Одгласи од „Подрумот на балканскиот Фрицл“ на Бранко Тричковски

10.11.2016 14:50
Одгласи од „Подрумот на балканскиот Фрицл“ на Бранко Тричковски

Кога познатиот автор Бранко Тричковски ми се јави и ме замоли да проговорам некоја минута на свеченото обележување на излегувањето на неговата најнова книга „Во подрумот на балканскиот Фрицл“, почестен и поласкан, со радост ја прифатив задачата. Меѓутоа, истиот миг штом ја спуштив слушалката, ме приклештија амбивалентни чувства: покрај топлината што се ширеше од центарот за самољубие што автоматски се вклучи зашто бев поканет од неприкосновено првото журналистичко перо во Македонија, се појави и некаква студена трема од сознанието дека треба да бидам на височината на писателска појава што е објективно многу повисока од моите дострели. Неволјата на спротивставените чувства уште повеќе се зголеми ден подоцна, кога Тричко ми ја подари „балканскиот Фрицл“ во свечената атмосфера на кафето „Корзо“, при што испадна дека се работи за збирка куси коментари и записи што авторот ги објавувал на социјалните мрежи, најмногу на Фејсбук, во текот на годината 2015 и уште неколку месеци кусур. Оваа нова чешит форма – класична хартиена книга полна со електронски пораки – и не ме сепна толку како фактот што јас не само што не сум жител на архипелагот Фејсбук, туку и нежно одгледувам филистерски предрасуди против социјалните мрежи што ме попречуваат не само да учествувам во нив, туку и да погледнувам во нивна насока.Тој неразбирлив шум што се слуша кога ќе се приближите до некој од отворите на тие мрежни кибер-зданија, ми будеше емотивно сосем спротивна асоцијација, ми ги обновуваше детските сеќавања на неописливите дебармаалски летни зајдисонца, кога на редиците високи тополи околу зоолошката градина и градскиот парк, ќе слетаа десетина илјади чавки на својата редовна дневна пленарна седница. Уште го имам во главата сеќавањето на тој неверојатен позадински малоградски шум, создаден од илјадници чавчкини грла, единствен и густ, но со висока резолуција, со чувство дека ги слушате сите гласови поединечно, и со некоја неверојатна темна просторност на бучавата, што создаваше чувство за недофатна длабинска распространетост.

Но, по седум дена читање и препрочитување на записите на Тричковски од подрумот на балканскиот Фрицл, од моите анимозитети не останаа ниту прашни траги, зашто книгата – на мое големо изненадување - е како моќен толкиновски еп, како рецитал со дневнички записи од патувањето низ смртоносните кањони на Мордор - Земјата на Злото, и борбата со Сауроновиот началник за Македоња и неговите одвратни црни орди - Толкиновите Орци, што Тричковски ги нарекува чипирани идиоти. Оваа неверојатна литературна форма во која кусите записи што хроничарот од Корзо ги запишувал катадневно, собрани и компримирани во еден епски долг исказ, ме запрепасти со богатството на мисла, хумор, емотивни врисоци, луцидни анализи, литературни стилски вежби и длабоки вивисекции на македонската општествено-политичка, културна и психосоцијална патологија. Читањето на „балканскиот Фрицл“ ме исправи пред вистинска авторска височина што успеа во хоризонталната структура на социјалните мрежи да ја изгради својата сопствена планина на музите, својот Парнас, од кој надалеку ќе се слушаат неговите умосерини, како што самиот понекогаш ги нарекува стиховите од неговото пеење. И, ако остана нешто од мојата асоцијација на некогашните чавкешки социјални мрежи на скопските тополи, тоа е само сознанието дека Тричковски успеал во тривијалниот електронски медиум да издигне литературна и морална вертикала, висока како сајбер-топола и од нејзината највисока гранка да ги грака своите пораки што реско ја просветлуваат нашата самрачна реалност.

Формата на книгата за балканскиот Фрицл е дневничка хронологија на реакциите на авторот на случувањата од нашата јавна политичка и културна сцена, но присутни се и секакви лични асоцијации, пораки, и мисли што авторот обично си ги потпевнувал себе си како на единствен слушател. Кога овој мисловен порој што продуцирал и до десеттина искази на ден, се претвори во еден аналоген и синхроничен запис, се доби неверојатно парадоксален резултат. Откога се окаменија во печатена хартиена форма, исказите на Тричко што во сајбер-просторот ја следеа линеарноста на времето, и беа доживувани секогаш како поседователни единични искази; наредени еден до друг - тие се покренаа и станаа забрзана и гротескна анимација на се што и се случуваше на културно разорената Македонија и на вознемирениот автор во неа. Тоа е како случувањата во подрумот на Фрицл да сте ги фотографирале секој ден, а потоа, по година и кусур дена, да ги проектирате овие слики со брзина на филмската лента, и да видите како настаните што сте ги доживувале поединечно, наеднаш го оживуваат и придвижуваат општественото тело во еден непредвидлив, перверзен или чуден и зловест, дури смртно елегантен танц. Најневеројатното во овој танц, во овие некогаш сосем фантазмагорични движења, е што се тие всушност холографската проекција на пулсирањето и дамарите на свеста и совеста на авторот, на неговата новинарска, културна, морална и длабоко човечка мисловна самоидентификација. Кога ќе ја раширите во рацете оваа книга, анимацијата на илјадниците стоп-снимки на свеста на Тричковски и на рефлексиите на случувањата во Македонија што од неа се одбиле, како да држите анимиран енцефелограм на тековите на неговата свест, некаков производ на најсовремената електронска парамедицинска социјално-мрежна машина за дијагностика, на којашто авторот доброволно се приклучил.

Суштинската мисија на авторскиот крик од највисоката гранка на Фејсбук е лустрацијата, осветлувањето на културниот и општествено-политичкиот мрак во кој живееме веќе цела деценија, при што Тричковски се нафати за најтешкиот дел од борбата против Злото што ја девастира македонската култура и демократија, а тоа е анализата на состојбата на свест на нацијата што ја овозможи Диктатурата на глупоста. Демистификацијата на режимот на Груевски и армијата чипирани идиоти е врвната цел на фејсбук-епот на авторот, како, конечно, и на сите негови скорешни писанија. За исполнувањето на оваа мисија Тричковски ја впрегна сета своја благоглаголивост и аналитичност, иронија и сарказам, способноста за разоткривање и самокритичност, завидната ерудиција и писателското мајсторство на зборот, но и својата животна супстанца и енергија, радоста, солидарноста и емпатијата, бесот, гневот и жешката омраза. Во одгласите од подрумот на балканскиот Фрицл, Тричковски напиша вистински еп за борбата помеѓу Доброто и Злото, осветлувајќи ги со своите коментари и најтемните катчиња на местото на злосторот и најмрачните страни на злото и најсрамните чувства на жртвите. И, како никој досега, со болна саморефлексија, ја осветли и најразорната вистина за вмровското зло, а тоа е нашето сопствено колективно соучество во него, најмногу преку самокретенизацијата и паѓањето во рацете на лажните митови за сопствената историја, за вемерето, преку интелектуалниот кукавичлук и комформизам и безбедната индиферентност пред злото што ни ги јаде децата.

Конечно, насловот на книгата чиешто излегување денес го одбележуваме, е можеби најпрецизната афоризматична дефиниција на нашата општествена несреќа. Фрицл е Груевски, подрумот е неговата лоповска верзија на фашизмот, а жртвите од неговиот подрум сме сите ние. Се сеќавате ли кој е вистинскиот Фрицл? Тоа е монструмот што до неговото апсење 2008 година, ја држел затворена сопствената ќерка во подрумот на својата куќа, каде што со децении ја силувал и со неа зачнал седум деца. Овој перверзен злочин во својата структура ги носи својствата на македонската современа трагедија: режимот на ВМРО во своите политички гени ја носи психопатологијата на силувачот – најодвратниот злосторник што сака да биде сакан и почитуван од своите жртви, а македонските граѓани се типичните жртви на перверзно семејно насилство од библиски размери. Нашето однесување во милиметар се совпаѓа со реакциите на жртвите што биле силувани во името на големите авторитети, институции и митови, какви што се Таткото, Црквата и нејзиниот Бог, Нацијата и Државата. Силуваните деца во ходниците на католичките институции, силуваните жртви на домашното насилство, децата на Јозеф Фрицл, исто како и жителите на Македоња Вечна, самите ги криеле и толерирале своите мачители, штитејќи го своето уништено достоинство и големите Митови и Авторитети во чиешто име бил вршен злосторот.

И, токму за таа пристојност на силуваните жртви, која е практично најцврстата структура врз којашто се потпира режимот што врши насилството врз нив, Тричковски ги кажува можеби најлуцидните зборови во неговиот подрумски еп. Тоа се зборовите во слава на говорот на омраза, да, во одбрана на омразата против злостониците, зашто токму разоткривањето на лажниот мит за политичката коректност на жртвите, за нивната пристојност и за неприфатливоста на говорот на омраза, се наѕира вистинскиот и – по мое убедување – единствениот пат за борба и ослободување од мрсулавиот фашизам на ВМРО. Автентичниот антифашизам е практично незамислив и невозможен без органската, жешка и огнена омраза кон фашизмот, а исто е и со мрсулавиот фашизам. За режимот на вмровските силувачи на македонската модерна култура и самобит, усвитената омраза е единствената емоција што може да ги покрене луѓето на соодветна реакција против Злото, а Тричковски тоа го созна пред сите нас и ни го соопшти во најновата збирка напатствија за борба против Злото, во неговите одгласи од подрумот на балканскиот Фрицл, испеани од највисоката гранка на Фејсбук.


Реч при промоцијата на најновата книга на Бранко Тричковски, „Во подрумот на балканскиот Фрицл“ (Везилка 2011, ноември 2016)
Слики: Свирачиња (врз фотографии од Хичкоковиот филм Психо)