Лајковите и Твитер ја убиваат моќта на интернетот

11.11.2016 11:33
Лајковите и Твитер ја убиваат моќта на интернетот

„Можеби станувам премногу строг како што стареам. Можеби ова е природна технолошка еволуција. Меѓутоа, не можам да ги затворам очите пред она што се случува – пред исчезнувањето на интелектуалната моќ и разновидноста. Некогаш мрежата беше толку моќна и доволно сериозна за да завршам в затвор заради неа. Сега е малку повеќе од обична забава. Тоа оди дотаму што дури ни Иран не сфаќа сериозно некои сегменти, како што е Инстаграм, и не им го блокира пристапот“, пишува Декаршан во „Гардијан“.

Зборувајќи за активизмот на интернет, леснотијата на кликањето и анестезирањето на вистинските акции, што не се гледа само во Иран, туку ширум светот, иранскиот блогер вели дека на интернетот денес му треба спасување.

„Ми недостасува времето кога луѓето си дозволуваа и одвојуваа време да бидат изложени на поинакви мислења, кога читаа повеќе од еден пасус или 140 карактери. Ми недостасуваат деновите кога можев да напишам нешто на својот блог, да објавам на мојот домејн, без да потрошам исто толку време за промоција преку социјалните мрежи. Деновите кога никому не му беше грижа за лајковите и споделувањата и идеалното време за постирање. Тоа е мрежата на која се сеќавам пред затворот. Тоа е мрежата што мораме да ја спасиме“, наведе Деракшан.

Тој рече дека наскоро интернетот ќе биде колекција на апликации за мобилни телефони, а не група сајтови, додека парите ќе доаѓаат од претплати, а не од огласување – „нешто како пакетите за кабловска телевизија“.

Човекот кој ненадејно беше ослободен кон крајот на 2014 година, вели дека шест години в затвор е долг период, но за дигиталниот свет тоа е цела ера.

„Пишувањето не е променето, но читањето, или барем да бидеш читан, сето тоа е драстично поинакво. Ми рекоа дека социјалните мрежи се клучни, па напишав пост на Фејсбук. На Фејсбук не му беше грижа, постот изгледаше досадно и добив три лајкови. Три!“, наведува тој.

Тогаш Деракшан сфатил дека сè се променило.

„Не сум опремен за играта на новиот терен. Сè што изградив, целиот труд, сè пропадна. Бев уништен. Блоговите беа злато, а блогерите рок ѕвезди кога бев уапсен. Секој ден ме читаа 20 000 луѓе, читаа внимателно и оставаа многу релевантни коментари, дури и оние што ме мразеа. Можев да пофалам и понижам секого, се чувствував како крал. Ајфонот беше млад, само една година, смарт телефоните се користеа за разговори, пораки, мејлови и сурфање. Немаше вистински апликации, секако не вакви, немаше Instagram, SnapChat и WhatsApp. Наместо нив, постоеше мрежата, а на мрежата имаше блогови – најдоброто место за алтернативна мисла, вести, анализи. Тоа беше мојот живот“, наведе тој.

Тој вели дека некогаш хиперлинковите беа „монета“, заштита од централизацијата.

Кога излегов од затвор, сфатив дека хиперлинкот е девалвиран, речиси непотребен. Секоја социјална мрежа го третира како кој било друг објект, фотографија, текст. Ве охрабруваат да постирате еден линк, да го изложите на квази-демократскиот процес на лајкување или ставање плусови или срциња. Но, линковите не се објекти, тие се врски помеѓу објектите. Ваквата објективизација ја оттргна големата моќ од линковите“, смета иранскиот блогер.

Во помалку романтичниот пристап на сето ова, тој додава дека линковите некогаш беа „очите на мрежата, патот кон нејзината душа“.

„Слепата страница, страницата без линкови, не може да гледа кон друга страница. Тоа има сериозни последици на динамиката и моќта на мрежата“, смета тој.

Деракшан вели дека е главен противник на „филозофијата на стримувањето“.

„Најголемиот противник на линкот е филозофијата на стримот, која ги комбинира двете најдоминантни и најпреценети вредности на денешницата – новостите и популарноста. Стримот е доминантен начин за консумирање информации. Сè помалку корисници ги проверуваат веб страниците, а наместо тоа добиваат постојан стрим од информации издвоени од комплексни и скриени алгоритми... Не ви треба ни прелистувач. Отворете ја Фејсбук апликацијата на телефонот и таму сте. Планината дојде до вас“, наведе.

Деракшан доаѓа до клучното нешто – лајкувањето.

„Нашиот глас се лајковите, срцата, ѕвездите – тие се многу поблиски до слатките аватари и статусите на познатите од суштината на она што се постира. Најбрилијантниот пасус на некој обичен човек ќе биде изоставен, додека глупостите на познатите веднаш ќе добијат моќна позиција на интернет“, наведува тој.

Тој вели дека интернетот некогаш беше како книгите, простор каде се истражува, сега книгата-интернет стана телевизија-интернет.

„Кога ќе се логирам на Фејсбук, почнува мојата ТВ програма. Сè што треба да направам е да прелистувам...“, наведува тој.

Деракшан вели дека централизацијата му ја одзеде моќта на обичниот човек во однос на корпорациите и владите.

„Иронично е што државите кои соработуваат со Фејсбук и Твитер знаат повеќе за граѓаните отколку Иран, кој со цврста рака го контролира интернетот. Она што заплашува повеќе од тоа што нè набљудуваат е контролата. Понекогаш Фејсбук подобро нè познава од родителите, а тогаш светот станува предвидлив и за владите и за компаниите. Предвидливоста значи контрола“, наведува тој.

Извор: https://www.theguardian.com

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни Простори / Свет

ОкоБоли главаВицФото