Деца добија право да ја тужат владата на САД за климатските промени

16.11.2016 17:01
Деца добија право да ја тужат владата на САД за климатските промени

Позитивна вест за борбата против климатските промени остана засенета од претседателските избори во САД, а тоа е дека група составена од деца-активисти официјално добија право да ја тужат државата поради глобално затоплување.

Тужбата поднесена од 21 млади луѓе ја усвои Американскиот окружен суд во Јуџин, Орегон. Група граѓани, чија возраст се движи од девет до дваесет години, го обвинија претседателот Обама, индустријата на фосилни горива и други државни агенции за кршење на нивните уставни права поради климатските промени.

„Федералните судови премногу често беа внимателни и попустливи во правото за животна средина, а светот страдаше поради тоа“, напиша судијката Ајкен во нејзината пресуда.

Заедно со познатиот научник за климатски промени Џејмс Хансен, кој во 1988 година се изјасни пред Конгресот за штетните ефекти од емисиите на стакленичките гасови, младата група ја поздравија многу активисти кои на нивната тужба гледаат како надеж за идните генерации.

Во неа, тужителите ја обвинија американската влада и енергетската индустрија дека го загрозува нивното право на живот, слобода, сопственост и на виталните јавни извори.

Како најголема асоцијација за трговија со фосилни горива, Американскиот институт за нафта троши милиони долари за лобирање секоја година, промовирајќи ги интересите за нафта, гас и јаглените компании.

Судијката во случајот пронајде вистина во жалбата на тужителите. Според неа, неспорни се климатските промени предизвикани од човекот и ги поддржа младите активисти во предизвикот да бараат одговорност од надлежните за штетите предизвикани од глобалното затоплување.

Таа напиша: „Оваа акција има поинаква пресуда од типичен случај за животна средина. Во пресудата се тврди дека дејствијата и инертноста на обвинетите, без разлика дали тие прекршиле специфична законска обврска, толку длабоко ја оштетиле нашата планета, што ги загрозија основните права на тужителите, како животот и слободата“.

Победата на младите активисти е значајна, не само по себе, туку претставува и преседан за наредни случаи налик на овој. Минатата година, судот во Холандија пресуди во корист на граѓаните, наредувајќи ѝ на државата да ги намали емисиите на гас за 25 отсто во наредните пет години. Ова беше првпат судот да одлучи дека „државата има независни правни обврски кон своите граѓани“.

Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото