Со филмови за човекови права утре се отвора КРИК фестивал за критичка култура

17.11.2016 12:16
Со филмови за човекови права утре се отвора КРИК фестивал за критичка култура

Фестивалот за критичка култура КРИК почнува утре со првото издание на филмскиот фестивал посветен на човековите права.

Во Кинотеката на Македонија, од 18 до 20 ноември ќе бидат прикажани три филмови и ќе се одржи презентација на книгата на Бојан Бабиќ „Што значи да се биде странец?“ во издание на Готен. Овој мини филмски фестивал почнува со документариот филм „Аустерлиц“ (Austerlitz), на режисерот и сценарист Сергеј Лозница. По проекцијата ќе се одржи разговор со Бојан Бабиќ и Никола Гелевски, модератор ќе биде Роберт Алаѓозовски.

Селектор на филмскиот фестивал е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат.

- Филмовите што ќе ги прикажеме тешко би успеале директно да интервенираат во стварноста, но тие се најдобриот тренинг за умеењето на другиот поглед, особено сега, кога европските општества се улулкани во конфузијата на ученото незнаење.

Нè интересираат и активизмот и кинофилското авторство, но не тежнееме кон помирување на активизмот и авторството или кон барање на нивниот најмал заеднички и можеби популистички – именител. Нашата скопска публика ќе се обидеме да ја изложиме на поинакви визури, географии и жанрови, вели Милат за концептот на фестивалот.

Првиот филм на програмата е „Аустерлиц“, според многумина критичари, најважниот филм на годинешниот Венециски филмски фестивал. Сергеј Лозница последните две – три години важи за големо авторско име на европскиот филм, кој со своите претходни филмови многу суптилно интервенираше во политичкиот живот на Украина и на Русија.

Истражувањето на моќта на режисерот Алеберт Сера, во „Смртта на Луј XIV“, според интензитетот може да се спореди со славниот циклус на Александар Сокуров. Како што во филмот „Ревизија“, форензичарски прецизно Филип Шефнер го прикажа убиството на еден ромски емигрант во Германија, така во „Хаварија“ тој „снима“ филм за смртта на бегалците на Медитеранот. Минимална слика за максимално кино.

Програма на филмскиот фестивал за човекови права во рамки на КРИК:

18 ноември (петок)
20:00 Аустерлиц (Austerlitz) (2016) 74 мин.

Документарен, Германија
Режија и сценарио: Сергеј Лозница

Новиот филм на Сергеј Лозница Аустерлиц е остар, но богат и комплексен портрет на група туристи, кои се во посета на поранешен нацистички концентрационен логор, а на моменти претставува иронична студија на врската (или судирот) помеѓу современата култура и светоста на местото. Клучното прашање кое е провокација за авторот е што се случува кога ќе се сретнат меморијалното и музеолошкото - кога местата на смрт и уништување ќе се трансформираат во туристичка дестинација?.

21:15 Илегален Парнас - Презентација на книга на Бојан Бабиќ
Што значи да се биде странец? (Готен)

Разговор со Бојан Бабиќ и Никола Гелевски  Модератор: Роберт Алаѓозовски

Почнувајќи од војните на просторот на бивша Југославија, на овие наши заеднички простори, преовладува чувство на непоправливост на ситуацијата - губење на надежта за подобар живот или еден историски песимизам кој кај мислечките луѓе, со тек на време, прераснува во антропопесимизам, губење на верба во човекот. Од каде доаѓа тоа чувство на бидување во ќорсокак - како поединци, како општество, како човечки вид - чувство на неможност суштински да направиме промена на подобро, не само во општеството во кое живееме, туку, последично и во сопствените животи.

Дали нашето индивидуално паметење е условено од општеството? Зошто се чувствуваме искоренети, како емигранти, иселеници иако никаде не сме се отселиле и целиот живот живееме на едно место? Дали е тоа искоренување од традицијата или од самата смисла? Дали е литературата длабока потрага по причините за суптилните, неподносливи и тешки психолошки состојби на јунаците предизвикани од историските околности, низ кои и авторот и раскажувачот и јунаците и читателите лутаат, сè додека не дојдат до ѕидот на историскиот молк? Дали бавењето со уметност во општества како нашите е активизам или ескапизам? Имаме ли право да живееме на Парнас кој самите сме го израдиле на сред калливиот пат на голата неслобода и корупција? Ќе разговараме за сите овие прашања, не давајќи конечен одговор.

Бојан Бабиќ е роден во Белград, 1977 година. Завршил гимназија во Младеновац, а Филолошки факултет во Белград, каде што дипломирал на групата за српска книжевност и јазик со општа книжевност на Филолошкиот факултет. Досега има објавено три книги со кратка проза и четири романи, како и голем број текстови во различни списанија во Србија, регионот и пошироко.
Добитник е на наградата „Фонд Борислав Пекиќ“ во 2011 година, за омнибус – романот Девојчиња, бидете добри. Романот Илегален Парнас беше во тесен избор за НИН-овата и за регионалната награта „Меша Селимовиќ“. Книга за момчиња е роман објавен во само 100 примероци. Бил гостин на резиденцијалната програма за европско вмрежување на писатели и преведувачи - „Традуки“, во Сараево 2012 година и на шведскиот институт и здружението „Крокодил“ во Шведска. Расказите му се преведени на албански, шведски, англиски, германски, исландски, унгарски и македонски јазик. Објавува проза, поезија и колумни во списанија и антологии во Србија, Хрватска, Црна Гора, во Косово, Шведска, Соединетите Американски Држави, Мексико: Повелба, Билет, Трет пазар, Запирка, Хаос, Кикинда кратко, Расказ на XXI век, Чекори, антологија на расказ на XXI век, Ракописи, Книжевен преглед, Северен бункер, Sic! (Сараево), антологија на нова српска проза «Од Белград, со љубов» – на албански, антологија на српска поезија «Сите ќе пишуваат поезија» - на шведски јазик, In Other Words Merida (Мексико), Гравел (САД), Стина (Исланд).

Бојан Бабиќ престојува во Скопје во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки.

 

Објавени книги:

1996. ПЛИ-ПЛИ (куси раскази, Книжевна младина на Србија, Белград, едиција Пегаз)
2003. Буки во проза (песни во проза, Интелект, Ваљево)
2008. Приказни за среќата (куси раскази, Трет пазар, Белград)
2010. Нечовечка комедија (роман, Алгоритам, Белград)
2013. Девојчиња, бидете добри (омнибус – роман, Лево крило, Белград)
2013. Илегален Парнас (роман, Лево крило, Белград)
2014. Стапалата на Чаплин (роман, Лево крило/Книжевна работилница Рашиќ, Белград)

19 ноември (сабота)

20:00 СМРТТА НА ЛУЈ XIV (La mort de Louis XIV) (2016), 115 мин.
Игран филм, Португалија/Франција
Режија: Алберт Сера
Сценарио: Тиери Луна, Алберт Сера
Улоги: Жан-Пјер Леу, Патрик Дасумсјао, Марк Сусини

Филмот на Сера во сите критики е прогласен за еден од најубавите, но и естетски најкомплексните филмови кои создаваат тескобност преку темата, слоевитите пораки и актерската совршена игра. Филмот почнува во моментот кога Луј XIV, Кралот Сонце или најмоќниот човек на светот, е со веќе нарушено здравје. Сера во фокус ја има темата на деградација на моќта преку човековото тело. Биополитичката димензија на филмот е високо естетизирана и ликовно субверзивна. Во меѓувреме, најмоќниот човек на светот се претвора во куп полусвесно месо, а таа груба деградација е уште поморничава затоа што старецот е опкружен со раскош и церемонијален проткол. Преку овој филм Сера моќно навлегува во порозната, ентрописка слика на современиот свет на спектаклот, кој почива врз парадигмата за смрт.

20 ноември (недела)
20:00 ХАВАРИЈА (Havarie) (2016), 93 мин, игран филм, Германија

Режија: Филип Шефнер

Улоги: Рим Ибрир, Абдала Бенаму, Леонид Савин, Тиери Дајмонд
Филмот Хаварија е своевиден филмски државен удар на вистинскиот радикализам. Темата за мигрантските трагедии која е експлицитен доказ за рапидното обесчовечување на човештвото, Шефнер ја обработува токму со постапка на статичност. Со тоа создава деконструктивистичко толкување на есенцијата на значењето на мигрантската траума.

Географската широчина на местото на случување е 37º 28.6'N 0º3.8'E. Гумен чамец полн со луѓе, едниот од нив мавта. Камерата полека се врти кон десно и покажува туристи на патнички брод коишто гледаат во морето. Камерата се враќа назад, го допира чамецот уште еднаш и потоа врти кон лево, на другата страна на бродот. Прекршената светлина го бои, а вертикалниот зрак на светлина го одвојува бродот од чамецот, на кој камерата повторно се враќа. Понекогаш сликата се замаглува; сенишни рефлексии се појавуваат во водата.
Во исто време, се слуша следново: спасувачката екипа преку радиото моли за трпение додека не пристигне хеликоптерот. Во текот на дејството, сликите ја престигнуваат реалноста. Хаварија на тоа реагира преку кондензација на звукот и го оградува од сликата, и на тој начин се создава простор на перцепција којшто му овозможува на гледачот да ја искуси сопствената позиција без притоа да го изгуби од вид предметот којшто се доведува во прашање.

ОкоБоли главаВицФото