Терористички напад на Европа

09.06.2010 15:14
Терористички напад на Европа

Баук кружи над Европа – Грција. Треба да се спаси на секој начин. Ја знаете реториката: ако падне Грција, паѓа еврото, еврозоната, Европската унија и европскиот сон. Грција не смее да падне! По никоја цена! Ако падне Грција, паѓаме и ние. Ако падне Грција, паѓаат и останатите домина – Португалија, Ирска, Шпанија, Италија итн. Но кај стравот од грчкиот банкрот, кој би можел да го закопа еврото и ЕУ, не се работи само за стравот од грчкиот банкрот, туку и за стравот од грчка револуција – значи, од тоа Грција да падне во пламенот на револуцијата. Кога револуцијата би успеала во Грција, таа би можела да се прошири и на други земји. Ergo: Грција треба да се спаси од банкрот за да се спаси од револуција. Стравот од тоа дека банкротот на Грција ќе се прошири на останатите земји од ЕУ беше само страв од тоа дека пламенот на револуцијата од Грција ќе се прошири во останатите земји од Унијата.

 
На Грција мораше да и’ се врати вербата во еврото, пазарот, капитализмот и економската иднина, и тоа само за европските држави да не почнат да ја губат вербата во еврото, пазарот и капитализмот. Не без причина: токму сега – во оваа финансиска и економска криза – вербата во пазарот и капитализмот е толку опадната што бара и повикува на алтернатива. На пламен. На револуција. Веќе долго време не била толку раздрмана. Глобалните производствени сили и националните држави се во толкав остар конфликт што сето она што до вчера важеше како природно и саморазбирливо, сега се распаѓа.
 
И затоа можеби и не би било толку лошо кога не би ја попречувале Грција, кога би ја препуштиле на револуцијата, ако барем поради ништо друго, тогаш поради тоа конечно да видиме што ќе се случи – да видиме која е алтернативата. Имено, откако светот се најде во криза постојано алтернативата виси во воздухот, но никако не ни даваат да ја видиме. Секогаш во вистинско време ја докапитализираат. Грција беше на патот да стане алтернатива – значи, да стане она што настанува од отпорот против повампирениот капитализам и корумпираните политики. И секој ленинистички јакобинец кој израснал на Брехт, при погледот на грчкиот пламен, само ќе воздивне: што е палењето на една банка во споредба со спасувањето на истата!
 
Грчката ситуација ја споредуваа со различни ситуации од минатото, од периодот при крајот на 19-от век, кога Грција навистина прогласи банкрот, и периодот 1964-1974, кога Грција - во спрега со ЦИА – беше спасувана од страна на воената хунта, а некои ја споредуваа дури и со големата југословенска криза од почетокот на 80-те. Но уште подобра споредба е онаа со периодот при крајот на Втората светска војна, кога Грција ја „спасуваа“ од комунизмот. Не заборавајте: Американците толку се плашеа од комунизмот што по војната изрежираа избори во Турција, Италија и Грција – плашејќи се дека на власт можат да дојдат комунисти. Да ја земеме за пример Италија: дел од таа хистерична антикомунистичка кампања беа писмата во кои Американците со италијанско потекло им пишуваа на своите роднини никогаш да не гласаат за комунистичката партија – во Италија само пред изборите во 1948 г. пристигнале 10 милиони такви писма. Се разбира, ЦИА тајно финансирала и пропагандна војна против италијанската комунистичка партија. Ватикан со именување на членовите на партијата, со масовното основање антикомунистички „цивилни комитети“ и со приказната за „светата војна“ опоменуваше: не гласајте за комунистите! Американското министерство за надворешни работи јасно стави до знаење: кој ги симпатизира комунистите, нема да емигрира во САД.
 
Истовремено Америка сите овие земји ги опсипа со финансиска помош, за економски да закрепнат – стравуваше дека луѓето во повоениот хаос, безнадежност и сиромаштија ќе почнат да кокетираат со комунизмот, односно, би побарале советизација на западна Европа. Со други зборови: се плашеше дека западна Европа – од Средоземјтето до Скандинавија и Британија – би можела да падне под комунизмот. Затоа Америка тогаш инсистираше на Трумановата доктрина и Маршаловиот план, програма за економско заздравување на Европа, чоја цел беше токму следново: на западна Еврпа да и’ се врати вербата во капитализмот и пазарот. Американците беа многу дарежливи, но не без причина – се обидоа да ги убедат Грците, Турците, Италијанците и другите дека капитализмот се променил. Дека сега е почувствителен, понежен. Подарежлив, посоцијален, попријателски. Прифатете го капитализмот! Ако се решиш за капитализмот, парите повеќе не се проблем! И со американска помош, грчката граѓанска војна, која се развлече од 1944 до 1949 г. (комунистите ги сервисираше Тито, а не Сталин!) заврши со поразот на левицата. Комунистичката партија по итна постапка беше избришана, комунистите се разбегаа. Се разбира, потоа Грција беше примена во НАТО – за да не се советизира.
 
 
Значи, клучот беше Грција. И реториката беше слична со сегашната: Грција треба да се спаси! По секоја цена! Ако падне Грција, ќе паднат и останатите домина! Ако Грција потпадне под советско, комунистичко влијание, загрозени се и земјите од западна Европа, северна Африка и Блискиот исток, вклучувајќи го и Иран. Грција не смее да падне! Значи, ако не сакаа Грција да премине на „мрачната страна“ во годините на повоениот хаос – среде страшната финансиска и економска криза – мораа да им ја вратат вербата на Грците во пазарот, економската иднина и капитализмот. Исто како што сега Грција мора да ја задржат во ЕУ, тогаш мораа да ја задржат во западна Европа. Исто како што тогаш ја спасуваа од револуција, и сега ја спасуваат од револуција. И како што тогаш со финанасиска инјекција ја враќале вербата во капитализмот, така и сега вербата во капитализмот ја враќаат со финансиска инјекција.
 
Иронијата е само во тоа што сега Грција не ја спасуваат само од револуција, туку и од самиот капитализам – и од Америка. Парадоксот е целосен: капитализмот со финансиска инјекција – со „целосна мобилизација“ на европскиот капитал – го спасуваат од капитализмот. Или: Грција ја спасуваат од капиталистички напад. Очигледно е кој го оркестрираше тој дестабилизирачки напад на Грција, кој би можел да го дестабилизира и еврото, Европската унија и европскиот сон – Америка. Односно: американските корпорации. Односно: корпорациите кои ги „почести“ Америка. За почеток, Америка никогаш не го одобри настанувањето на новата европска заедница, обединета Европа – подемот на една нова велесила која би го загрозила статусот на САД како единствена и преовладувачка велесила никако не доаѓаше предвид, дотолку повеќе што еврото можеше да го загрози и истисне доларот со чија помош Америка – ох, и американскиот сон – стои и паѓа. И, ако размислите малку подобро, Америка работеше сè за да ја разедини и разбие обединета Европа: со Вилнуската декларација, со поделбата на „стара“ и „нова“, со поткупување и притисокот врз земјите од „новата “ Европа, со дискредитирањето на Франција, со коалицирањето со Британија, со основањето коалиции, наметнувањето противракетен штит и „новата студена војна“, итн. Сето тоа делуваше, но до одредена граница. А потоа ја најде наслабата алка,  Ахиловата пета на ЕУ – Грција.  
 
Кој е виновен за колапсот на Грција? Ви рекоа: виновни се самите Грци, бидејќи ништо не работат, бидејќи се непродуктивни, корумпирани, бидејќи треба посебно да им се плаќа за навреме да се појават на работа, имаат преголеми пензии, не издаваат фискални сметки, не плаќаат даноци, само „легачат“, лудачки трошат и прекумерно се задолжуваат, бидејќи живеат над своите можности. Пораката на оваа популистичка реторика е јасна: Грците крахираа бидејќи не го разбираат капитализмот и бидејќи претерано се задолжувале. Но тоа е само димната завеса. Грчката „мрзливост“ има ситни букви, а грчкиот пат кон пеколот е поплочен со финансиското оружје за масовно уништување.
 
Прво, уште од февруари знаеме дека на Грција за патот кон економскиот пекол и’ помагал Goldman Sachs, банкарско-инвестициски конгломерат кој го оркестрирал прикривањето на грчките долгови, а истовремено – со помош на специјални „дериватни производи“ – шпекулирал на нив и дебело заработил. Всушност, овој конгломерат ја убедил грчката влада приходите од јавните претпријатија да им ги препушти на тајните инвеститори, партнери и клиенти на Goldman Sachs. Странските инвеститори, организирани од Goldman Sachs, се офајдиле, а грчката влада, на која Goldman Sachs и’ обезбедил креативно сметководство, можела дивјачки да троши. Ergo: Волстрит, она што обично го прави во земјите од Третиот свет, сега го направи во една земја од ЕУ – и предизвика втора депресија, втор и уште пофатален удар на кризата. За да нема недоразбирања: Goldman Sachs, кој е познат по арогантната корпоративна етика, е американски. Во 2006 г. директорот на Goldman Sachs стана министер за финансии на САД. Goldman Sachs, убеден дека го извршува „божјото дело“, страшно заработи на кризата, но и на финансиската помош која – поради кризата – му ја одобри американската влада. На менаџерите минатата година им исплатија награди и бонуси во вредност од 16 милијарди долари! Goldman Sachs шпекулираше против Грција и ЕУ, исто како што против еврото шпекулирале и одредени американски hedge фондови (SAC Capital Advisors LP, Greenlight Capital Inc., Soros Fund и др.)
 
Второ, засега знаеме дека против Грција и ЕУ шпекулирале најголемите бонитетни агенции, Standard & Poor's, Moody's и Fitch, кои ги оценуваат ризичноста на вложувањата, финансиските „производи“, па дури и самата држава, и кои ја оркестрираа и предизвикаа финансиската криза. Spiegel, Financial Times и BBC известуваа дека овие моќни монополистички агенции со своите неточни и фалсификувани оценки на ризикот ја предизвикале кризата и дека поради тоа ништо не им се случило, и дека „анонимните аналитичари“ и понатаму можат сосем спокојно да ги кројат судбините на инвестициите, капиталот, претпријатијата и државите. А сега тие удрија на ЕУ: најпрвин драматично ги намалија бонитетот на Грција, и тоа токму во мигот кога веќе беше јасно дека Унијата ќе и’ додели огромна финансиска помош на Грција, а потоа сосем неочекувано го намалија бонитетот на Португалија и Шпанија. Таквото намалување на оценката на финансискиот ризик предизвикува паника меѓу инвеститорите кои се обидуваат брзо да се ослободат од државните обврзници или повеќе да не ги купуваат, додека „шокираното“ претпријатие или држава мора набрзина да дојде до нов капитал. И бонитетните агенции знаеја што прават кога набрзина ги намалија бонитетните оценки на Грција, Шпанија и Португалија – знаеја дека нивните оценки стануваат пророштва кои сами се исполнуваат, и дека пазарот (капиталот, инвестициите, логиката на капиталистичкиот систем) ги следи нивните оценки. Ако сакаат да ја раздрмаат ЕУ, мораат да и’ ја намалат бонитетната оценка. И токму тоа и го направија. Јасно, сите три најголеми бонитетни агенции - Standard & Poor's, Moody's и Fitch – се американски. И сите три последниве години имаа неверојатни заработувачки.
 
Европските водачи реагираа со милитантна реторика, со која се обидоа да го смират европското население. Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека се работи за борба на политичарите против пазарот, бидејќи шпекулантите се наши непријатели. Дека ЕУ е во борба со финансискиот пазар и дека нема да има никаква милост кон него потврди и францускиот претседател Никола Саркози: Безмилосно ќе се бориме за регулација на финансискиот пазар! Луксембуршкиот премиер Жан-Клод Јункер, шеф на еврозоната, нагласи дека падот на еврото е резултат на „глобално организирани напади“. И претседателот на европската комисија Жозе Мануел Баросо ги нападна финансиските шпекуланти и додаде дека финансиските пазари нема да бидат игралишта за шпекулантите.
 
Што не е во ред со оваа слика? Што е недоречено овде? Што недостасува во оваа реторика? Следново – одговорот на прашањето кој ги нападна Грција, еврото и Европската унија. Финансиските шпекуланти? Во ред – ако се тие, тогаш именувајте ги! И бидејќи се работи за „финансиски тероризам“, како што вели економскиот аналитичар Макс Кајсер, тогаш прогласете ги за терористи – и судете им според антитерористички закони! Со други зборови: ако се работи за финансиски тероризам, тогаш самите финансиски шпекулации треба да се прогласат за терористички чин. Америка го нападна Авганистан бидејќи им даде засолниште на терористите. Од зборови треба да се премине на дело. Но овде е проблемот: европските водачи се обидоа со таа реторика да покажат дека постојат два капитализма, „добар“ и „расипан“, дека капитализмот има две лица, „добро“ и „лошо“, а за лошо лице на капитализмот ги прогласија финансиските шпекуланти. Уште Маркс знаеше дека невозможно е да се одвои „доброто“ лице на капитализмот од „лошото“ – и дека капитализмот е она што е токму благодарение на лошите страни, шпекулирањето.
 
Бидејќи не можат да се одвојат „добрите“ од „лошите“ страни на капитализмот, бидејќи и онака се едно, можеме да заклучиме дека Грција, еврото и ЕУ се нападнати од капитализмот. Дали моќниците од Унијата ќе го именуваат? Дали ќе го прогласат за тероризам? Дали ќе му судат според антитерористичките закони? Не. Попрво и понатаму ќе ги спасуваат банките – наместо да ги национализираат.
 
И понатаму ќе ја обединуваат Европа иако капиталистичкото обединување на Европа стаса до критичната точка која самата Европа ја претвора во Империја. И понатаму ќе ги слави пазарите на капитал, иако капитализмот во последниве 30 години доживеа повеќе кризи од кога и да е. И, се разбира, ќе ни ги покажува тие апсурдни, невозможно „добри“ страни на капитализмот – гледате, и капитализмот може да се промени! Ги отстранивме лошите страни на капитализмот! Капитализмот е добар бидејќи има добро страни! Ergo: капитализмот е без алтернатива!
 
 
Откажете ја револуцијата! А што ако тој „анонимен“ напад на Грција, еврото и ЕУ е само сигнал кој „лошата“ страна на капитализмот и’ го праќа на Унијата: пуштете ме на мира, не си играјте со мене, не се мешајте во моите работи, не се обидувајте да ме запрете, реформирате, регулирате или контролирате – гледате ли на што сум способна. Можам да онеспособам цели држави!
 
Трагедијата на оваа нова европска сложност и решителното спасување на Грција – и еврото и ЕУ – е во тоа дека добро ќе и’ служи само на „доктрината на шокот“: европското население е толку шокирано од она што се случува во Грција што сега полесно ќе прифати посилни задирања во социјалната држава и јавните финансии. Нешто слично на: ако не сакаме да станеме како Грција, мораме драстично да го намалиме јавното трошење и социјалната држава. И навистина, насекаде се најавени драстични намалувања на социјалната држава – Грција, Шпанија, Франција, Ирска, Португалија, па дури и Словенија. Она што пред грчкиот „шок“ беше невозможно, сега ќе биде возможно: европските влади ќе можат да ги спроведат реформите кои досега не можеа. И луѓето ќе го прифатат сето тоа за да не се претворат во Грци. Капитализмот ќе се промени – од него ќе остане само уште „лошата“ страна. На капитализмот повеќе не му треба социјалната држава – му требаше само да ги одвраќа луѓето од комунизмот. А сега повеќе нема комунизам.
 
Што рекоа кога удри кризата, веќе знаете: бидејќи никој не знаеше што се случува, сите се повлекоа и реагираа предоцна. А што се случи со Грција, исто така знаете: повторно се повлекоа иако знаеја што се случува. Тоа нè доведува до прашањето: што ако пред кризата знаеле што се случува и подготвува? Што ако светот бил предодреден за кризата – како што Грција беше предодредена за банкрот? И што ако од капитализмот остана само уште „лошата“ страна? Само уште тероризмот.
 
Извор: e-novine

Илустрации: Ilovedust Graphic Studio

 

ОкоБоли главаВицФото