Перверзниот гениј на дрвените боички

13.11.2016 02:25
Перверзниот гениј на дрвените боички

За Кирчо Арсовски не знаев баш ништо. Не знаев дека постои. Никогаш не сум чул за култниот кумановски бенд Т.Б. Трачери, немав поим кој им е фронтмен, не ги читав колумните на Арсовски во Нова Македонија... За мене, кој повеќе од четврт век живеам во Амстердам, Кирчо се појави out of the blue, од никаде, на Фејсбук. Оттогаш, тој е мојот омилен треш уметник на дрвените боички.

Како што карикатурите на Гери Ларсон се стрип, така и цртежите на Арсовски, секако, се стрип. Во нив врие од стриповски идиом. Ваква сила на андерграунд изразот, барем на Балканот, наоѓам само уште кај големиот мајстор на алтернативата Wostok. Арсовски, меѓутоа, креира сосема особен стриповски идиолект во само една сцена, создавајќи безброј варијации на сродни теми. Длабоко зафаќа во самата срж на андерграунд стрипот, иако неговите референци се поопшти, а креативно се одлично промислени. Од Дизниевите филмови до Енди Ворхол, со кемп пристапот на Арсовски е опфатен широк опсег на поп културата и палп фикцијата. Иако тешко ќе ги детектирате трагите на неговите читања на старите стрипови од Политикин Забавник од шеесеттите, и ова е детаљ кој придонесува за полнотијата на распонот на културолошките референци.

Јунаци на неговите драми исцртани со дрвени боички се криминалци, олоши, политичари, спонзоруши, војници, генерали, ситни измамници, крупни неранимајковци, курви, маргиналци, бесрамници од секаков можен вид. На јазично ниво неговите цртежи се урнебесно цинични. Озборувањето, измамата и соголената лажливост во дијалозите се срозуваат до егзистенцијална денунцијација на оној кој ја изговара репликата. А секогаш е додаден обидот за гламур, неговата гротескност е неопходна состојка на универзумот на Арсовски. Станува збор за персифлажа на холивудските јунаци и јунаците од менталниот пејзаж кој нè опкружува, потонат во политика и корупција. Фразата политикин забавник овде добива сосема други конотации.

Во најдобрата традиција на црниот бран, во тоналитетот на Живоин Павловиќ и Душан Макавеев, Арсовски изрекува суд за животот: „Кичот секогаш ќе нè потсетува колку е животот тажен. Во кичот има подлабок мистицизам отколку во книгите на Достоевски и Борхес... Вистината не ми е позната или е толку добро маскирана што не можам да ја препознаам.“ ... „Го сликам идиотскиот начин на живот. Нервозните, хистерични реакции на луѓето...“

Поигрувањето со кичот и трешот се самото срце на поетиката на овие цртежи. Брутално поетичен? Да, токму така. Хиперпродукцијата (2.000 годишно, во просек по три цртежи дневно) е во манијакална хармонија со нивната поетика. Сподоби, политичари, трансвестити, силувачи... Сите тие се препуштаат на сладострастијата на телото, гротескно еротичните, хомоеротичните и трансродовите ескапади на сексуалната алчност, „најниската понуда“ од порно видеотеката. Шарените бои на ноар-стрипот на Кирчо. Стрипот како јазик на медиумот, но и стрипот како стриптиз, сексуално, политичко и социјално разголување. Соголување на животот во неговиот јад и бестијалниот, толку човечки копнеж по уживање - што повалкан ако е можно, please! Кирчо Арсовски ја прегрнува гротеската како едно од најмоќните иронични средства.

Вреди да се вложи труд во насетување на креативните лостови кои ги придвижуваат овие цртежи во кои се крие „монструмот на бесрамноста“ и да се сфати значењето на субверзивниот креативен чин на Арсовски за културната сцена. Зашто, културата е најжива токму кога предизвикувачки ги преиспитува каноните на тривијалноста. Колорот кој го постигнува со дрвените боички е волшебен зашто успева да ја рекреира сета архаичност, неспретност на сонувањето гламур и лажната невиност на изминатите времиња, а палпот е секогаш - носталгичен. Мајсторско имитирање на цртежите кои тајно ги цртавме по училишните тетратки и јавните вецеа, но во боја. Впрочем, и стриповите во старите Политикини Забавници имаа боја...

Цртежи: Кирчо Арсовски