Интервју на Славко Јаневски со Спасе Куновски (1971)

16.11.2016 16:14
Интервју на Славко Јаневски со Спасе Куновски (1971)

Минато, 1961

 

ЈАНЕВСКИ: Надреалист си. Сè уште мислам дека во овие загадочни амбиси на творење те влече убавината на ужасот.

КУНОВСКИ: Не ѝ се тргам на таа убавина. Напуштените куќи се черупки на осаменици. Од тие краишта сум. Тоа ме привлекува, ме растажува, ме доведува до очај. Осаменоста е убавина, но и ужас. Моите личности се осамени, начнати, изгубени.

ЈАНЕВСКИ: Таму кај што нема луѓе, и времето е мртво. Размислувам за тоа какви би биле Бош и Бројгел во современиот свет на атомски заканувања, на менаџерски разорувања на организмот и психата, на сите оние мали и големи војни.

КУНОВСКИ: Гротескноста на нивните слики би била иста, ужасот многу поголем.

ЈАНЕВСКИ: Врати се во нивното време, сликај.

КУНОВСКИ: И во тоа време ќе бев ист каков што сум сега, само со херои во подруги костими.

ЈАНЕВСКИ: Повикан си на олимпијада на сликарството. Можеш да типуваш на оној човек со опавчиња од глувче над устата, на оној Дали. Не заборавај дека се таму и Брак, Пикасо, Шагал, Де Кирико.

КУНОВСКИ: Ги ставам на иста линија на целта. Еве сум и јас, и некои мои врсници зад нив. Би сакал да го почувствуваат нашиот ѕверски здив во тилот.

Археологија на една катастрофа, 1965

ЈАНЕВСКИ: Врсници има многу, големи сликари малку. Те ставам на проба: насликај портрет на атомска бомба, јас го сторив тоа во стиховите на „Евангелие по Итар Пејо“.

КУНОВСКИ: Не умеам да го објаснам она што ќе го насликам. Ќе го објаснам веќе тоа на платно со бои.

ЈАНЕВСКИ: Насликај го барем портретот на еден што живееше вчера или живее денес.

КУНОВСКИ: Ќе ги скицирам стиховите од твоето „Евангелие...“:

„Еден Македонец
Арен Македонец
Божи Македонец
Изел Македонец
Па не знае
дали е 1*1 Македонец
Или 2-1 Македонец.“

ЈАНЕВСКИ: Што се однесува до современикот, јас го сакам. Ми пречи полтронството, чиновничката суровост, шупливите фрази, неработењето, лагата, глупоста. А тебе?

КУНОВСКИ: Прашањето со сите тие набројувања би го поставил и јас. Несфатливи ми се уметниците со сите тие (анти)квалитети.

ЈАНЕВСКИ: Еден гигант рекол дека грбавиот ќе го исправи само грбот. Сети се на онаа моја игра на поединец против една комисија која располага со парите за култура. Воопшто не знам дали нешто се изменило за нецела година.

И бол и бес, 1968-1969

КУНОВСКИ: Мене никој не ми поднесол сметка за тоа. И не ми треба. А тебе?

ЈАНЕВСКИ: Јас им поднесувам сметка на сплетките. Затоа не сликај го актот на бирократот. Би ме убила веста за твоето внимание.

КУНОВСКИ: Остани доследен на онаа твоја изјава: Уметникот се раѓа сам и умира сам. Му припаѓа на општеството, но живее сам.

ЈАНЕВСКИ: Ги читам Библијата, Коранот, митовите, Достоевски, Фокнер, Витмен, Лорка, Андриќ, Давичо, Брем, пумарски прирачници, сè за билките и за животните. Речи ми чии слики гледаш.

КУНОВСКИ: Фреските по нашите манастири, Нерези, Марковиот, Нагоричани. И сликите на оние што ги споменавме во разговорот во врска со онаа олимпијада на сликарството, и оние што не ги споменавме.

ЈАНЕВСКИ: Но, да си се родел пред сите иконописци?

КУНОВСКИ: Тогаш што гледал пештерскиот човек, оној што сликал?

ЈАНЕВСКИ: Дали би основал ликовна академија на надреализмот?

КУНОВСКИ: Ако го сторам тоа, тогаш лорњорот и глувчешките опавченца ќе му останат сепак на Салвадор Дали. Меѓутоа зошто, чуму ѝ е школа на школа?

ЈАНЕВСКИ: Знам еден незнајко кој се плетка помеѓу слики и скулптури.

КУНОВСКИ: Умеењето на творењето со задоволство ќе се степа. Незнајковците само привидно го добиваат бојот. Често со полтронство и декрет - да биде тоа, да решава за тоа, да сопнува околу себе.

Гозба со плашило, 1970

ЈАНЕВСКИ: По ѓаволите со таквите, но можеби некои од нив и ја сакаат уметноста.

КУНОВСКИ: Можеби ги собираат и сликите како што можат да собираат човечки души во подрумски тегли.

ЈАНЕВСКИ: Тресни го по десертот додека му е в гуша, ако не си превисок. Мене ми се потгрнува од патот.

КУНОВСКИ: Сепак, тој е сè уште силен. Еве ти ја сликата: расен бик под ногата на надуен жабок.

ЈАНЕВСКИ: Еве ти положба. Стори нешто за динарот на културата.

КУНОВСКИ: Ги кинам обрачите на монополизмот и му наоѓам вистинска намена. И ако тој динар, како што велиш ти, е наменет за културата, тогаш му ја враќам неговата вредност.

ЈАНЕВСКИ: Еве ти положба на волшебник. Направи го човекот среќен.

КУНОВСКИ: Ги бришам од животот злосторот, дискриминацијата, војните.

ЈАНЕВСКИ: Брзаш. Но, бездруго нема да ги заборавиш полтронството, кариеризмот, подметнувањето.

КУНОВСКИ: За среќата на човекот тоа би било премногу.

ЈАНЕВСКИ: Циникот од еден мој текст вели: „Утре сите ќе пишуваат, никој не ќе чита“. Утре сите ќе собираат слики. Не вреди да се пишува, не вреди да се слика?

КУНОВСКИ: Јас сепак ќе сликам. Друго ни умеам, ни сакам.

ЈАНЕВСКИ: Вчера не беше така?

КУНОВСКИ: Јас и вчера сликав. Друго не умеев и не сакав.

ЈАНЕВСКИ: А денес?

КУНОВСКИ: А зарем ти не пишуваш денес?

ЈАНЕВСКИ: Појдоа на месечината. Што ќе им го тоа?

КУНОВСКИ: Месечината не е свет на мистеријата. Не ме возбудува.

Метафизичка носталгија, 1967

ЈАНЕВСКИ: Јас Ленина го сакав жив, не мумија. Би го вратил Владимир Илич во живот, Сервантеса, Балзака, Чехова, Ајнштајна, многумина... Дополни...

КУНОВСКИ: Гоја, Веласкез, Свифт, Толстој, многумина...

ЈАНЕВСКИ: Значи, твојот тип човек - опиши го.

КУНОВСКИ: Тип на достоинствен, креативен, човекољубив човек. И смел.

ЈАНЕВСКИ: А античовекот?

КУНОВСКИ: Оној што им пакости на средината, на прогресот, на иднината.

ЈАНЕВСКИ: Парите?

КУНОВСКИ: Без задоволство продавам слики.

ЈАНЕВСКИ: Ги пребројуваш банкнотите или ги избираш купувачите?

КУНОВСКИ: Второво. Сè поретко. Тешко се делам од сликите.

ЈАНЕВСКИ: Вели еден на еден англиски „Овде спокој најдов јас. Џими Хог (моите греови ќе ги прости Бог) (а јас би сакал да сум жив и бог)“, а бог да биде тој покоен Хог.

КУНОВСКИ: Напиши им епитаф на самоповиканите богови. Тоа можеш.

Портрет на окупаторот, 1969

ЈАНЕВСКИ: Вели еден друг на руски дека на човекот сè треба да биде убаво - и облеката, и лицето и душата. Така некако. Прочитав дека хероината на татковинската војна, Зоја, го чувала тоа во својот нотес или дневник. Што да чува твојата ќеркичка во нотесот?

КУНОВСКИ: Сè за убавината на духот и телото.

ЈАНЕВСКИ: А нашата современичка?

КУНОВСКИ: А зарем Зоја Космодејанскаја не е наша современичка?

ЈАНЕВСКИ: Но, жената денес можеби е опседната од модата, од козметиката?

КУНОВСКИ: Тоа не ја ослободува од грижите и од обврските во секојдневниот живот.

ЈАНЕВСКИ: Се прават обиди, еден вид помодност во уметноста да се загрне со плаштот на модерното.

КУНОВСКИ: Зошто, пак, конзервативците да бидат подобри од помодарите?

ЈАНЕВСКИ: Иднината на сликарството од твојот тип?

КУНОВСКИ: Има мигови кога е претешко да се говори и за иднината на човештвото. Сепак - верувам.

Портрет на војник, 1970

П.С.

ЈАНЕВСКИ: Критичарите ликовни - како се некои од нив со здравјето, со умеењето?

КУНОВСКИ: Некои не се во состојба да го отфрлат плагијатот и аналфабетизмот. Поедини пишуваат според шемата на крстозборите.

ЈАНЕВСКИ: Знам и молчам засега. Еднаш ќе им ја споменам веќе, нивната т.н инвентивност, т.е. може и да не го сторам тоа. Што ним, на тие поединци им недостасува?

КУНОВСКИ: Критериум, познавање, вистински збор, подлабока смисла, професионална одговорност. Секогаш сè исто за сите зборуваат. Еден вид лажен хуманизам ги покрива и форсира таквите појави и во критиката, и во уметноста. А ете, се молчи.

ЈАНЕВСКИ: Се молчи. Но, таквите медиокритети се денес и во другите уметности малечки богови. Еден ден можеби малку ќе умрат, ќе си почекаме. Дотогаш нека се граба за монопол неспособноста во една општа монополијада.

Портрет, 1968-1969 

Призрачни раце, 1967

Трагичен симбол, 1967

Игра со ветер, 1974

Портрет со чадор II, 1973-1974

Скршената џамија во Куманово, 1960

Реминисценции на старецот, 1973-1974

Апсурден акт, 1977

 

Поврзана статија: Спасе Куновски: Сликар на тешки соништа

 

Извор: Предговор за каталог, Уметничка галерија, 1971
Слики: Спасе Куновски