Голем шок

09.11.2016 12:41
Голем шок

 

Се случи она што до неодамна никој не можеше да го замисли: Доналд Трамп ќе биде следниот претседател на САД. А последиците... Тие не можат ни да се согледаат.

 

Доналд Трамп успеа. Со предизборната кампања која се темелеше на лични навреди, ароганција и незнаење, не само што успеа да ги активира најниските инстинкти на гласачката клиентела разочарана од политиката, туку со таа стратегија успеа и да победи на изборите. И повеќе од тоа: не само што победи, туку тоа е јасна победа, чија убедливост никој не ја сметаше за можна.

Успехот на Трамп е триумф на алармантниот и делумно вулгарен популизам и шлаканица за естаблишментот и политичката елита на САД и нејзината претставничка Хилари Клинтон. Клинтон како противничка беше речиси исто толку неомилена колку и самиот Трамп. Освен тоа, таа со својата афера со електронските писма постојано даваше нови поводи за напади. И покрај тоа, драматичниот успех на Трамп не изборите не може да се објасни само со непопуларноста на Клинтон.

Вентил

Победата на Трамп во многу поголема мера е израз на длабокото незадоволство, ако не и омраза присутна меѓу многу граѓани. Омраза кон статусот кво, глобализацијата и политичкиот систем во Вашингтон. Во многу анкети, Американците ставија до знаење дека нивниот животен стандард и изгледите за иднина се полоши отколку во времето на нивните родители. Трамп беше вентил за давање политичка оддишка на незадоволството на традиционалната бела работничка класа. А Хилари Клинтон беше згоден противник. Нејзината тешко извојувана победа на интерните избори на Демократите за кандидат во претседателската трка против Берни Сандерс, дотогаш непознат социјалист од Вермонт, беше знак за предупредување.

Успехот на Трамп е и шлаканица за етаблираните медиуми и трустови мозоци, со сите нивни стручњаци и истражувачи на јавното мислење. Зашто, никој од нив не сметаше сериозно на победа на Трамп. И - успехот на Трамп, најпосле, е шлаканица во лице за традиционалните сојузници на САД кои во најголем дел навиваа за Клинтон и против Трамп. Кремљ, до душа, сигурно ќе се радува - Трамп повеќе пати го фалеше Владимир Путин.

Глобалната улога на САД доведена во прашање

Што точно значи победата на Трамп за САД и светот, тоа по неговата изненадувачка победа тешко може да се предвиди. Тој нема никакво политичко искуство кое би можело да послужи како мерило за таква проценка. Освен тоа, тој не поднесе никаков кохерентен внатрешнополитички и надворешнополитички концепт, а во неговиот штаб, освен по некој исклучок, нема доволно искусни луѓе.

Она што уште сега може да се каже е дека победата на Трамп го доведува во прашање статусот кво во САД и досегашниот светски поредок и улога на САД во него. Но не се знае што точно тоа значи. Како претседателот Трамп, кој како никој друг ги подбуцнуваше различните етнички групи една против друга, ќе успее да ја обедини длабоко поделената земја? Дали Трамп ќе се обиде да ги спроведе на дело своите изолационистички и протекционистички предизборни пароли? Како Трамп навистина изгледа на водечката улога во САД и во трансатлантскиот одбранбен сојуз НАТО, кој за време на кампањата повеќепати го нарече излишен? Како претседателот Трамп ќе постапи со трговските договори кои САД ги склучија со бројни држави и за кои рече дека треба повторно да се преговара? Како претседателот Трамп ќе се однесува кон муслиманите во целиот свет, кога како кандидат бараше да им се забрани влез во САД, а како ќе се однесува кон Латиноамериканците кои за време на кампањата ги навредуваше? Дали Трамп, како што најави, ќе истапи од Парискиот договор за климата? И, на крајот, како претседателот Трамп, кој уште за време на кампањата го поставуваше прашањето зошто САД не употребат атомско оружје, како тој ќе постапи со нуклеарниот арсенал на својата земја? И каква улога ќе има во сето тоа Конгресот кој го контролираат Републиканците?

Ниту едно од овие прашања во овие мигови сè уште нема одговор, посебно не смирувачки. Со победата на Трамп, САД и светот стапнуваат на непознато тло. Јасно е само едно: со претсеадтелот Трамп нè чекаат немирни времиња.

Извор: Deutsche Welle
Слики: HappyToast