имиграциите националното јадро на популацијата ќе биде заменето со не-европски аутсајдери кои ќе го уништат идентитетот на земјата. Одеци од сето тоа постојат во германското движење Пегида, чие целосно име во превод гласи „европските патриоти против исламизацијата на западот“.

Разоткривањето на овие митови е тешка работа. Омразата и страстите стануваат посилни од разумот, документираните факти ја губат силата. Се заборава долгата европска историја на постојаното движење на населението и мешањето на културите. Се учи и се сеќава погрешно: на пример, се вели дека пристигнувањето на Арапите и муслиманите во Франција почнало кога повоената изградба барала дополнителна работна сила, или откако Алжир стекнал независност 1962 година. Впрочем, Алжирците, а особено оние од провинцијата Кабили се населиле во Франција пред повеќе од сто години. Францускиот историчар Бенџамин Стора вели дека вистинскиот предизвик на имиграцијата е „предизвик за запознавање на другиот“ – и тоа важи за двете страни.

Бегалската криза од 2015 година стави огледало пред лицето на Европејците: ги натера да се запрашаат кои се всушност и како се дефинираат себеси и своите постапки. Еден милион и 300 илјади луѓе колку што минатата година стигнале на континентот, претставува само 0,2 проценти од вкупната популација на Европската унија. Со тој број би требало лесно да се справат. Само Германија презема 800 илјади. Таа бројка е еднаква на еден процент од нејзината популација, и е иста со бројката што ја апсорбираше 1992, а која се состоеше од луѓето што бегаа од балканските војни; иста е и како бројот етнички Германци што го напуштија Советскиот сојуз по Втората светска војна.

Кризата од 2015 година многу помалку се однесуваше на самите бегалци – кои знаеја од што бегаат и каде сакаат да одат – а многу повеќе на европските влади и општествата кои не го преземаа својот дел од одговорноста. Впрочем, Европа не се соочува со бегалска и мигрантска криза, туку бегалците и мигрантите со соочуваат со Европа во криза. Скандалозно е што тие го плаќаат тоа со своите животи на Медитеранот.

Демографите истакнуваат дека клучна миграциска година за Европа беше 2014. Тогаш Европа ги надмина САД како имигрантска дестинација број еден, според францускиот демограф Франсоа Еран. Приближно 1,9 милиони имигранти дојдоа во Европа (популација од 508 милиони), а 1 милион во САД (популација 319) милиони. Така во Европа имало 3,7 легални имигранти на 1 000 жители, додека во САД односот бил 3,1 спрема 1 000. Ова е новиот, трансформациски реалитет кој Европејците допрва треба да го прифатат.

Историски гледано, Европа секогаш го извезувала своето население, без разлика дали до оддалечените колонијални поседи заради освојувања или доминација, или во Новиот свет заради сиромаштија, прогон и војна. Сега таа стана најпривлечен магнет и засолниште за оние што бараат сигурност и подобар живот. Едноставно, ние сме многу побогати и постабилни од другите делови од светот.

Нашата разновидност е осудена на понатамошен раст, но не според сценариото на „големата замена“. На Европа имиграцијата ѝ е потребна како инјекција на младост и динамизам, доколку во децениите што доаѓаат сака да ги реши проблемите со недостатокот работна сила и сè поголемиот број пензионери.

Европејците некогаш биле дел од масите кои со бродови доаѓале на островот Елис во Њујорк, или на Докот21 во Халифакс, канадскиот премин за имигранти. Двете места денес се претворени во музеи. Го посетив Докот21 пред неколку години и поминав некое време разгледувајќи ги фотографиите на унгарските бегалци кои бегајќи од репресијата по револуцијата во 1956 година го прославувале своето доаѓање во Канада. Можеби Виктор Орбан, самонаречен „и-либерален“ премиер на Унгарија кој ги одбива бегалците, би можел да го погледне тоа. И уште некои од европските политичари.

Канада и САД се земји кои се создале затоа што луѓето се упатувале кон далечните брегови. Европските нации имаат поинакви корени. Но, Европа би можела да најде инспирација во способностите на овие земји да креираат позитивен наратив кој ја прифаќа миграцијата наместо да ја смета за закана. На Европа како нов континент за имиграција сè повеќе ѝ треба таков наратив.

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото