Разговор со основачот на Википедија

08.06.2010 11:23
Џими Донал Вејлс

Како што расте значењето на Википедија, така Џими Донал Вејлс (1966) станува сè поголема интернет ѕвезда, иако пред основањето на најпознатата интернет енциклопедија немал отпатувано подалеку од Канада и Мексико.

Списанието News го прогласи за маж на годината, а во 2006 г. Time му ја додели титулата на еден од највлијателните луѓе на денешнината.

 
Роден е во државата Алабама. Завршил два факултета. Одреден период имал интернет страница на која објавувал и продавал еротски фотографии. Потоа во 2001 г. ја основа Википедија, чија популарност ги надминала сите негови очекувања.
 
Поради „моќта“ која ја стекнавте со планетарната распространетост на Википедија, малку навлеговте и во областа на политиката. Дали се залагате за глобализација на информациите?
 
Кога размислувам за глобалната мисија на Википедија, визијата не беше таа да биде исклучиво на англиски јазик. Се стремиме кон застапеноста на сите јазици, а досега имаме само 66. Не сакаме да ги преведуваме англиските прилози на арапски или друг јазик бидејќи тоа нема смисла.
 
Наместо тоа, овозможивме секој да придонесе со содржина на Википедија на својот јазик. Не се работи за вообичаениот облик на глобализацијата, туку се стремиме тоа да стане полокално.
 
Дали секој е доволно способен да ја усвои и сфати секоја информација?
 
Нас нè интересира општиот интерес. Содржината би требало да биде достапна секому, на секоја возрасна и писмена личност. Исто така, статиите треба да бидат пишувани на разбирлив јазик. Се разбира, како и во секоја енциклопедија, секогаш ќе има содржини кои ќе бидат понапредни, посложени, кои ќе бараат поголем труд.
 
Дали некаде сте имале проблеми поради тоа што овозможувате информациите да бидат широко достапни?
 
Имаме проблеми со одредени политички системи, најмногу во Кина, каде приистапот до нашите страниците цели три години беше целосно забранет. Денес одредени содржини во таа земја сè уште редовно се филтрираат. Но ние не соработуваме и не учествуваме во цензурата. Отприлика 35 земји спроведуваат одреден облик на цензура.
 
Како е во вашата земја? Понекогаш демократијата во САД е само декларативна...
 
Во САД такво нешто се нема случено. Кај нас не постои можноста да дојде некој политичар и да нè сопре. Но затоа, пак, луѓето ни праќаат е-пошта со предлози за исправки ако објавиме погрешна информација.
 
Бидејќи денес сте финансиски моќни и независни, имате ли планови да се занимавате со политика?
 
Засега тоа е невозможно, немам никаков интерес активно да се занимавам со политиката и тоа би го сметал за едно „лошо искуство“.
 
Википедија е непрофитна, за разлика од Вики која подоцна ја основавте. На кој начин финансиски ја организиравте Википедија?
 
Интересно е дека до многу иновации дојде токму поради недостатокот на средства. Кога и да настанеше некој проблем со страницата, беше нормално да се ангажира модератор, меѓутоа, бидејќи немавме доволно пари, моравме самите да го смислиме решението. Тоа беше тежок, но корисен пат.
 
Не очекувавте дека проектот Википедија ќе се развие во светски рамки. Каква беше вашата визија?
 
Основната идеја беше да се обидеме да завладееме со големите можности на интернетот и да создадеме слободна интернет енциклопедија со висок квалитет за секој на планетава, на секој јазик.
 
Значи, сакавте да го освоите светот...
 
Можеби тоа беше првичната визија, а јас бев оптимист. Подоцна ги проучував најдобрите страници на светот и видов дека Википедија се наоѓа меѓу првите педесет. Бев сигурен дека ако правиш добра работа, мораш да се најдеш меѓу првите сто. Денес се наоѓаме на петтото место. Тоа е веќе исход над моите очекувања.
 
Бројни се забелешките за веродостојноста на Википедија. Имате многу доброволци, што е разбирливо со оглед на опсегот на вашата работа, но од друга страна, дали тоа значи дека главно сте опколени од аматери?
 
Освен волонтерите имаме и стручњаци. Многу области ги покриваме поквалитетно од традиционалните енциклопедии. Во нив има еден куп грешки кои ги нема во Википедија бидејќи луѓето што пишуваат за нас се многу стручни и страсно и’ се предадени на работата. Неодамна германскиот неделник Stern ги споредуваше Brockhaus Online и Википедија, и таа споредба ни одеше во прилог.
 
 
Како ги одбирате доброволците? Можам ли и јас да пишувам за компјутерите за кои, всушност, немам познавања?
 
И волонтерите и стручњаците, кои веќе пишуваат енциклопедии, сами доаѓаат кај нас. Можете да влезете на секоја страница, да кликнете „уреди“ и да ги внесете измените кои останатите веднаш ги гледаат. Наместо модел на контрола, имаме модел на одговорност. Сите промени што ги внесувате се поврзани со вашата корисничка сметка. Луѓето ги гледаат тие промени и веднаш го оценуваат квалитетот на она што го правите. Така што, никој не пишува за она што не го знае.
 
Дали некогаш се појавил некој лудак кој предизвикал „хаос“?
 
Да, имаше такви случаи, но ние имаме добро развиен ссистем на социјални правила и норми. Заедницата има овластување да ги блокира членовите кои прават проблеми. А некогаш само ги предупредуваме. Од друга страна, стручњаците за одредени области, многу академици, доаѓаат и го споделуваат знаењето од чиста забава. А корисниците на Википедија доаѓаат по знаење бидејќи преку весниците често добиваат ѓубре.
 
Можете ли да ги споредите Енциклопедија Британика и Википедија?
 
Британика е ралативно мала и бројот на теми е помал од оној на Википедија. Што се однесува до освежување на податоците, традиционалната енциклопедија се објавува со измените на секои пет години, а ние тоа го правиме секојдневно. Околу одредени податоци се водат големи битки.
 
Околу кои?
 
Понекогаш тешко можеме да се договориме дали одреден податок е доволно значаен или не.
 
Дали некој негативно реагирал на статијата за себе?
 
Понекогаш луѓето ни праќаат е-пошта со исправки за себе. Посебно луѓето со контроверзни биографии. Но точните податоци не им пречат. Политичарите кои биле поврзани со некој скандал, а кои го демантирале, сакаат да бидат сигурни дека демантот е наведен во текстот. Досега не сме се соочиле со ирационални барања.
 
Одбивте секакви реклами и огласувања на Википедија...
 
Многумина ме молеа да ставам реклами на Википедија. Никогаш не се согласив на тоа, иако сум свесен дека годишно би заработувал и до 100 милиони долари. Се надевам дека никогаш нема ни да има потреба за тоа. Времето ќе покаже. Нашата енциклопедија е добротоврона организација. Освен донациите од приватните лица, добиваме пари и преку добротоворна работа.
 
Имаме и големи донатори, како и некои фондации кои нè поддржуваат, а добивме и 2 милиони долари од Google. Меѓу нас не постои соперништво, бидејќи заработувачката не ни е на прво место. Google го препозна нашиот проект како придонес кон интересноста на интернетот.
 
Извор: globus

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото