Власта ги чести пензионерите со парите на нивните внуци

14.11.2016 03:15
Власта ги чести пензионерите со парите на нивните внуци

Сè повеќе експерти и институции, домашни и странски, укажуваат дека Пензискиот фонд на Македонија (ПИОМ) ќе крахира ако продолжи да функционира на сегашниот начин. Актуелната власт со години ѝ се додворува на бројната категорија пензионери, обезбедувајќи им привилегии, погодности и покачувања на пензиите, поголеми и од законските обврски и од можностите. Од друга страна, ги намалува придонесите за да го поттикне вработувањето. Сето тоа предизвикува сè поголем јаз помеѓу уплатените придонеси и потрошените пари од Пензискиот фонд, а разликата се дополнува директно од Буџетот. Таа стапка идната година ќе достигне дури 50 отсто, или цели 832 милиони евра.

Добро е што ни се зголемија пензиите, но страшно е тоа што се слуша дека нема да има пари за пензиите во иднина ако не се направи нешто, вели еден пензионер.

Пензионерите од една страна се задоволни што пензиите им растат, но се загрижени од опасноста еден ден Фондот да не може да ги исплатува пензиите.

– Страшно е тоа што се слуша дека нема да има пари за пензиите во иднина ако не се направи нешто. Не знам кој нè лаже нас пензионерите – дали експертите, кои нè плашат, или владата која ни ги зголемува пензиите секоја година? Едно знам, ако немаме пензија, не само ние пензионерите туку и нашите деца и внуци ќе нема што да јадат – вели пензионерот Богдан М. од Куманово.

Пензионерката Добрила А. од Аеродром смета дека е добро што се зголемуваат пензиите, но се прашува до кога ќе трае тоа.

– Сега се зголемуваат пензиите и се нудат некои поволности за нас, ама нема да биде добро ако се доведеме во состојба да не примаме пензија. Навистина е страшно тоа што велат дека можеби во иднина нема да има пари за пензии. Ниту власта ниту опозицијата не смеат да дозволат пензионерите да останат без она што го издвојувале додека работеле – вели пензионерката Добрила.

Власта, меѓутоа, не смета дека Пензискиот фонд е во криза и натаму продолжува со зголемувања на пензиите од 5 отсто. Такво зголемување на пензиите се планира за годинава и за следната година.

Експертите велат дека на Фондот му се потребни коренити реформи, кои нема да се водат од дневнополитичките и популистички потреби, туку ќе бидат конзистентна стратегија што ќе доведе до стабилно и трајно финансирање на пензискиот систем. Како можни решенија ги наведуваат: зголемување на бројот на вработени што ќе уплаќаат придонеси, продолжување на старосната граница за одење во пензија, повисока стапка на придонесот и определување нова најниска основица за плаќање придонеси. Намалувањето на пензиите, според нив, е крајна алтернатива.

Меѓународните финансиски инс­­­титуции исто така предупредуваат дека македонскиот Пензиски фонд е неодржлив.

„На 4,5 проценти од БДП, дефицитот на Пензискиот фонд на Република Македонија е прилично голем. Ова е одраз на релативно големите поволности, ниските стапки на придонеси и ниското учество на работната сила. Без реформи и со намалувањето на работоспособното население, до 2030 година се проектира дека пензискиот дефицит ќе се зголеми двојно повеќе“, предупредува ММФ.

ММФ на Владата ѝ сугерира зголемување на законската возраст за пензионирање, намалување на покачувањата според индексот на трошоците на живот, зголемување на учеството на работната сила, а особено на жените (што е едно од најниските во Европа), зголемување на стапките на придонеси и слично.

Светска банка како проблем го посочува тоа што „Пензискиот фонд се полни со дури 45 отсто средства од Буџетот, а 89 проценти од новоотворените работни места се со стимулација од Буџетот“.

Извор: nieodlucuvame.mk