Трите Црвенкапи – политичка риалити бајка во три чина

09.06.2010 12:04
Crvenkapa-goblen.jpg

епизода трета

Рамковната Црвенкапа


Тоа утро Црвенкапа стана со првите мугри и со гласот на утринските молитви од оближните возобновени Бурмали и Араста џамии. Се изми и појде до кујна, а таму веќе беше мајка и’ која вредно ја беше исчистила целата куќа. Ја погали по глава и и’ кажа:

- Сине, земи ги лековите и однеси ги на баба ти, многу и’ се потребни. Пази само, ова се многу скапи лекови од Швајцарија, тука не се наоѓат, немој негде да ги загубиш или да ти ги земе некој.

- Важи мамо, не се секирај - одговори Црвенкапа, ја гушна мама два пати и се упати кон баба си.

Баба и’ на Црвенкапа живееше на село, во близина на границата со Косово. До таму немаше никаков организиран превоз и Црвенкапа мораше да оди пеш. Тешко и мачно беше тоа, но Црвенкапа мораше, едноставно немаше друг избор да стигне до неа. Се сеќаваше како баба и’ се жалеше дека ниту патот им е асфалтиран, ниту има струја. На Црвенкапа и’ беше многу жал за неа.

И тргна храбро Црвенкапа кон куќичката на својата бабичка да и’ ги достави така неопходните лекови. Штом стапна во шумата почувствува дека нешто не е во ред.

Ни два, а ни три, веднаш пред неа се иструполија група полициски специјалци, а над неа виде и полициски хеликоптер кој ја следеше целата ситуација.

- Стој! - и свикаа гласно тие - Полиција!

Црвенкапа застана и ги крена рацете.

- Што носиш?

- Иљачи за баба ми - одговори исплашено Црвенкапа.

- Сигурно? - и’ се свика еден од специјалците - Да не носиш оружје?

- Не бе чичко полицаец, какво оружје, тоа се само лекови за баба ми.

Полицајците одмавнаа во недоверба со глава и почнаа да ја претресуваат Црвенкапа. Откако и’ ја претурија корпата со лекови и „поштено“ ја измалтретираа, видоа дека нема ништо кај неа освен лекови.

-Хммм – се намурти еден од полицајците - и само и’ покажа со рака на Црвенкапа да продолжи по патот.

Таа си продолжи понатаму. Малку подоцна го здогледа мостот кој водеше до куќичката на нејзината баба. И штом се приближи, што да види: од двете страни на мостот заседнале по два лава, на секоја страна, и чекаат, ли чекаат. Срцето почна силно да и’ чука на Црвенкапа, и ја обезеде страв што да прави. Тогаш, одеднаш од небо, овој пат наместо полициски хеликоптер, се спушти еден гооолем двоглав орел! Тој ја прифати Црвенкапа и ја вивна угоре, угоре, виииисоко и почнаа да летаат. Црвенкапа веднаш сфати дека оваа благородна птица и’ помага и ја носи поблиску до баба и’.

И виде таа долу под себе уште еден куп страшни животни, коњи, споменици, скулптури и други ѕверки. Откако ги прелетаа сите овие стравотилаци, орелот ја спушти на земи, речиси во дворот на баба и’ и гордо одлета во небесните височини и крошни.

- Фала ти чичко орел! – му се заблагодари таа и се стрча накај бабината куќичка.

И кога влезе што да види! Во куќата на баба и’ собрано едно чудо народ, некои лица, тотално непознати и без искуство, како за неа така и за пошироката јавност.

- Кои сте вие и што барате тука во куќата на баба ми? – праша Црвенкапа, уште во неверица од глетката пред неа.

- Ние сме тука со премиерот – и’ одговорија тие.

- Е па кај ви е премиерот? – праша Црвенкапа.

- Малку доцни, но ќе дојде, тој е зафатен и многу работи, ама сигурно ќе дојде.

- Добро, а баба ми каде е? – повторно праша Црвенкапа.

- Е тоа, само Премиерот може да ти го каже, него да го почекаш најдобро, веднаш ќе ти даде изјава.

- Добро, штом е така – кажа Црвенкапа и седнаа. И го чекаа премиерот скоро саат и повеќе време помина. Чекаа, чекаа, се изначекаа, кога ете ти го него на врата. Цела свита со него, им кимна со глава и си легна на кревет.

- Каде е баба ми? – веднаш, без многу пардон го запраша Црвенкапа.

- Немам коментар – кусо и’ одговори и се бутна под јорган.

Црвенкапа стаписана што Премиерот вака изреагира и не сакаше да се соочи со нејзините непријатни прашања, почна да се нервира и да вика по него. Ама тој, ни срам ни перде, си лежеше под јорган и абер немаше, ни да даде одговор, да изјави нешто, ништо, ма јок, ич, ич.

Црвенкапа се изнервира и реши да му се пожали на Специјалниот претставник на ЕУ, на КФОР и на целата меѓународна заедница и таман да се јави, кога на врата ете ти го на коњ Скендербег! Тој, јунак на мајка, зимање јорганите, со сè чифтијаните и премиерот и тоа свитата сè низ прозорец у три лепе ги исфрли, г’з преку глава. Црвенкапа се израдува, а тој ни две ни три, со еден замав го отвори закованиот орман каде беше напикана баба и’ на Црвенкапа.

Црвенкапа силно се израдува и и’ се фрли во прегратка на баба си. И се гушкаа и радуваа заедно па така весели и повторно соединети продолжија да живеат среќно и долговечно!

крај

ОкоБоли главаВицФото