Како мозокот и вагината прават завера во свеста

07.11.2016 14:21
Како мозокот и вагината прават завера во свеста

„Колку подлабоко навлеземе во анализата на тоа што е 'секси', полесно ќе разбереме дека еротицизмот е чувството на возбуда кое го чувствуваме за друго човечко суштество што ги дели нашите вредности и нашето чувство за важноста на постоењето“, образложи филозофот Алан де Ботон во својата медитација околу сексот. Но, во својот обид да го спротивстави редукционизмот со кој човековата сексуалност е обликувана во чист физиолошки феномен поттикнат единствено од нашата еволутивна биологија, де Ботон оди во спротивната крајност и ја негира сложената меѓуигра на мозокот и биологијата, психологијата и физиологијата, кои го придвижуваат човековото сексуално искуство. Наоми Вулф, автор на култниот класик „Митот за убавината“ од 1991 година, го испитува токму ова поле во новата книга: „Вагина: нова биографија“. Книгата претставува фасцинантно истражување на науката, сместено зад главно погрешно разбраниот однос ум-тело, помеѓу мозокот и гениталиите, свеста и сексуалноста, поетичното и научното. Она што испливува на површина е сознанието колку длабоко женското телесно искуство влијае врз речиси секој аспект од животот, од доживувањето на стресот до креативноста, преку деликатната машинерија што ги поврзува биологијата и бивствувањето. Вулф вели:

Кога е правилно сфатено, женското сексуално задоволство не е само поврзано со сексуалноста или задоволството. Тоа служи и како медиум за женското самоосознавање и за надежта, за женската креативност и храброст, женскиот фокус и иницијатива, женската среќа и трансцедентност, а служи и како медиум или сензибилитет сличен на слободата. Да се разбере вагината правилно значи да се сфати дека таа не е само коегзистентна со женскиот мозок, туку и со дел од женската душа“.

„Откако ќе се сфати она што научниците во најразвиените лаборатории и клиники низ светот го потврдуваат, дека вагината и мозокот се всушност една мрежа или 'еден целосен систем', како што тие го нарекуваат, и дека вагината посредува кај женската самодоверба, креативност и чувство на трансцендентност, одговорите на голем дел од овие навидум мистериозни појави, добиваат смисла“.

Клучен играч во спомнатото посредување има женскиот карличен нерв, како своевиден информативен главен автопат кој се отцепува од базата на ‘рбетниот мозок до матката, поврзувајќи се со мозокот и на тој начин преземајќи контрола врз голем дел од сексуалната дразба. Но овој информативен автопат повеќе наликува на мегалавиринт, чија архитектура значајно се разликува од една до друга жена, односно е целосно уникатна. Оваа разновидност во поврзувањето на крајно сложената женска нервна мрежа служи како објаснување зошто жените имаат драстично различни активатори за оргазам. (Од друга страна, машката нервна мрежа е далеку поедноставна и содржи главно редовни нервни патчиња уредно подредени во мрежата која го опкружува пенисот во своевиден круг на задоволство.) Оваа биолошка реалност, Вулф подвлекува, драстично се разликува од доминантната културно обликувана фантазија околу тоа како треба да се одвива сексуалниот однос:

„Порнографскиот модел (па дури и конвенционалниот културен модел, кој е брз, насочен кон една цел, линеарен и фокусиран на стимулација на еден или два дела од женското тело) не им одговара на многу жени, барем не на подлабоко ниво, бидејќи опслужува само површен дел од потенцијалот на женскиот невролошки систем на сексуална дразба“.

Друга клучна компонента на сексуалното искуство е автономниот нервен систем, кој ги држи конците на сексуалната возбуда и ги контролира мускулните контракции и влијае врз телесната дразба отаде свеста. Овој систем ги вклучува сите посфредни и непосредни соматски оддели и им овозможува да делуваат како целина. Бидејќи возбудата му претходи на оргазмот, автономниот нервен систем треба да ја сработи својата работа пред сложената нервна мрежа да ја активира својата магија:

„За жените, сексуалната дразба вклучува навлегување во променета состојба на свеста... Кај жените биологијата на возбудата е поделикатна од она што кој било од нас би можел да го разбере и во голем дел зависи од овој чувствителен, магичен, бавно смирувачки и лесно раздразлив систем“.

Вулф со сигурност нѐ потсетува дека не е невообичаено жените да имаат физиолошка дразба при силување и покрај огромната психолошка болка и стрес од нападот, но оваа дразба не е исто што и трансцендентниот, повеќедимензионален оргазам кој настапува кога мозокот и телото се во хармонија. Ова важи и за сексуални ситуации кои не се од насилен тип како силувањето, но сепак вршат напад врз автономниот нервен систем на еден или друг начин:

„Доколку се игнорира дразбата на автономниот нервен систем на жената, таа може да има сексуален однос, па дури и климакс, но тоа не значи дека таа ќе се чувствува ослободено, „пренесено“, исполнето или заљубено, бидејќи обљубувањето се случило со само еден површен дел од нејзиниот капацитет“.

Всушност, најфасцинантниот аспект на автономниот нервен систем, кој е апсолутно клучен но премалку сфатен, е дека тој е под длабоко влијание на менталната состојба, управувајќи со непроменливата меѓузависност на мозокот и вагината. Па така, автономниот нервен систем, кој служи како преведувач на психолошкото и физиолошкото, е особено осетлив на она што психолозите го нарекуваат „лош стрес“. (Од друга страна, „добриот стрес“ кој многу жени го чувствуваат кога се возбудени или во симулирано опасни сексуални сценарија каде тие сепак имаат контрола, може да биде предизвикувачки и да разбуди задоволство.) „Лошиот стрес“ произлегува од воочениот недостиг на безбедност, а присуството на безбедност е апсолутно неопходно во катапултирањето на женскиот мозок во оној вид на „висок“ оргазам, кој е можен единствено во оваа неинхибирана транс состојба.

„Оваа биолошка, еволутивна поврзаност, од потенцијална екстаза до емотивна сигурност, за жените има низа импликации. Опуштеноста ја дозволува женската возбуда. Исто како што чувството на вредност и опуштеност може да ја зголемат женската сексуална дразба, 'лошиот стрес' може драматично да ги попречи останатите женски сексуални процеси“.

„Истражувачите потврдуваат дека 'лошиот стрес' го има истиот негативен ефект врз женската возбуда и врз вагината. Кога жената се чувствува загрозено или небезбедно, корегирачкиот нервен систем стапува на сила. Овој систем ја регулира дразбата 'бори се или бегај' при што се ослободуваат адреналин и катехоламини во мозокот, додека секундарните системи како што се варењето и да, сексуалната дразба, се затвораат, циркулацијата се стеснува, бидејќи на срцето му треба крв за да му помогне на телото да се бори или да бега; па така пораката на телото гласи: 'извади ме одовде'. Врз основа на направени испитувања, сега знаеме дека заканувачката атмосфера, која може да вклучува и неопределни вербални закани насочени кон вагината или презрив јазик за вагината, може да доведе до затворање на женската сексуална дразба“.

Посоченото мислење дека биологијата ја предодредува свеста и обратно, се разбира, не е нова. Но, истражувањето кое Вулф го цитира дава силен доказ дека „лошиот стрес“, особено силувањето и раната сексуална траума, може да имаат длабок биолошки ефект:

„Постојат растечки, иако прелиминарни, докази дека силувањето и раната сексуална траума може „да останат во телото“ – па дури и внатре во вагината – и да го променат телото на најинтимно, системско ниво. Закрепнувањето е можно, но потребна е специјализирана терапија. Силувањето и раната сексуална злоупотреба може навистина трајно да го променат функционирањето на корективниот нервен систем, кој е клучен за женската возбуда, па без вистинска терапија ова може трајно да го промени начинот на дишење, пулсот на срцето, крвниот притисок и реакцијата на изненадување кај жената на начин кој е над каква било свесна контрола“.

Она што повеќе изненадува: некои студии дошле до заклучок дека покаченото активирање на корективниот нервен систем е поврзано со разни здравствени опасности кои навидум немаат ништо заедничко со сексуалната траума, вклучително и вртоглавицата, моторичката контрола и балансот, визуелното процесирање и покачената осетливост на изненадување. Со други зборови, сексуалната злоупотреба го менува мозокот на начин кој ги саботира разните телесни системи и ја оштетува здравата осетливост на стрес. Вулф остро ги резимира овие импликации:

„Разбрано на овој начин, а поддржано со значајни докази, силувањето и сексуалниот напад со нивната придружна траума, треба да се сфатат не само како форма на присилен секс, туку и како форма на повреда на мозокот и телото, па дури и како варијанта на кастрација“.

Изложувајќи ја силната врска помеѓу умот и телото, група корејски истражувачи откриле дека стресот и сексуалната траума всушност имаат влијание врз самото функционирање на вагината на биолошко ниво. Проучувајќи ги женките-стаорци, тие откриле дека „хроничниот физички стрес го менува сексуалното однесување преку механизам кој се смета дека вклучува сложени промени во сексуалните хормони, ендоктрините фактори и невротрансмитери“. Тие дополнително го утврдиле прецизниот биолошки механизам, одговорен за оваа длабоко вкоренета меѓуигра:

„Очигледно азотниот оксид и азотниот оксиден ензим играат важна улога во вагината и клиторисот и им овозможуваат на вагиналните мускули да се опуштат, а на вагиналното ткиво да набабри како подготовка за возбудата и оргазмот. Овие хемиски реакции се инхибирани кога жените се под негативен стрес“.

Истражувачите откриле дека женките-стаорци кои биле подложени на стрес биле помалку приемчиви и непријателски настроени кон своите машки партнери, покажувајќи одредена агресија и иритација, па и одбивање на сексуален однос. Стресот им ја намалува способноста на женските стаорци да постигнат возбуда преку намалената циркулација на крв во гениталиите. Научниците заклучиле:

„Во животинските студии, менталниот или физички стрес го зголемува нивото на катехоламините, а со тоа се предизвикува васкуларна контракција која, пак, го намалува протокот на крв и води до сексуална дисфункција... Бидејќи стресот е проследен со зголемена продукција на катехоламини во крвта... разумно е да се заклучи дека протокот на крв во гениталните органи се намалува во периоди на стрес... Ние измеривме норадреналин како непосреден индекс на ниво на катехоламини и откривме негов раст кај стресната група, а помало присуство кај рехабилитираната група. Овој резултат непосредно го поддржува мислењето дека стресот влијае врз протокот на крв кај женските гениталии“.

Најзастрашувачка е идејата дека доколку нивоата на стрес се одржуваат на исто ниво низ подолг временски период, тогаш физиолошките промени што тие ги предизвикуваат може да влијаат врз самото вагинално ткиво. Во тој поглед, истражувачите ги подложиле на испитување овие ткива кај мртви женки-стаорци и откриле „биолошки промени“.

Жените, се разбира, не се стаорци, но тоа само значи дека ефектите од таквиот стрес се уште подлабоки. Вулф смета дека покрај попречувањето на женската способност да постигне оргазам, „лошиот стрес“ исто така влијае врз општиот капацитет за среќа, надеж и креативност. За разлика од стаорците, луѓето се подложни на злоупотреба која оди над физичкото. Вулф ја цитира трагичната и широко распространета културна тенденција за подбив со вагината и нејзината сопственичка, вкоренета дури и во сленгот за женските гениталии:

„Улогата на манипулирање со женскиот стрес поврзан со вагината не треба да се игнорира. Ова однесување, подбивањето со вагината, има совршена инстинктивна смисла. Овие подбивања се често тактички стратегии за насочување притисок врз жените кој не треба да се сфати свесно, но може да се осети на инстинктивно ниво, па дури и да преживее во народното сеќавање, како извлекување широк невропсихолошки одговор на лошиот стрес кој всушност им штети на жените“.

Вулф цитира еден особено вознемирувачки пример:

„Во 2010 година машките студенти на универзитетот Јејл се собрале на еден настан каде нивните женски соученички марширале во знак на протест против сексуален напад. Младите момчиња им дофрлиле на протестантките: „’Не’ значи ’да’ и ’да’ значи анален“. Некои од девојките поднеле тужба против универзитетот, под образложение дека толеранцијата на таквото однесување води до нееднаква образовна средина. Од етичка гледна точка, тие се во право, а од невробиолошка повторно се во право. Речиси сите млади девојки соочени со такви слогани инстинктивно чувствуваат паника. На некое ниво тие примаат порака дека можеби се во присуство на идни силувачи и поради тоа е невозможно само да ги отфрлат незрелите коментари, како што најчесто им се предлага. Жените претчувствуваат дека постои поголем ризик за нив и навистина тој ризик постои, но тоа не е само ризик од сексуален напад. Редовното изложување на стрес од овој тип води до ослабување на деликатната мрежа на невробиолошки механизми и реакции кои им овозможуваат на жените да се чувствуваат добро, среќно, компетентно и самозадоволно“.

Една студија ги именува сложените и долгорочни последици од наведениот стрес како „мултисистемска дисфункционалност“. Оваа здравствена состојба може да доведе до голем број здравствени проблеми: зголемен ризик за дијабетес и срцеви болести, хормонален дисбаланс и проблеми со плодноста кај жените. Но, според Вулф, најштетните последици од овие физички промени се когнитивните и емотивните проблеми:

„Женското тело реагира на истиот начин кон „лошиот стрес“ без разлика на тоа дали контекстот е соба за породување, универзитет или работно место. Доколку женскиот мозок почувствува дека околината не е безбедна, нејзиниот одговор кон овој стрес ги инхибира истите органи и системи, без оглед на опкружувањето. Многу од овие сигнали кои ја погодуваат или намалуваат женската возбуда се поврзани со прашањето кое се појавува во женскиот мозок: дали таа е безбедна? Па така, доколку жената е секојдневно во сексуално опасна или заканувачка атмосфера на работното место или во образовниот систем, таа се соочува со ризик од инихибирање на креативната „дразба на опуштеност“ и надвор од работата или образовната средина, поради кумулативниот, долгорочен ефект од „лошиот стрес“.“

„Доколку жената е под редовен сексуален стрес, останатите делови од нејзиниот живот може да се превртат наопаку и со текот на времето таа може да има потешкотии да се опушти во кревет, на истиот начин како во училницата или канцеларијата. За возврат, ова би го инхибирало протокот на допамин, а тоа пак би го спречило ослободувањето на хемиски супстанци во нејзиниот мозок, кои во нормални услови би воделе до чувство на самодоверба, креативност, надеж, фокус и ефективност, што е особено релевантно доколку таа се натпреварува академски или професионално. Земајќи ја предвид оваа динамика, фразата 'ебано замолчи ја' добива ново значење“.

„Вагината дава одглас на чувството на безбедност кај жената, со тоа што циркулацијата се зголемува, вклучително до самата вагина, кога жената се чувствува безбедно, но крвните садови кои водат до вагината се стеснуваат кога жената се чувствува под закана. Ова може да се случи уште пред жената свесно да го протолкува своето опкружување како заканувачко. Па така, ако постојано вербално ѝ се заканувате или исмејувате на вагината на универзитет или на работно место, вие постојано му сигнализирате на женскиот мозок и тело дека таа не е безбедна. „Лошиот стрес“ секојдневно ѝ го покачува пулсот, пумпајќи адреналин низ нејзиниот систем, каде циркулираат катехоламини и така натаму. Оваа вербална злоупотреба всушност ѝ отежнува на жената да се посвети на професионалните и академските предизвици“.

И покрај цврстите научни докази, најпотресната и сеопфатна поента на Вулф е од антрополошка природа:

„Начинот на кој одредена култура се однесува кон вагината, на пример со почит или непочитување, со грижа или потеценувачки, служи како метафора за тоа како жените во тоа место и време се третирани генерално“.

Извор: www.womenofgreen.com
Превод: Ивана Галапчева
Фотографии: Сара Лорусо

Слични содржини

Живот
Психологија / Теорија
Технологија / Живот / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Наука / Култура / Теорија
Наука / Екологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото