Зовриена кинематографија

08.06.2010 15:29
subversive-film-festival-00.jpg

Ретроспективата на филмови од социјалистичка Југославија настанати во периодот меѓу 1955 и 1990 г., која се одржа во рамките на филмскиот фестивал Subversive, претставува најопсежна презентација на екс-ју филмот досега.

Италијанскиот филмолог Серџо Џермани Грмек избра 71 долгометражен филм, како и по еден долгометражен документарец, среднометражен игран и краток игран/документарен филм.

Честа да се најдат во целовечерното филмско друштво ја добија „Комунистите на Југославија“ (Komunisti Jugoslavije) од 1975 г. на Крсте Шканата, еден фасцинантно динамичен и артикулиран историски преглед на развојот на социјалистичките и комунистички идеи и нивните протагонисти на југословенско тло, потоа трогателно емотивниот, стилски и наративно беспрекорно изведениот „Изгубениот молив“ (Izgubljena olovka) од 1960 г. на Федор Шкубоња, како и „Долу плотовите“ (Dole plotovi ) од 1962 г. на Душан Макавејев, ода на индивидуалната и групната слобода.

Сепак овие филмови беа мало отстапување од ретроспективата, чии останати дела беа доживеани како исклучително контроверзни. Имено, Серџо Грмек во својот избор ги избегна канонизираните класици, инсистирајќи на помалку познатите наслови и автори од кои некои дури и за упатените филмофили претставуваа непознати. Притоа истакна дека нема намера да руши еден канон и да поставува нов, туку да ја покаже креативната широчина на југословенската кинематографија и да предупреди на постоењето низа филмови и автори кои подеднакво се вредни како и оние општопризнаените. Најголемата добивка од оваа ретроспектива е тоа што самата таа уверливо ја потврдува оваа теза на Грмек.

Навистина, од стекнувањето целосна занаетска вештина и креативна зрелост кон средината на 70-те, преку полетот и врвот на т.н. авторски филм за време на 60-те, до смирувањето во 70-те и 80-те, југословенскиот филм нудеше многу.

Стилски фино обликувани мајстории на класичната нарација и жанровското структуирање, умерен и радикален модернизам со својот „главен бренд“, модернистичкиот натурализам на црниот бран, површински значително попитомата, но длабински изразена песимистичка струја на општествено-критичкиот филм која следеше, па посебните авторски таленти како Боштјан Хладник, Желимир Жилник или двајцата „луди Медитеранци“ Лордан Зафрановиќ и Живко Николиќ.

Ретроспективата ја потврди исклучителната вредност на Живоин Павловиќ, кој доби посебен ретроспективен простор од седум филмови, но и укажа на интригантноста на филмското дело на познатиот сликар Миќа Поповиќ и ликовниот критичар и подоцнежниот ТВ класик Ѓорѓе Кадијевиќ, кои во златниот авторски период од средината на 60-те до почетокот на 70-те останаа во сенката на величините како Павловиќ, Петровиќ, Макавејев, Ѓорѓевиќ, Мимица, Бабаја или Клопчиќ.

Сепак, не беше сè толку сјајно. Многу е нејзасно зошто Грмек не смести ниту еден филм од првакот на класичната жанровска нарација од 50-те, Владимир Погачиќ, а го вклучи Радош Новаковиќ и неговиот „Песна од Кумбара“ (Pesmu sa Kumbare) од 1955 г., типичен претставник на југословенската филмска наива (во жанрот историски филм), која од оваа ретроспектива беше исклучена. Но таквите промашувања се занемарливи во програмата исполнета со добри нешта.

Најголеми изненадувања меѓу нив беа „Црни птици“ (1967) на Едуард Галиќ, „Топли години“ (1966) на Драгослав Лазиќ, „Секи снима, пази се“ (1962) од Маријан Вајда и „Три чекори во празно“ (1958) од Војислав Нановиќ.

„Црни птици“ претставува брилијантно конципирано и режирано остварување во кое маестрално се спојуваат артот и жанрот. Од една страна, се работи за поджанрот затворски филм со бегство, но овде со додаток на воен филм со делумно авантуристичка амбиентација (мочуриште), а од друга страна за модернистичка стилизација на натуралистичката граѓа со битнички поетско-метафизички сегменти. Зачудува начинот на кој Галиќ ги спротивставува светлото и темнината во создавањето слики и како го гради односот на оној што гледа и гледаниот, а притоа секој кадар совршено е компониран и вткаен во монтажната низа. Сето тоа резултира со исклучителна атмосфера за која придонесуваат и интригантните процеремонијални сцени. Филмот не е лишен од суптилната политичка провокативност, а кон својот крај го навестува враќањето на усташите во 90-те.

Познатиот сценаристички тандем Михиќ-Козомара се наоѓа во соновите на „Топли години“, посебен спој на нежна љубовна приказна и натурализам зачинет со модернистичка скокачка нарација, во чија завршница егзистенцијалната безнадежност добива некаква надеж. Иако е преполн со „објективни“ грешки и вишоци, „Топли години“ претставува еден од најубавите југословенски филмови и еден од оние ретките во кои сексот не е агресивна демонстрација на машката доминација, туку израз на љубовта.

„Шеки снима, пази се“ го следи гласот на првиот југословенски треш филм, но тој е многу повеќе од тоа. Со структура која се распаѓа и која едвај некако се задржува во целина, филмот го сатиризира естрадниот кич и сликовитиот дилентатизам кој се крие под плаштот на авангардата, истовремено произведувајќи го она што го критикува – кич и поп авангардата. Тоа кружно семантичко движење е навистина фасцинантно, како и мешањето на етното, попот и џезот во музичките нумери кои со децении им претходат на Тамара Обровац и компанија, само што „Шеки...“, за разлика од другите, кон тоа пристапува со добродушна доза на иронија.

Најпосле, „Три чекори во празно“, за разлика од вечниот ривал Радош Новаковиќ, го прикажува доајенот Војо Нановиќ како модерен и многу интересен автор. Таа страствена приказна за љубовниот триаголник меѓу шверцерите нуди несекојдневни експресивни протагонисти и импресивна атмосфера, силно повикувајќи се на најдоброто од наследството на француската кинематографија – поетскиот реализам, Виго, Реноар и Жак Бекер.

*Од македонските филмови во изборот на Грмек влезе само филмот „Црно семе“ (1971) од Кирил Ценевски.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото