Сè што досега се знаеше за Распутин повеќе или помалку е лага

15.11.2016 11:17
Сè што досега се знаеше за Распутин повеќе или помалку е лага

Григориј Распутин

Кога работел на својата книга „Former People“ за последните денови на руската аристократија, меѓу архивските записи за големите семејства Романов, Шереметев и Голитсин кои на почетокот од дваесеттиот век ќе ги дочека мрачната судбина на руската револуција, истакнатиот американски историчар Даглас Смит често наидувал на едно име. На почетокот не му придавал особено значење зашто дотичниот не му припаѓал на едно од големите аристократски семејства за кои пишувал, а покрај тоа, дури не припаѓал на никаков облик на московската елита, туку бил скромен, полуписмен селанец од Сибир. Сепак, вниманието што му е посветено во рускиот печат од времето пред Првата светска војна го заинтригирала Смит, автор на пет книги за историјата на Русија, од кои бестселерот „Former People“ е награден со наградата Pushkin House Russian Book Prize.

Искрената приказна

Во последните триесет години Даглас Смит редовно престојува во Русија; во текот на осумдесеттите бил водич на изложбата „Information USA“ која ја организирал американскиот Стејт Департмент во СССР, а подоцна работел како аналитичар за Радио Слободна Европа специјализиран за рускиот национализам, а во една прилика бил преведувач за тогашниот претседател Роналд Реган. Затоа, кога како познавач и љубител на рускиот јазик и култура ја проучувал бројната литература за сибирскиот мистик Григориј Распутин, заклучил дека сè што досега е објавено е врз основа на препишување и извори кои се многу поблиски до фикцијата отколку до реалноста.

„Се прашував дали на светот навистина му треба уште една книга за Распутин, но заклучив дека неправедната, симплистичката, неуверлива персонификација на злото како што го прикажуваат повеќето биографии едноставно не се темели на историски факти. Одлучив да му се приближам и да добијам искрена и конкретна приказна за тоа кој бил Григориј Распутин, сибирскиот селанец кој ќе стане најблизок пријател на Александра и Николај Романови“, рече по неколку денови откако досега најпопуларната биографија на Романови осамна на полиците на британските книжари.

Како во многу земји од западна Европа, така и во Обединетото Кралство, периодот што го опишува Смит, завиен во вел од мистика и мрачни сили, постојано го привлекува вниманието, што го покажува и статусот бестселер на студијата на Смит за судбината на руската аристократија во новиот режим на Ленин, кој и самиот му припаѓал едно од елитните семејства во Москва. Во средиштето на опишаниот период често се поставува мистичниот Распутин, кој уживал толкава доверба од последните Романови што му се припишува и пресудната улога во нивниот конечен крај.

Григориј Распутин со следбениците

„Животот на Распутин е еден од најинтригантните во модерната историја. Има обележја на мрачна бајка. Опскурниот, необразован селанец од сибирската дивина добива повик од Бога и заминува во потрага по вистинската вера, на патување кое го води низ големите далечини на Русија и по многу години и до самиот цар. За чудо, тој му го спасува животот на наследникот на тронот, но присутноста на овој странец и влијанието што го има врз царот и царицата, ги лути руските великани и најпосле го убиваат. Многумина верувале дека светиот селанец ја предвидел својата смрт и предвидел дека ако му се случи нешто, царот ќе го изгуби својот трон. Откако е убиен, царството пропаѓа во неизмерно крвопролевање и беда кои ќе траат со години“, пишува Смит.

Смрт во темнината

За неколку дена се ближи стогодишнината откако е убиен во темнината во дворецот Мојка во Санкт Петербург, како олицетворение на злото чие влијание врз царот и неговото семејство било такво што токму царовите од други кругови одлучиле засекогаш да го отстранат. И додека живеел, па така и денес, бил познат како пијаница и мистик, силувач и шпион, шарлатан и исцелител, скитник и харизматичен човек. Смит тврди: „Распутин пред сè служел како целисходно жртвено јагне за сите руски проблеми, а ги имало многу. Тој послужил како изговор, наместо фокусот да бил на реалните проблеми како политичкиот систем и неодржливата економија. Прикажан е како персонификација на злото, мрачен мистик кој докрајчил цел еден период во Русија. Се разбира, кога станува збор за Распутин, тоа е претерување. Неговото влијание на настаните кои ќе ја формираат Русија било многу ограничено“, вели Смит.

Поголемиот дел од она што е напишано за Распутин, Смит одлучил да го отфрли како мит и лага и во потрагата по вистината патувал дури во седум земји, вклучувајќи ја и Русија, западна Европа, САД и родното место на Распутин, Покровское во Сибир.

„За време на моите патувања на кои ги следев стапките на вистинскиот, реалниот Распутин се случи нешто интересно. Колку подлабоко навлегував во своето истражување, толку станував сè поуверен дека еден од најважните факти за Распутин е тоа дека она што го направило толку извонредна и моќна личност не е толку она што го правел, туку повеќе она што сите мислеле дека го прави“. Никој не бил сигурен за потеклото на Распутин, за неговите сексуални апетити, неговите можни врски со подземните верски секти и, она што е најважно, за неговата реална моќ во дворот и природата на односите со царот и царицата. Најважната вистина за Распутин е онаа што ја носеле Русите во своите глави“, пишува.

А во главите имале сешто; се зборувало за речиси вонземска сексуална енергија што ја имал, заради која не можеле да му одолеат ни најфините дами, иако бил сè само не фин господин – наводно смрдел и јадел со раце, како што е обичај во далечната дивина на сибирската изолација.

Григориј Распутин со следбениците

Имено, околностите во кои растел Распутин се типични за селските семејства во Сибир на преминот од векот. Големиот простор што се протегнува од Урал до Пацификот е место со шуми, реки и езера, во кои се испреплетуваат екстремни климатски услови – од минус 70 степени во зима до 35 степени во лето. Ова сурово место отсекогаш било синоним за страдање и немилосрден живот. Жителите од селото на Распутин, Покровское, преживувале од лов, риболов и одгледување зеленчук. Григориј Распутин е роден во скромен дом, но малку нешта се познати за неговото детство. Смит смета дека недостатокот информации бил погоден за измислување секакви приказни, но поверојатно е дека живеел типичен живот како и жителите на Сибир. Врз основа на архивските записи Смит е речиси сигурен дека до доцната младост Распутин бил неписмен, а тоа не е невообичаено со оглед на податокот дека во 1900 година само 4 проценти од населението било писмено (националната писменост изнесувала 20 проценти). Според пописот на населението од самиот крај на 19 век, никој во семејството Распутин не бил писмен. Како и останатите деца во селото, малиот Григориј многу рано почнал да му помага на татка си во риболовот и одгледувањето зеленчук и да се грижи за домаќинството. Еднаш неделно одел в црква со семејството. Живееле скромно. Во оскудните записи за раните денови од неговиот живот ништо не посочувало дека Распутин бил предодреден за живот поинаков од оној што го живееле неговиот татко или дедо. Кога наполнил 18 години, Распутин се оженил со три години постарата Прасковија Дубровина со која имал седум деца, иако повеќето не го преживеале детството.

Новиот човек

Од записите на ќерката на Распутин, Марија, Смит дознал дека Распутин живеел како останатите селани, често уживајќи во прекумерен алкохол и месо, до еден ден кога сосема се променил и станал „нов човек“. Ненадејната промена ја припишувала на сонот во кој му се појавил свети Симеон и му наредил да остави сè и да стане нов човек. Потоа, Распутин го поминувал времето одејќи на аџилаци кога во една прилика му се појавила Богородица. Смит тврди дека е тешко да се разбере што е вистина, а што мит, но сигурен е дека по опишаните настани Распутин станал локална ѕвезда чиј дом го посетувале жителите од околните села за да се уверат во светоста на харизматичниот светец. Околностите заради кои го напуштил домот и се упатил на далечно патување се нејасни – неговите критичари споменувале дека направил секакви престапи, сексуални и кражби и дека немал избор. Неговото семејство верувало дека заминува на света мисија. Смит верува дека сакал да си ја проба среќата надвор од темните граници на Сибир.

Големиот пријател

Санкт Петербург што го затекнал Распутин бил во необичен период на барање на смислата и разбудената спиритуалност. Таканаречените медиуми, видовитите, спасителите и мистиците биле сеприсутни, како Мистериозниот Пес кој ја погодувал возраста и сумата пари в џеб или видовитиот Елпидифор кој правел прогнози допадливи за царот. Дури по една година лутање по улиците на Санкт Петербург, Распутин станал еквивалент на рок ѕвезда на своето време. За него се зборувало и пишувало, се посакувале неговото познанство и близина. Неговата харизма била несомнена, пишува Смит, и неговата едноставност на сибирски дивјак наскоро пронашла бројни обожаватели во високите кругови на градот, сè до моментот кога го запознал царот, кого толку го освоил што станал најблизок пријател на семејството. „Многумина тврдат дека пријателството се темелело исклучиво на фактот што Распутин често му го спасувал животот на малиот принц кој боледувал од хемофилија. Но, тоа не е точно. Не верувам дека Распутин бил чудотворец, туку едноставно пријател на семејството кој знаел како да ги смири детето и мајката, што резултирало со подобрување на неговата задравствена состојба“, вели.

Марија Распутин

Како што ситуацијата во Русија станувала покомплицирана, така царот и царицата имале поголема потреба од блиски пријатели како што е Распутин. Неминовно, почнале да се шират гласини. Пролетта 1915 година во градот се проширила гласина дека пијаниот Распутин се фалел со своите сексуални односи со царицата. Смит верува дека се работело за измислици, зашто царицата не ја ни сфатила сериозноста на обвинувањата за нејзиниот пријател, кого го сметала за дел од семејството. Крајот на Распутин, по што следел и крајот на Романови, е добро познат. Извесно време сè посочувало кон тоа дека необичниот селанец од Сибир ќе биде заборавен. Дури последните десетина години, како што се будел нов интерес за Романови, се појавил и интерес за Распутин, иако повеќе надвор од Русија отколку во неа. Кога го споменуваат Русите, тоа и понатаму е во негативен контекст. Додека музеите и плоштадите ширум Русија се закитени со сеќавања на славната руска историја, само еден скромен кип на Распутин среде Сибир сведочи за човекот кого митот го направил поголем од реалноста.

Извор: http://www.jutarnji.hr

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото