Лумпен-интелектуалци

11.11.2016 12:58
Лумпен-интелектуалци

Карл Мајнхам вели дека „од социолошка гледна точка решавачкиот факт на модерното време, за разлика од ситуацијата во Средниот век, е дека е скршен монополот на кастата на свештениците врз еклесиастичката интерпретација на светот (…) а се издигна слободната интелигенција“[1]. И ние таа разлика можеме да ја направиме, дури и со „омразеното“ време на социјализмот, каде слободата на мислата, на говорот, на дејствувањето, сепак, беа познати нешта. А тоа нешто беше целосно заобиколено, дури поставено на глава, во изминатава деценија, која што нè врати во времето на партиското „свештенство“ кое ја проповеда едната и единствената вистина – онаа на Лидерот! А околу нив цела сурија лумпен-интелектуалци и гласноговорници, застани во редица за ветениот им грст сребреници!!!

Но, суштественото прашање кај нас (не само) во овој миг би било: до каде може да оди релативизирањето на сè во државава, па дури и на криминалот, особено од страна на интелектуалците? Која е границата на срамното приклучение на интелектуалците кон бандата на власт или таква граница веќе нема, зашто заедничкиот криминален маскенбал трае(ше) предолго за да може лесно да прекине? А сепак, колку исклучоци може да се прават од принципите, од законите, од Уставот... од моралниот и вредносниот код на интелектуалецот? Еден, десет, или безброј, додека е тоа потребно оваа власт да се извлече, по можност неказнето или со минимална штета?

Или, кај сите е омилена флоскулата на една група македонски „интелектуалпатриоти“ кои уживаат да се претставуваат како некакви припадници на македонската „андерграунд“ сцена: anything goes, или – сè е дозволено! Што ќе рече – и криминалот, и насилството, и вечните притвори, и рекетот, и кражбата на изборите... Дали баш на тоа мислел Ворхол? Не би рекол, и никој нормален тоа не би го разбрал така освен, се разбира, македонските лумпен-интелектуалци, преку што (мислат дека) ја бришат првенствено личната вина во долгогодишната партиципација во сите криминални активности на власта, особено во културата и уметноста. И затоа ќе ги повикуваат на помош сите кои ќе им паднат на ум, од Бодријар и неговиот симулакрум до староперсиските мудрувања дека „ништо не е вистинско и сè е дозволено“! Колку ова убаво звучи во контекст на македонскиот маскенбал! Да, ама дури ни таквите (божем философски) флоскули никако не го перат десетгодишното аздисување. Во таков еден контекст можете дури и да се насмеете, иако кисело, на типично провинцијалното – да не речам сељачко – мудрување на еден Гиш кога вели дека како клинец ламентирал „за таков тип на градска антипаланечка филозофија“ од типот на идиотското „Скопје 2014“ (пази – да сонуваш стиропор!), или на сите оние испрдоци на славниот ни Станковски кои во блиска иднина некој веројатно ќе ги собере во егземпларна македонска книга на лудоста. Или, ако сакате, последната изјава на неуништивиот Даштевски за „говорот на Груевски, моќен и победнички“ (sic!), што „успешно“ го смести пред 20.000 луѓе, но во сала проектирана за 8.000!

Но, ако на лумпен-интелектуалците дури и можеме да им ја простиме срамната но сепак (за нив) колоквијална (и дефинитивно проѕирна) матрица на клиентелизам за грст сребреници, тоа не може да биде случај со безмалу комплетни видни и врвни институции од типот на МАНУ (почитуваниот академик Ѓорѓи Филиповски е сè уште само еден исклучок!), на пример, или МПЦ, или Универзитетот... Едноставно, кога еден член на таа МАНУ ќе констатира дека „не знае за кого би гласал утре во однос на партиите што ни се нудат“, која и каква порака испраќа до граѓаните? Дека не се битни криминалите, дека не се битни провизиите, убиствата, апсењата, рекетите, кражбата на изборите? Ако не е така, од каде тогаш таква дилема, и таква срамна споредба на едните со сите други? И овде веќе не станува збор за некакво лично мислење или став, овде станува збор за прикривање на вистината, за безочна лага, за (свесна) измама и срамен обид за манипулација со вистината. Друго толкување на еден ваков извртен став не може да има!

Впрочем, многубројни се примерите на извртување на вистината, на спиновите, на отвореното навивање, на (себе)понижувањето. Тоа веќе стана секојдневна пракса, особено низ медиумите. Повеќето од примерите не завредуваат спомнување зашто доаѓаат од „интелектуалци“ главно од категоријата на клиентите или директните учесници во криминалните дејанија на власта. За нив сè што доаѓа од „другата страна“ – а тоа, по правило, е опозицијата, меѓународната заедница, малубројните независни интелектуалци и слично – не е валидно односно е неточно и произволно, злонамерно, насочено контра успесите на власта итн. Дури и т.н. „Извештај на Прибе“ – инаку најмеродавен документ за состојбите во државава во изминатата деценија – најчесто е прогласуван за произволно четиво произлезено во спрега со опозицијата, бидејќи го сработил некој „од надвор“, а најмеродавен за оценка на состојбите во државава бил – народот!

Инаку, повеќепати спомнуваната Арент тврди дека секој тоталитаризам – а ние бевме (сме?) длабоко загазени во такво зло – има некаква, речиси заводлива моќ за интелектуалците. Таа посочува на можната примамливост на мистичната и егоцентрична „целост“, или, кај нас, би рекол, на (во суштината первертираната) идеја за цврста и неделива нација, за лажниот сјај и моќ… којзнае?! Или фалшивиот активизам – иако без реална насока и со предвидливи последици – има таква привлечна сила, потоа блуткавите теории за разноразни заговори, екстремниот цинизам за (не)моќта на демократските институции итн? Којзнае што сè се мотка(ло) низ полупразната глава на македонскиот (лумпен)интелектуалец?!

__________________________________________________

[1] K.Mannheim, Ideology and Utopia, 8th edition, London, Routledge and Kegan Paul, 1966, стр. 10

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Тим Вокер

Слични содржини

Став
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото