Свети Симеон Столпник

15.11.2016 16:29
Свети Симеон Столпник

 

Во христијанскиот свет светоста не е ништо друго туку подражавање на Христа. Страдањето, и тоа страшно, ќе го поднесуваат оние кои ќе го дадат животот за докажување на својата вера. Ним им се обраќа Тертулијан (2-3 век од новата ера) во своето дело „На мачениците“, повикувајќи ги да ги поднесат неискажливите страдања (но искажани со лошо прикриен садизам) на кои им одат во пресрет.

Меѓу христијанските пустиници од првите векови очевидно најгрди биле столпниците, кои живееле на врв од столб, поднесувајќи ги немилосрдноста на (не)времето, инсектите, црвите со кои биле прекриени, постојано во борба со неподносливо примамливите привиденија и опседнати со ѓаволски кошмари. Столпниците се тема на славната песна на Тенисон (1809-1892).

Умберто Еко


 

Алфред Тенисон
Свети Симеон Столпник

Ма бил и најбеден од сите луѓе,
(Од глава до петици) скрама и краста на грев,
Недостоен за земјата, недостоен за небото, едвај кадарен
За четите од ѓаволи, збеснати од богохулење,
Нема да престанам да се држам до надежта на светците
(Која ја чувам), да викам, да се жалам и да цивкам,
Тропајќи во небеските порти (со луњата од молитви),
Смилуј се, Господе, и ослободи ме од гревот.
Нека ова успее (само, страшен, можен Боже),
Нек не биде залудно, нека триесетте години
Се утростручат со натчовечки болки,
Во глад и во жед, во грозница и кивавица,
И кашлање, болки, прободувања, болни чиреви и грчеви,
Еден знак помеѓу долината и облаците,
(Трпеливо) од високиов столб поднесував
Дожд, ветар (мраз), врелина, град (влага, и снег, и веавица)
И прерано се понадевав
Дека ти ќе ме примиш под закрилата своја
Не лишувајќи ги гниливе удови потепани од невремето
Од наградата на светците, дланка и бела одежда.

(...)

(О господе, господе)
Знаеш дека на почетокот ова подобро го поднесував,
Оти телото тогаш ми беше јако и здраво:
Иако моите заби, сега веќе сите испопаднати,
Цвокотеа од зима, а мојата брада
Од мразулците светкаше на месечината,
Го задушив уткањето на буфот со звук
(на побожни химни и) псалми, и понекогаш гледав како
Еден ангел стои и ме посматра, додека пеам.
Сега станав нејак; крајот ми се наближува;
Се надевам дека крајот ми е поблиску: полуглув сум
Така што едвај да можам да го слушнам џагорот на луѓето
Околу подножјето на столбот, а речиси слеп,
И едвај можам да ги препознам познатите полиња;
И обете мои бедра од росата се гнили;
Сепак не престанувам да извикувам и да цивкам,
Додека уморната моја глава (крутиот) рбет ја држи.

Превод: П. В.

Слики:
Вилијам Хон, Свети Симеон Столпник, 1826.
Вилијам Барџис, Свети Симеон Столпник, 1841.

оригиналната песна

Симеон (389-459) до осумнаесеттата година бил пастир. Откако се замонашил по побожноста ги надминувал сите калуѓери и поради претераната ревност едно време бил исфрлен од монашкото братство. Кратко време живеел во планина, во некој пресушен бунар, а потоа на планината Калат Симан така што бил закован за карпа. Бидејќи го посетувале многубројни луѓе, Арабјани, Персијанци, Ермени итн., за да избегне да го допираат, Симеон побарал да му направат столб на кој постојано престојувал. Такви столбови тогаш биле правени и на други места. Столбот на Симеон бил висок 16 метри а околу него биле поставени две камени огради. Од столбот Симеон проповедал, а тука имал и мало засолниште кое го користел за молитва. Постојано постел, а оброците му се состоеле од вода и расквасена леќа. Верниците му припишувале власт над животните, но и пророчки моќи. Се верувало и дека може да ги преобрати и најстрашните разбојници. На столбот поставен блиску до Алепо, во Сирија, Симеон живеел 37 години.

Алфред Тенисон (1809-1892) бил водечки поет на викторијанската епоха, додека бил жив. Поет е со голема снага и уметник чиишто строфи одамна се одомаќинети фрази во англискиот јазик; денес многу негови стихови се сметаат за народна мудрост или за изреки. Но, бил и мисловен поет кој умеел надворешните поттици да ги подложи на дисциплината на најдлабоките човекови запрашаности.

Почнал да објавува рано, но неговата втора збирка, од 1833 година, наишла на остар одзив на критиката. Тоа условило Тенисон во следните десет години да не објавува. За тоа време, после татковата смрт, ја преземал грижата за бројното семејство. Во 1833 на одмор во Италија ненадејно умира неговиот најдобар пријател, Артур Хелам, кому му посветува неколку песни, меѓу нив и ремек-делото, обемниот циклус „Ин мемориам“, кој ќе го објави дури во 1850 година.

ОкоБоли главаВицФото