1012 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 07:59
Предизвикот пред нас е очигледен: се соочуваме со глобализација на анти-глобализацијата, со широк фронт на популисти, со националистичка интернационала. „Денес САД, утре Франција“, твитуваше Жан-Мари Ле Пен. Ни претстои долга и тешка борба до победата. Можеби патем ќе мора да го пронајдеме новиот „лидер на слободниот свет“. Но, на крајот ќе победиме.
Русија на Владимир Путин не е далеку од фашизмот. Турција на Реџеп Таип Ердоган е сè поблиску до преминување на линијата која ја дели не-либералната демократија од фашизмот, а во Унгарија на Виктор Орбан веќе владее не-либерална демократија. Во Полска, Франција, Холандија, Британија, а сега и во САД, треба да се одбрани линијата за разграничување помеѓу либералната и не-либералната демократија.
Во Британија тоа значи да се одбрани независноста на судството, сувереноста на парламентот и слободата на медиумите. Во САД ќе присуствуваме на најтешкиот испит на еден од најмоќните и најстарите либерално-демократски системи и неговите механизми за заемна контрола. Републиканците имаат мнозинство во Конгресот, а Доналд Трамп изгледа ќе добие можност да изврши важни именувања на повеќе судии во Врховниот суд. Сепак, тоа сè уште не значи дека сè ќе биде онака како што сака тој.
Во сите облици националистички популизам воочлива е идеологијата која тврди дека директно изразената волја на „народот“ е најголемиот извор на авторитет. Популистичките лидери како што е Мари Ле Пен се претставуваат како единствениот глас на народот. Слоганот на Трамп „Јас сум вашиот глас“ е од препознатливо популистичка природа. Таква е и насловната страна од весникот Дејли Мејл на која тројцата судии што донесоа одлука дека за брегзитот сепак мора да се праша и британскиот парламент, се прогласени за „народни непријатели“. Истото важи и за турскиот премиер, кој на тврдењата од ЕУ дека со брутална репресија над медиумите ја премина границата на прифатлив одговор дека „единствено народот може да ги одредува границите на прифатливоста“.
Анализирајќи повнимателно се покажува дека „народот“ – можеби тука би бил посоодветен зборот Volk – е само еден негов дел. Трамп одлично илустрираше како функционира тој популистички трик со пропратен коментар на еден од собирите за време на кампањата. „Најважно е обединувањето на нашиот народ“, рече, „другите не ни значат ништо“. Како што гледате, народот никогаш не се другите: Курдите, муслиманите, Евреите, бегалците, имигрантите, црните луѓе, елитите, експертите, хомосексуалците, Ромите, космополитите, метрополитанците, геј судиите што ја сакаат Европа. Најџел Фараж од Укип, објави дека брегзитот беше победа на обичните, пристојните, реалните луѓе – со што преостанатите 48 проценти од гласачите кои исто така излегоа и гласаа ги прогласи за луѓе кои не се ни обични, ни пристојни, ни реални.
Што нè учи историјата за феномените кои се движат како бранови и во исто време се појавуваат на повеќе места во локално специфични национални и регионални облици, но секогаш имаат одредени заеднички карактеристики? Националистичкиот популизам денес, глобализираниот либерализам (или неолиберализам) од деведесеттите години од 20 век, фашизмот и комунизмот од триесеттите и четириесеттите, империјализмот во 19 век. Од тоа можеме да извлечеме две лекции: прво, ваквите појави бавно се трошат; второ, за нивен пресврт (ако е можно да се направи пресврт на бранот) е потребно да се покаже храброст, одлучност и доследност, потребно е да се развие нов политички јазик и нови решенија за реалните проблеми.
Добар пример е паралелниот развој на пазарната економија и државата на благосостојбата по 1945 година. За таков модел, кој ги прекина брановите на комунизмот и фашизмот, беа потребни интелектуални генијалци како што е Џон Мајнард Кејнс, управувачки вештини како на Вилијам Бевериџ и политички таленти како Клемент Атли. Велам „луѓе како“, зашто во другите верзии од истата приказна, во другите западноевропски земји, се споменуваат некои други имиња. Колку беше голем океанот со крв, пот и солзи што го преминавме за да стигнеме до таа точка.
Затоа мора да се подготвиме за долга борба која може да потрае и цела една генерација. Ова сè уште не е „пост-либерален свет“, но би можело да стане таков. Силите зад популистичкиот фронт се сè посилни, традиционалните партии се сè послаби, а ваквите бранови не можат да се запрат преку ноќ.
За почеток, мора да го одбраниме плурализмот. Исто така, мора да ги разбереме економските, општествените и културните причини за пресвртот на популизмот. Не само либералите, туку и левицата и умерените конзервативци треба да пронајдат нов јазик со кој емоционално и суштински ќе го ангажираат оној дел од популистичкото изборно тело кој не пропадна неповратно во ксенофобија, расизам и мизогинија. (За почеток можеме да не ги опишуваме како „несреќници достојни за презир“.) Но, самата реторика очигледно нема да биде доволна. Какви политики ни се потребни? Дали работните места навистина ги загрозуваат договорите за слободна трговија и имиграција или пред сè тоа е технологијата? Ако е второво, што сме подготвени да преземеме?
Надвор од Британија, првиот предизвик е да ја спречиме ерозијата на постоечките елементи на либералниот светски поредок – договорите за климатските промени, на пример, и постоечките договори за слободна трговија. Од филозофска гледна точка, можно е претседателот на Кина, Си Џинпинг да го поздрави осамнувањето на новиот свет на Трамп за силни, националистички настроени суверени држави, но двајцата лидери веројатно сфаќаат дека враќањето кон економскиот национализам од триесеттите години и царинските тарифи за стока од Кина од 45 проценти, како што ветуваше Трамп во кампањата, беше катастрофално за двете страни. Добра вест е што националистичката интернационала е внатрешно противречна.
Да се надеваме и дека сериозните и искусни Американци ќе продолжат да одат на работа и ќе ја обликуваат економската политика на новата администрација, колку и да им е неприфатлив Трамп. Дојде време да се потрудиме и да ја усвоиме „етиката на одговорноста“ на Вебер. Но, дури и така, ова ќе биде нестабилен и непредвидлив претседателски мандат. Дотолку поголем е товарот на другите водечки демократии: во Европа, но и во Канада, Австралија, Јапонија и Индија. Ако ние во Европа сметаме дека е суштински важно балтичките земји да се заштитат од можна агресија на Русија на Путин, треба да го обезбедиме тоа преку НАТО и ЕУ. Не можеме да се потпреме на добрите односи помеѓу Путин и Трамп.
Ако ние Европејците сметаме дека е важно да се одржи во живот независна украинската демократија, мораме и самите да се погрижиме за неа. Бидејќи Британија се повлече на маргината благодарение на сопствената верзија на националистичкиот популизам, посебна е одговорноста на француските и германските гласачи. Ако до крајот на годината за претседател во Франција биде избран Ален Жопе и ако Ангела Меркел повторно биде избрана во Германија, Европа би можела да се спротивстави.
Најдостоинствениот коментар што го слушнав за победата на Трамп беше оној на Ангела Меркел. „Германија и Америка“, рече, „ги поврзуваат вредностите на демократијата, слободата и почитувањето на законите и човечкото достоинство, без оглед на потеклото, бојата на кожата, вероисповедта, сексуалната ориентација или политичките ставови. На Доналд Трамп, следниот претседател на САД, му нудам блиска соработка која се темели на овие вредности“. Беспкрекорно. Фразата „лидер на слободниот свет“ вообичаено е резервирана за претседателот на САД и често се користи со доза иронија. Во искушение сум да објавам дека од денес новиот лидер на слободниот свет е Ангела Меркел.
Илустрација: Ben Jennings
Извор: https://www.theguardian.com/