Тие што не ја разбираат победата на Трамп, не го разбираат духот на времето

09.11.2016 15:40
Тие што не ја разбираат победата на Трамп, не го разбираат духот на времето

Би рекол дека тие што не ја разбираат победата на Трамп и импликациите врз светот, Балканот и нас не го сфаќаат духот на времето.

Сржта на проблемот е што либералната демократија од финансиски неолиберален тип не функционира. На глобално ниво. Не функционира, затоа што и тој економски раст што го испорачува се редистрибуира крајно нееднакво. Незадоволниците од овој систем со право бараат суштински промени.

Тие промени, секако, им ги нудат десничарски демагози и популисти во вид на едноставни решенија („ќе изградам ѕид, ќе забранам влез на муслимани, ќе излеземе од ЕУ“).

Нашиот случај е различен бидејќи тој систем кај нас ВЕЌЕ е крахиран, веќе краткото искуство со либералната демократија е доживеано како целосен неуспех и веќе 10 години владеат десничарски популисти кои на огромен дел од населението му испорачуваат едноставни решенија за егзистенцијалните проблеми.

Да, зборувам за клиентелистичкиот систем на ВМРО. Ако мислите дека вработениот во администрација после години невработеност НЕ ЗНАЕ за фактот дека некого утепала полиција и се обидела да скрие, дека државата безочно се краде, дека УБК прислушкува и снима сè живо и диво, тогаш се лажете.

Многу добро знаат. Но, кога егзистенцијата ти е доведена во прашање, ќе замижеш пред секакви неправди и ќе си рационализираш дека оние што се осмелуваат да ти го нарушаат ресурсниот раат се предавници, комуњари, исти... или на крајот на краиштата, не се замараш со политика.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Дојранлиев