Старата борба и новата иднина

08.11.2016 02:47
Старата борба и новата иднина

Почитувани соборци и соборки,

Би сакал да опфатам неколку прашања: Што значи пратеничката кандидатура за мене; на што ќе се фокусирам во мојот мандат; и збор-два за „ситнењето на отпорот“.

За мене, овој процес е борба, но не за власт. Уште кога одлучивме дека нашата борба ќе биде ненасилна, ние одлучивме дека Груевски мора да падне на избори, за да може да поднесе одговорност за својот криминал. Работата во Собранието на Република Македонија ја гледам токму како тоа, како следниот стадиум во нашата борба за слобода и правда. Процесот на кампања не го гледам како борба за власт, туку како најдолгото и најмачно интервју за работа кое ќе го имам во животов. Фотелјата во нашето Собрание не ја гледам како престиж и како „награда за заслуженото“, туку како огромен товар и најжешкото столче на кое ќе седнам во животот. Така и треба да биде, никако поинаку.

Главниот фокус на мојот мандат ќе бидат целите за кои протестиравме. Прво, злосторничкото здружение на власт и сите останати мора да одговараат за прислушуваните разговори и нивната содржина. Мора да одговараат пред независен и непристрасен суд, а СЈО мора да ја добие сета поддршка која им е потребна во нивната битка со мафијата. Тука не смее да има компромис. Второ, активно ќе работам на зголемувањето и засилувањето на контролата и надзорот врз власта. Длабоко сум уверен дека голема заслуга за денешната состојба на нашата држава имаат партизираноста, неефективноста и злоупотребата на институциите кои треба да ги контролираат властите и функционерите – Државната комисија за спречување на корупција, Комисијата за спречување судир на интереси, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и др. Мора сите да сфатиме дека кога гласно викаме „Никогаш повторно Груевски!“ – ние не мислиме само на лицето никола Груевски. Ние мислиме дека не смееме повторно да дозволиме ниту еден човек, партија или центар на моќ да може да го направи тоа што Груевски го направи со Македонија – да ја киднапира секоја нејзина пора и да го убие слободниот дух и критичката мисла. Во останатите сфери ќе ги поддржам другите програмски приоритети на коалицијата чиј дел сум, се разбира, земајќи ја предвид здраворазумската критика и евентуалните силни аргументи против истите.

Што се однесува до бројните критики и „ситнењето на отпорот“ – мислам дека критиките се здрави и потребни, а ситнењето на отпорот е фиктивно. Сè додека ја имаме истата цел – детронизација на бандата на Груевски, одговорност за криминалците и реформирање на нашата држава, ние не можеме да говориме за ситнење на отпорот. Бидејќи сите сме дел од него. На свој начин. Критиките нè прават посилни и тие се духот на нашата борба – борбата за слободна мисла, неограничена од суетите на тие кои се критикувани.

Со други зборови – критикувајте, друштво. Тоа се очекува и ништо помалку од тоа. Само така можеме да сме сигурни дека ние нема да бидеме следниот режим.

За крај, сакам уште еднаш да повикам да го задржиме нашиот фокус. Имаме режим за буткање, криминалци за гонење и држава за оправање. Вчера навршија и три месеци од кобните поплави – причините за енормните штети не се отстранети, нивната исплата оди премногу бавно и селективно, а и никој сè уште нема поднесено одговорност за своето неодговорно, некоординирано и неадекватно работење во рамките на системот за превенција и справување со поплави.

Извор: Фејсбук профилот на авторот

ОкоБоли главаВицФото