За свињата што јадела бебиња и делчиња од дечиња

11.11.2016 02:09
За свињата што јадела бебиња и делчиња од дечиња

На крајот на светот, кајшто сеуште во изолација живееле неколку занемарени племиња, отаде непрегледните полиња, имало село во кое главна светиња била една - свиња. Наспроти сите други свињи на светот, кои кркале, на пример, дињи, оваа свиња сакала да јаде бебиња. И не само тоа! Оваа свиња сакала да јаде делчиња од дечиња.

И не само тоа! Дечињата требало да бидат сервирани во тенџериња.

И не само тоа! Делчиња од дечињата требало да се служат башка: носињата, ноџињата, главчињата...

„Прстиња да полижеш од тие рачиња во тавчиња!“, се сладела свињата и барала башка да ѝ ги издвојат и мозочињата.

Мештаните на свињата ѝ нуделе сосови од мозолчиња и чирчиња, црвчиња, телиња во тегличиња, мачиња, кучиња, рогчиња од козичиња, рокчиња од полжави, ракчиња, шеќерчиња, лепчиња итн. - но свињата си преферирала бебиња и евентуално делчиња од дечиња:

„Главчињата со капчиња да ми се сервираат покрај врапчиња испечени на врели камчиња! А дечињата да ми бидат исчистени од ковчиња, кожичиња и запчиња!“

Порано, племињата памтеле, за време на змејовите, се принесувале невини момиња. Но, џиновската свиња ги одбивала дури и нив. „Само бебиња и евентуално парчиња од дечиња“, инсистирала монструозната свиња.

Се разбира, племињата во селото биле очајни а целата ситуација била наполно тиња. Какво е, впрочем, тоа место во кое светиња е џиновска свиња?! Како врз очите на племињата да паднале пердиња. Како сите да живееле во невидливи јажиња...

Јасно им било: заедно со змејовите пред џиновската свиња исчезнале и момчињата со мадиња. Во селото останале само ѓубрињата и шапшалчињата: попчиња, свињарчиња, адвокатчиња, професорчиња, трговчиња, сликарчиња, писателчиња... Плус храната за свињата: бебињата, дечињата и несаканите момичиња.

Дечињата за свињата локалните ѓубриња ги собирале од селските клупчиња. Ѓубрињата на свињата имале клучиња од клупчињата. Откако ќе ги собереле дечињата, попчињата на скиичиња биле задолжени, ко поштарчиња на ѓубрињата, да ги носат, топтан, и дечињата и бебињата - кај свињата.


Попчињата оделе во придружба на џуџињата кои носеле разни џиџиња за свињата, ама таа си останувала на своето:

„Нејќу запчиња, жапчиња, апчиња, семиња... - сакам само бебиња. И евентуално делчиња од дечиња.“

Бидејќи во селото немало момчиња со ѓулиња-мадиња, кои би можеле да им се спротистават на локалните ѓубриња во служба на џиновската свиња, работата дошла до селската кнегиња.

„Гревчиња се тие бебиња!“, ѝ рекла кнегињата на својата советничка монахиња. „Како да ги спасиме?!“

„Тие духчиња можеме да ги спасиме само со крвчиња“, била убедена монахињата.

И така, храбрата селска кнегиња и монахињата отишле кај свињата и ѝ понудиле крстчиња.

Свињата збеснала. „Ни крвчиња ни крпчиња! Ни значиња ни зракчиња! Ни ѕверчиња ни ѕвончиња! Никакви трикчиња! Сакам само бебиња и можеби парчиња од дечиња“, јасно рекла свињата.

Кнегињата тогаш понудила и минералчиња, металчиња, материјалчиња, копчиња, коралчиња...

Набрзо понудила и пилиња, јагниња, орлиња, бикчиња, слончиња, змиичиња... Еве, земете ги и сите миленичиња!

-А момичињата? - неочекувано прашала свињата.

По кратката консултација со монахињата, кнегињата решила на свињата да ѝ ги испорача вкупом и момињата и момичињата, сè со цел да се спасат бебињата и дечињата.

Други велат дека од туѓина момчиња-коњаничиња дошле и со ѓулиња ги убиле и локалните ѓубриња и џиновската свиња.

А затечените дечиња ги ставиле во креветчиња.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото