Анатомија на едно злосторство

12.11.2016 11:57
Анатомија на едно злосторство

Луѓето треба да се борат за законите како што се борат за ѕидините на сопствениот град.

Хераклит

 

Државноста лежи во законот како што ѕидините се одбрана или штит во материјална смисла, а законот е внатрешна сила. Неспроведувањето на законот ги ослабнува ѕидините, затоа што законот е врзивно ткиво на државноста. Беззаконието кое се шири како пожар треба постојано да се гаси затоа што ќе ја изгори државата, но кога беззаконието ќе биде вградено во закон, тогаш пожарот е уште поголем…

Законот за култура (1998), како општ закон, со чие донесување беа укинати десет посебни закони, уште при донесувањето се соочи со последиците поврзани со осетливата и сложена проблематика која се стави во правна рамка. Иако во меѓувреме дел од укинаттите закони по дејности беа повторно воспоставени, законот за култура беше предмет на бројни измени и дополнувања во изминатите десет години. Како се зајакнуваше позицијата на актуелната власт, така се менуваше и законот. На почетокот полека, со мали измени за да кулминира во 2014 година. Крајниот резултат е целосното преземање на националните институции и трансформација на националниот интерес во културата во партиски интерес.

Првите измени и дополнувања на законот се направени во 2003 г. со допрецизирање на националниот интерес во културата, статусот на националните установи и начинот на финансирање. Во оваа смисла, за прв пат е направена јасна дистинкција помеѓу финансирањето на годишните програми на националните институции и проектите на останатите субјекти во културата. Во однос на директорот, прецизирани се неговите надлежности во донесувањето на годишната програма за работа, актот за систематиизација и организација на работни места, актот за распределба на плати…

Од 2007 до 2013 година, новата власт направи помали измени и дополни во законот од кои како позначајни ги издвојуваме: воведувањето на почесната титула амбасадор на култура на Р. Македонија, националната пензија, промената на националната програма во национална стратегија, како и измените на одредбите во правец на зајакнување на инспекцискиот надзор.

Со измените направени во 2013 година веќе значително започнува да се менува неговиот карактер во правец на зголемување на ингеренциите на министерот во инспекцискиот надзор (министерот донесува предлог годишна програма, квартални планови за работа на секој инспектор поединечно и месечен план за работа кој содржи распоред на надзор по датумии и субјекти за надзор). Со овие измени е направен упад во независноста на инспекциските служби.

Клучните измени и дополни на законот се направени во 2014 година, како кулминација на узурпацијата на националните институции од страна на Министерството за култура. Имено, со овие измени се суспендирани одредбите од Статутот на националната институција во однос на условите за прием на директор, на правилникот за ситематизација и организација на работни места иправилникот за плати… Условите за прием на директор (крајно девалвирани и непрофесионални) сега се пропишани со закон, работните места на сите институции во културата се систематизирани во категории и нивоа со конкретен коефициент за плати, а вработените се трансформирани во административни службеници – даватели на јавни услуги во културата! Во услови на зајакнат инспекциски надзор, дополнително во дваесетина членови е разработена дисциплинската постапка. Изрекувањето на дисциплинска постапка која може да заврши со прекин на работен однос, станува императив за директорот кој е должен до Министерството за култура да достави годишен извештај за изречените мерки за утврдена дисциплинска и материјална одговорност на давателот на јавни услуги во културата, најдоцна до 31 јануари во тековната година, за претходната (sic!).

Измени се направени и во однос на финансирањето на годишните програми на институциите за кои се предвидени различни критериуми за финансирање. Генерално, за проектите содржани во нацрт-годишната програма одлучува министерот за култура на предлог на комисиите, односно надворешните соработници, но по исклучок, за одредени национални установи кои во изминатата година покажале исклучителни резултати во работењето, министерот за култура одлучува само за висината на финансиските средства за работа на националната установа, а не и за проектите содржани во нацрт-годишната програма. Бидејќи не се предадени критериумите за оценка на исклучителните резултати на институциите, препоставуваме дека тоа претставува дискреционо право на министерот за култура.

Мора да се признае дека во конечната верзија на законот „фасцинира“ посветеноста за доследно прецизирање на сите одредби поврзани со работатењето на националните институции, категоризацијата и описот на сите работни места во културата, условите за вработување и напредување/престанок на работен однос, како и неверојатно прецизно формулираните одредби од дисциплинската постапка. Од друга страна, токму тоа најмногу и плаши! Плаши особено помислата на одговорот на прашањето како и зошто, кој е мотивот за такво прецизно и строго санкционирање на вработените во културата, по сите три основи: вработување, систематизација/движење на работни места и дисциплинска постапка? И зошто сето тоа е ставено во општ закон, а не во подзаконски акти кои по правило ги носат националните институции како организации со целосна одговорност? Затоа што е различно дејството на законот, кој може да се укине само со друг закон! Овој факт го открива и главниот мотив. Станува збор за системско преземање на институциите од партијата на власт која во својата патологија како што многу пати е кажано не прави разлика меѓу држава и власт. Власта е минлива, но институциите како синоним на државата остануваат!

Од овде, не случајно ниту една власт до сега, од АСНОМ до денес, не ни помислила да направи ваков потег токму заради поседувањето чувство за државност. Оваа власт такво чувство нема и тоа го открива со декларативно популистичко повикување на држава и народ! Власт која има чувство за државност нема потреба од вербализам и нарации дека сè што прави, прави за доброто на државата и народот кои ги митологизира и ги доведува до степен на апстракција. За да функционира државата неопходни се силни независни институции кои го чуваат општиот интерес и го спроведуваат законот, а овде, сега со закон им се одзема самостојноста а со тоа и мериторноста.

Реална-вистинита власт не се меша во работата на институциите, туку создава услови за нивно функционирање. Власт која го нема тоа чувство, туку се раководи од други нечесни и коруптивни интереси, посегнува по институциите/државата, ги подјармува и од нив прави инструмент и покритие за партиските и лични цели. Во изминатите десет години оваа власт со закони ги узурпира институциите и на тој начин во правни рамки го вгради сето она што е спротивно на државниот интерес. Денес веќе е очигледно дека оваа власт со приграбувањето на институциите ја приграби државата, а со самото тоа и народот, како што милува да каже. Народот е во рацете на власта: диференциран, класифициран и под постојана закана за неговата материјална и физичка егзистенција. А ние се чудиме зошто во името на директорите се појавува и говори министерот за култура? Зошто на веб страницата на Министерството за култура се ставени програмите и проектите на институциите? Особено, зошто во партиските изборни програми и во партискиот отчет за сработеното се наведени проектите на институциите? Затоа што националните институции одамна ги нема. Но, оваа ,,власт“ (која не е власт) во својата патологија постојано го превидува фактот дека за да опстојува како власт ѝ е неопходна државата, односно институциите, затоа што не може да има власт без држава. Затоа во моментов немаме ниту власт, ниту држава, бидејќи власта се трансформира во своја спротивност или сопствена негација.

Ако ја изведеме до крај тезата, во констелација на вакви односи и партијата што е на власт се трансформира во конспиративна организација бидејќи не е во реални односи со граѓаните, државата, властите и другите партии. Затоа нема мериторност во сите сектори.

Извор: Либертас
Скулптури на сликите: Gerard Mas 

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото