Еднодецениското образовно лудило ги навлече учениците на „дијазепам“

15.11.2016 03:18
Еднодецениското образовно лудило ги навлече учениците на „дијазепам“

„Знаењето е сила, знаењето е моќ“, девизата на актуелната власт во еднодецениската реформска политика во образованието, во буквална смисла се покажа единствено само како демонстрација на сила и на моќ. Ја погази автономијата на универзитетот, удри по студентите, апсеше по библиотеки во глувa доба на ноќта, „навлече“ основци на седативи со стресот поради екстерното тестирање, наставниците ги клекна на колена, давајќи им партиски знамиња да ги веат по митинзите, а училниците станаа партиски комитети.

Бомбардирањата дека светските образовни стандарди ќе завладеат во оваа сфера и кај нас, навистина го донесоа Кембриџ, но со програма само теоретски осмислена, а во практика речиси неупотреблива. Шангај, пак, е недостижен за нас, за што зборува и фактот дека ниту еден наш универзитет не успеа да се најде меѓу 500-те на престижната Шангајска листа.

Дисперзираноста на факултетите зема неверојатен замав. Во моментов, во оваа држава со околу два милионa жители работат 135 факултети и 466 наставни програми, а со новите планирани универзитети, бројката ќе изнесува 140 факултети. Владата одлучи дека се потребни уште два нови универзитети, „Мајка Тереза“ и „Дамјан Груев“.

Македонија никогаш немала олку многу инстант-магистри, доктори на науки, од кои посреќните и поснаодливите одамна си ги спакуваа куферите со билет во еден правец, а оние што останаа, уште стојат на листата во Агенцијата за вработување.

Според најновата статистика токму на оваа институција, во Македонија има 14.135 невработени лица со високо образование. Од нив 33 се доктори на науки, што досега е рекорден број невработени лица што се стекнале со ваква титула, а тука се и 927 магистри. Од докторите на науки најмногу има со докторати од филозофските науки, економисти и правници. Од магистрите најбројни се правниците и економистите.

Кога власта е сила, образованието е немоќ

Трендот на зголемување на бројот на магистри и натаму е во пораст, лани магистрирале 2.202 лица, а за споредба, во 2012 – 1.000 лица. Лани се регистрирани нови 246 доктори на науки, а во 2012 година таа бројка беше 146.

Општ е впечатокот дека во земјава лесно се стигнува до овие звања. Од Министерството за образование и наука уште во април годинава најавија дека новиот состав на Одборот за акредитација и евалуација ќе го проверува целиот процес и квалитетот на магистерските и докторските студии, како и хиперпродукцијата на магистранти и докторанти.

Токму овој одбор е нов камен на сопнување, а неговиот состав, исто како и неговите надлежности, предизвика жестоки реакции кај универзитетските професори.

„Одборот за акредитација го информира министерот надлежен за работите на високото образование и Агенцијата за евалуација за одобрените акредитации и за други прашања од своја надлежност“, гласи законот.

– Зарем смее еден човек да одлучува во последна инстанца во врска со одлуки и решенија донесени од страна на Одборот што брои 15 члена!? – прашува професор на Правен факултет.

Енормно се зголемуваат и платите на членовите на Одборот за акредитација и евалуација во високото образование, па платата на членовите на Одборот е утврдено да изнесува од 3.000 до 5.000 евра!

Во ова контроверзно тело, како што го нарекуваат професорите, зашто е невообичаено истовремено да врши и акредитација и евалуација на универзитетите, членовите именувани од Владата се професори и експерти, кои жестоко ги бранат политиките на власта, наспроти интересите на студентите и на професорите.

За стратешко планирање на реформите во образованието, Македонија не најде време, волја, знаење. Извештајот на Светска банка од 2015 година посочува дека образованието во нашата земја се влошува и покрај тоа што се зголемува обемот на средства што се трошат за него. Во 2013 година ние сме први во регионот по инвестиции во образованието, а имаме резултати што се под просекот во регионот.

Според истражување на МОФ, 76 отсто од средношколците не мислат дека реформите произведуваат квалитетно образование. Половина од испитаниците сметаат дека образованието не создава активни луѓе способни за критичко размислување, а содржините на учебниците ги оценуваат како кочница за создавање активно граѓанство.

– Ние сме генерацијата што доживеа егзодус поради сопствената власт. Оваа власт упорно не ни дава шанса и нè игнорира. Оваа власт го урниса образованието и на прво место ја стави партијата.

За потсетување, ова е пораката на членка на Студентскиот пленум, иницијатива што мобилизираше илјадници студенти во борба против, како што велат, „лошите образовни реформи“.

Надежта во Студентскиот пленум беше проследена со една нова енергија, која ги раздвижи и средношколците, наставниците, професорите, родителите… Сите заедно, илјадници на број, го кренаа својот глас како очајнички крик да не се дозволи образованието, а и сите актери во него, да пропаднат во длабоката бездна од која нема враќање.

Во ноември и во декември 2014 година се случија трите масовни студентски протести против најавата за воведување екстерно тестирање на универзитетите. Протестите што извадија повеќе од 10.000 студенти низ улиците само на Скопје, во февруари лани беа проследени и со „окупација“ на УКИМ од страна на Студентскиот пленум и прогласување автономна зона на Универзитетот. Не само што целта беше постигната и мерката екстерно тестирање за студентите не се воведе, овие настани имаа длабок одек во текот на 2015 година, кога по примерот на Студентскиот пленум се формираа и Професорскиот, Средношколскиот, Наставничкиот и Граѓанскиот пленум.

Професорскиот пленум испрати писмо до Тибор Наврачич, европски комесар за образование, култура, мултијазичност, млади и спорт, до Јоханес Хан, европски комесар за проширување, и до Аиво Орав, тогашниот шеф на делегацијата на ЕУ во Република Македонија.

Во писмото се посочуваше на нетранспарентноста и недeмократичното усвојување на предлог-законите од областа на образованието, без притоа да биде вклучена пошироката академска заедница, ниту, пак, да биде спроведена соодветна јавна дебата.

До кое дереџе е дојдена состојбата во високото образование, само една ипол година потоа стана јасно низ примерот на изборите за нов студентски лидер на скопскиот универзитет, кои се одржаа на крајот на јуни, кога факултетите беа празни. Студентите од пленумот го бојкотираа процесот, образложувајќи дека постапката е нетранспарентна и нелегална бидејќи досегашното раководство спроведува избори со истечен мандат. На дел од факултетите гласањето течеше без паравани, печати и избирачки списоци, а студентите беа сведоци на низа неправилности и на упад на ЕБР во кампусот на УКИМ.

Од Студентскиот пленум ноќта по изборите на 30 јуни објавија дека се украдени четири гласачки кутии, кои потоа се однесени во канцелариите на СПУКМ. Наводно, „операцијата“ била изведена со помош на специјалци.

Откако од СПУКМ насилно ги украдоа гласачките кутии и од УКИМ ги однесоа во своите канцеларии, студенти и претставници на Студентскиот пленум влегоа во канцелариите и побараа од Студентскиот парламент да им објасни зошто насилно беа однесени гласачките кутии од УКИМ, и покрај тоа што според Статутот, гласовите треба да се бројат на лице место.

Сакаме достапно и квалитетно образование

Од Пленумот повикаа и полиција во СПУКМ поради нарушување на јавниот ред и мир и насилство од страна на претставници на Парламентот. Студентите побараа и вонредна седница на Сенатот поврзана со, како што ги нарекоа, скандалозните избори за претседател на СПУКМ и беа едногласни во оценката дека студентските избори се универзитетски срам! Нивното барање не беше прифатено.

Основното и средното образование и конфузните и истрауматизирани ученици се, пак, приказна за себе. Тие се обременети со несуштински реформи и програми, а врв на тие реформи е токму екстерното тестирање, чија жртва се повеќе од 170.000 ученици.

Средношколскиот пленум, по петнеделен бојкот на наставата, кој започна на 6 април 2015 година, на 27 април постави камп пред Министерството за образование. Пред да донесат одлука да го прекинат кампот поради игнорантскиот однос на институциите, средношколците минаа три недели под отворено небо и собраа повеќе од 15.000 потписи од граѓани во знак на поддршка.

Но, секоја година прашањата и тестовите ги надминуваат претходните во својата апсурдност, а власта грчевито е фатена за овој свој небулозен концепт, за кој, и по пет години од воведувањето на проектот, нема ниту една релевантна образовна анализа, што со него добија учениците и образованието во целост.

Но, затоа има загрижувачки психолошки анализи – стрес, вознемиреност, агресивност, до депресија!

Извор: nieodlucuvame.mk
Слики: Dane Patterson