Спасе Куновски: Сликар на тешки соништа

15.11.2016 16:17
Спасе Куновски: Сликар на тешки соништа

На 9 ноември во Даут-пашиниот амам во Скопје, беше отворена ретроспективно-монографската изложба на Спасе Куновски (1929-1978), еден од доајените на македонската современа ликовна уметност, во чии рамки се изложени седумдесет и пет дела од овој уметник. Изложбата, подготвена од кустосите Ана Франговска и Маја Неделкоска-Брзанова, ќе трае до 18 декември.

Куновски е еден од водечките интелектуалци и модернисти по Втората светска војна, кој од Дебар, преку Охрид со семејството доаѓа во Скопје, каде што го завршува Средното уметничко училиште, се разбира кај Мартиноски и Личеноски, а потоа оди во Загреб на студии, каде што дипломира во 1953 година, во класа на сега прочуени уметници, и кај едни од највлијателните професори за современата европска уметност како што е Хегедушиќ. Има многу студиски престои во Франција, Италија, Велика Британија, Шведска, во Грција. А, е еден од тогашните југословенски сликари кој ја претставува Југославија на најпрестижните ликовни манифестации во Сао Паоло, во Брисел, Романија, во Леверкузен. Наградуван е од сите страни, во тогашна Југославија и во светот, а живеел само 48 години.

Ретроспективната изложба претставува повод да се обидеме да претставиме на Окно дел од возбудливото и сè уште провокативно творештво на Куновски, заедно со фрагменти од она што ликовните критичари го напишале за неговата уметност.

Гозба, 1953

Влада Урошевиќ, Плодови на доследноста (7.5.1967, Нова Македонија)

Сликарството на Куновски, како што веќе рековме, спаѓа во мошне распространетата школа на „метафизичко сликарство“. Во сликарството на Куновски ги среќаваме одликите што ги манифестираат во своите дела останатите претставници на школата: и тука постои „веристичка прецизност во неостварен простор“, како што вели Ото Бихали Мерин, по повод на еден друг сликар од оваа насока, и тука „извонредната прецизност на деталите доведува до една нова реалност“ (како што вели Жак Ласен зборувајќи за родоначалникот на ова сликарство - Џорџо де Кирико) и тука „вистинскиот реализам се состои во покажување чудни радости што повикот ги сокрива под чергата и ни попречува да ги видиме“ (како што, пак, по повод на Кирико, пишува Жан Кокто). Но, секако би погрешиле кога одликите на ова сликарство наполно би ги изедначиле со принципите на школата. Тргнувајќи од основните поставки на овој вид сликарство, Куновски го гради својот стил врз едно мошне лично доживување на светот, му дава еден мошне индивидуализиран призвук, создава една визија чија автохтоност е очигледна.

Бела коцка, 1957

Оној вид на доживувањето на светот, кој можеше да се види на графиката под наслов „Есен“ на првата самостојна изложба на Куновски пред повеќе од десет години, на втората самостојна изложба на овој уметник исцело доминира. Осамената човечка фигура во просторот и понатаму е главна преокупација на Куновски: просторот, со карактеристичниот рамен хоризонт, се шири околу фигурата која често е единствена вертикала, потцртувајќи ја со својата неограниченост и израмнетост оголеноста на човекот кој стои среде него, сугерирајќи ја неговата осаменост и загрозеност. Куновски е сликар на осаменоста, на стравот: фигурите од неговите платна стојат во еден миг на исчекување кој како да претходи на некоја катаклизма. Од целата ситуација избива јасна претстава дека ништо не може да се стори во одбрана од неа; сè е замрзнато во нултата точка на имобилноста. Некаде, пак, тоа е миг по катастрофата: природна, земјотресна (со очигледни асоцијации на скопската, како онаа негова слика каде што кај жените што готват на отворен простор можеме да ги препознаеме глетките од летот 1963) или некаква фантастична, сè уште невидена, можеби атомска, по која не остануваат никакви траги од животот, оставен еден дречлив, шарен, а сепак црно-хуморен, ироничен петел кој шета низ една од овие слики покрај ѕидовите што сè уште чадат.

Грипозна ноќ, 1958

Иронијата и црниот хумор се неразделни елементи на ова сликарство: присутни сме истовремено на една катастрофа, но трагите што останале по неа се толку гротескни, што место високиот патос во нас се згрчува една сардонична насмевка. Неочекуваниот спој на предметите, нивните неочекувани односи што наеднаш искрснуваат на платното раководени се несомнено од едно хуморно чувство, но и од една потреба кај гледачите да се предизвика „потајно и плодно неспокојство“ за кое зборува Жак Ласен. Катастрофата е навистина стравична, но човекот е нејзиниот виновник и тој самиот си ја има избрано таа судбина, како да велат овие слики. Всушност, судбината на човекот тука е дадена мошне посредно: дури и вистинска човечка фигура е мошне ретка на овие слики. Место неа тука владее нејзиниот предвид, она што ја заменува: маска, плашило, кројачки манекен, кип. Тоа е само остаток од човекот, човек отуѓен од својата сопствена природа, бедна замена на неговиот лик. Сликите на Куновски се смеат врз склоноста на овој век кон идолатрија, се подбиваат со двојноста на човекот, со неговата надворешна обвивка која честопати се заканува да го заземе примарното место во рангирањето на вредностите.

(...)

Сликите на Куновски се слики од тешки соништа; нивната логика е логика на соништата. Пловејќи низ високите области на фантастиката, овие слики се истовремено на еден извонреден начин и нестварни, и препознатливи. Магијата на непредвиденото и мистеријата на насетеното ги мешаат во нив своите таинствени закони и невидливи нишки. Како резултат на тоа мешање, тие треперат во една неизречлива флуидна состојба помеѓу реалноста и привидот. Некои од нив, остварени со извонреден спој на поетското чувство и сликарската вештина, може да стојат во секој антологиски избор на македонското сликарство, во секој негов - имагинарен или не - музеј.

Ден после земјотресот, 1963

Зоран Милиќ, Луѓе маски, Лист Младих „68“, Ниш, 1969

Нестварни луѓе, луѓе од метал, луѓе маски во некој апокалиптичен свет, лишен од убавина, лишен од причина и смисла на постоењето, во светот на чудните нешта, рамнодушноста, трагичниот, изневерувачки свет, каков што е понекогаш овој нашиот, светот кој лебди и е на работ на катаклизма, кој секојдневно опасно еквилибрира помеѓу светлоста и мракот - тоа се платната на Спасе Куновски. Луѓе отворени со клуч за конзерви, луѓе оџаци, луѓе маски, луѓе отпадоци од човечкото; свет страшен и нестварен, свет кој опоменува, но и свет кој плени поради својата изворност и мајсторство, слободата и чистотата. Имаме пред себе човек жртва, човек каков што не постои и не треба да постои, човек кој со својата несреќа се спротивставува на сите можни несреќи над кои таа необично, така често, така неодговорно лебдиме... „наидуваме на морничава тишина“, како што би рекол Славко Јаневски. Таа тишина ненадејно ни ги допира сетилата со акордите на напукнатите черепи, преку чија насмевка ѓаволот распнал бодликава жица на која со вжештено копито се свири полка на мртовците, на оние мртовци што се раѓаат мртви и не се плашат од смртта, бидејќи нивната колевка и нивниот дом е напукната, ладна, недостапна земја на непознатиот континент - што е, каков е и каде ќе оди овој свет од еден друг свет? Без одговор сме. Но, не и уметникот кој му дал право на живот во името на вистинскиот живот.

Апсурден идол, 1967

Ксенија Гавриш - Сликарството на Спасе Куновски - доживување на судирот ГРАД-ЧОВЕК, Нова Македонија, 1961

Куновски денес непосредно се истакнува во генерацијата на младите... Како личност е одреден и сигурен.

Созревањето на неговиот извонредно личен израз се развива во правец на поетскиот, магичен реализам.

Останувајќи и емотивно поврзан со еден лирски, симболично и филозофски интониран надреализам, Куновски никогаш не ја губи врската со едно индивидуално користено фигуративно сликарство.

Во неговите занимливо градени надреалистички слики може да се најдат извесни странски асоцијации, но нив ги обојува една посебна поезија нијансирана со усет за тон и смисла за фактура. А каде го подредуваат сликарството на Куновски и што откриваат за него?

По својот сликарски став, по својата филозофија и сфаќањето на нејзините основни вредности, а особено по својот стоички однос кон нетрајноста на животот, кон неговата релативност, изгубеност, судбинска неминовност и произволност и една горчлива поетичност со која го проникнува и загрнува своето дело, Спасе Куновски е во извесна смисла македонскиот Ступица. Неговите звучно обоени платна поседуваат и едни далечни, дискретно навестени, надреалистички односи, многу драматични творби, им дава посебна чар.

Кловн, 1960

(...)

Тој привлекува со неочекуваноста на својата визија, со смелоста на својата метафора. Се движи во просторот помеѓу надреализмот и магичниот реализам.

Во власт на некакви потсвесни визии, секогаш на границата од соништата и јавето, натопени со таинствени иреални штимунзи, тој е и поетичен, и длабок во исто време.

Неговото сликарство навлегува во сферата на еден преобразен реализам префрлен од другата страна на границата на стварното и поетизиран до таа мера што Куновски со тоа мораме да го подредиме во онаа кај нас се’ уште малубројна група, која во таканареченот магичен реализам гледа за себе најдобра можност сликарството да го здружи со оној вид психологија чии корени се во човековата потсвест.

Маски, 1966

Зрнка Новак, Ликовна хроника, Изложба на Спасе Куновски и Боро Митриќески во галерија „Форум“ во Загреб, Око, бр. 82, 1-15.5.1975

Делото на македонскиот сликар Спасе Куновски е по малку херметично. Тоа несомнено припаѓа на врвните ликовни остварувања на современата македонска уметност. Тоа е сликарство во кое има елементи на традиционалната надреалистичка содржина - и како и секое сликарство што нè воведува во слоевитите лавиринти на човековата потсвест - тоа е фигуративно. Говорејќи за тоа дело, македонскиот писател Славко Јаневски запишал: „Зарем не сме обземени од поетското сочувство, за сè што насетуваме во овој табор на дрвени кловнови, жени или кукли - кои изртеле од штаките на инвалидите, започнатите актови или сомнабули на столб, меч или распетие“. Авторот е навигатор на тој пат за морбидни, но животни легенди, легенди кои растат, стануваат и остануваат голема асоцијација. Колористички, Куновски останува придужен и одмерен како и неговите ликови, како и сликарските објекти: сопнати подигрувачи на човековите сновиденија.

Апсурден портрет, 1969

Викторија Васева, Надреализмот на Спасе Куновски, Културен живот, Скопје, март 1978

Наспроти спонтаноста со која твори, обликува и материјализира Куновски довикувајќи ги сеќавањата и потсвеста, во неговите дела има траги од осмислен остаток на намерното, што конечно ќе го обележи сиот негов творечки опус. И покрај ова чувство на осмисленост, неверојатната способност за евокација, која како да извира од пределите на несвесното, им дава трајна вредност на неговите дела и магична моќ останувајќи постојан извор на уметниковата инспирација. Тие „Соневни преобразби на реалноста“ произлезени како претскажување на несвесното ја чинат духовната срцевина на делата на Куновски.

(...)

Ако, како што вели Марсел Рејмон во својата студија Од Бодлер до надреализмот, „Обвинението што може да се покрене против надреалистите и онаа подлабока причина поради која тие и дефинитивно не успеале да ја спроведат својата револуција е во тоа што се обиделе да го изнасилат несвесното, со силата да ги победат тајните кои можеле и онака полесно да се откријат и од помали уметнички умови“, тогаш Куновски е ослободен од обвинението зашто, се чини, тој не го изнасилува несвесното, не го пренагласува, туку му служи да прекине со приказот на нештата онакви какви што се, како и со грубата, брутална реалност за да ни ги открие контурите, гласовите и слоговите на еден процес на настанување и исчезнување, чие раѓање и умирање е длабоко врежано „од онаа страна“ на свеста, некаде во таинствените лавиринти на уметниковата душа.

Игра на мртвата ваза, 1969-1970

За разлика од еден дел уметници, кои во рамките на надреализмот се ориентирани кон „параноидните процеси“, егзибиционизмот, автоматизмот (Арп, Дали), во југословенските ликовни сфери Куновски единствено останува доследен, но и свесно несвесен следбеник на надреализмот и еден од ретките што сонува со отворени очи. За неговите дела повеќе може да се каже дека се спротивност на Бретоновото тврдење „диктатот на мислите е зависен од секоја естетска или морална окупираност“. Ова е особено нагласено во уметниковите дела сврзани за последните години на војната.

Кај Куновски решава свеста. Таа е силата што диригира и диктира, скротува и несвесно насочува, таа ги материјализира и ги обликува нејасните, фрагментарните и повремените продори на потсвеста. На крајот, несвесниот почеток на уметникот во творечката постапка и свесното докажување на евидентните вредности лежат во заемниот однос на свесното и несвесното, што им дава вистинска вредност и висок уметнички квалитет на неговите дела. Затоа, Бретоновото „Јас верувам дека привидната спротивност помеѓу сонот и јавето ќе биде решена во некој вид апсолутна реалност, - во надреализмот“ значи „Јас верувам во Спасе Куновски“, зашто неговата апсолутна реалност се неговите дела.

Портрет на илузионист, 1967

Обесчестени цветови, 1971

Портрет со чадор I, 1971

Портрет со маска, 1971

Помеѓу животот и смртта, 1973

Пикова дама, 1976

Старец, 1977

Автопортрет со цигара, 1975