Империјалното ријалити шоу на Трамп и промашениот триумф на ВМРО

17.11.2016 13:34
Империјалното ријалити шоу на Трамп и промашениот триумф на ВМРО

Во вторникот, на 8 ноември 2016-тото лето господово, два настана го потресоа светот до толкави размери што секому стана јасно дека ништо повеќе нема да биде како што било претходно. Првиот настан се случи точно на пладне, тој кобен, сив и дождлив ден, во култниот културен центар Кино Култура во Скопјанг: тоа беше промоцијата на книгата „Одгласи од подрумот на балканскиот Фрицл“ на познатиот автор Бранко Тричковски. Вториот се случи вечерта истиот ден, илјадници километри подалеку од спомнатиот културен центар: тоа беа претседателските избори во САД и изборот на Доналд Трамп за претседател. Се разбира, интензитетот и масовноста на јавниот медиумски одглас на овие два шокантни, но вредносно дијаметрално спротивни настани, беа обратнопропорционални на нивниот придонес за културното издигнување на човештвото и за интелектуалната еманципација на голиот мајмун што себеси бескрајно арогантно се нарекол homo sapiens. И, додека светските медиуми сè уште не се огласиле за култниот настан од исто така култниот културен центар Култура, за културно безначителниот избор на Трамп во светските медиуми владее таква заглушувачка бучава, што на човека му доаѓа – како во цртаните филмови – со муниција за диви свињи да пука во апаратите од кои се шири овој неподносливо хистеричен шум.

Се разбира, не може да се негира самата магнитуда на културно безначајните американски избори – конечно, во прашање е најмоќната држава на планетата – но, навистина нервира интерконтиненталниот врисок на изненадување, неверување и шокираност, како да се работи за појава за којашто немало никакви знаци за најава, како нешто што воопшто не било можно, но се случило изненадно и спротивно на законите на природата. Па, неолибералниот капитализам врши систематска деидеологизација, деполитизација и кретенизација на човештвото веќе 35 години, исто толку време ги уништува и обесмислува темелните вредности и механизми на сопствената демократија, воведувајќи го светот на 21 век во триесеттите години од 20 век, создавајќи ги истите економски, геополитички и психо-социјални околности што пред неполн век ги изродиле фашистичките револуции, и, туку наеднаш – изненадени сме и навредени што масовното неартикулирано незадоволство и фрустрираност кренало бранови доволно големи да го исфрлат Трамп на највисоките врвови на Олимп, дури во Овалната канцеларија? Ма ајде, ве молам.

Сепак, ова бучно изненадување на светот има и свои добри последици, а една од нив е што натера многумина нормални и разумни луѓе да ја отфрлат либерално демократската забрана за погледнување наназад и за правење недопуштени аналогии со времето на фашизмот. Зашто, на луѓето очигледно не им беа доволни материјалните факти од политичката реалност, јакнењето на десничарските популизми, востановувањето на авторитарни режими со либерално капиталистичко устројство во Европа и светот, будењето на демоните на фашистичките митови и повикувањето на исконските принципи на крвта и почвата во Македоња Вечна. Не, ним им беше потребна една типична (иако грандиозна) претстава на американското изборно ријалити шоу – во која, се разбира, триумфираше кралот на ријалитито – за да им ги отвори очите и свеста да ја согледаат секојдневната реалност! Како и да е, ова отрезнување веќе исфрли вредни текстови што конечно погледот на аналитичката мисла решително го свртуваат кон темното минато, за да ги објаснат денешните случувања. Така, во една интересна анализа на Ендрју Саливен, објавена во Њујорк Магазинот со наслов што во мојот слободен превод би бил „Кога демократиите се предемократски“, авторот – иако со тажно погрешен заклучок дека Трамп ѝ се случил на Америка затоа што таа е „предемократска“ – за да си го објасни исходиштето на претседателските избори прави напор да ги препознае вистинските историски аналогии. Саливан ја цитира класичната студија на масовните движења на Ерик Хофер од 1951, пишувана врз основа на тогаш свежите фашистички искуства, во која авторот ја опишува емоционалната динамика на вистинските популизми. Тој вели дека вистинското извориште од кое се генерира популизмот е колективното чувство на акутна фрустрираност; не очај, или револт, или разочарување, туку фрустрација помешана со бес, со јарост. При што експлозијата на популизмот никогаш не настанува кога е навистина лошо, кога се условите за живот мизерни или насилството неиздржливо, туку дури кога вистинските неволји ќе поминат, кога заздравувањето на општеството ќе фати тек, ќе стане дофатно, но во масите што се чувствуваат фрустрирани и понижени, дури тогаш почнува да ферментира и да расте гневот и бесот. Но, најсилната енергија на движењето – онаа што го крева и придвижува, што го обликува и зацврстува – е секогаш повикувањето и поттикнувањето на омразата.

Во такви моменти, кој ќе успее да го менаџира масовното чувство на пониженост и бес, и, кој ќе биде способен пред масите да го покаже (измислениот) виновник за нивната фрустрација, да ја насочи омразата и да исфрли потполно невозможни и заумни решенија за „проблемите“, тој ќе стане лидерот на движењето. Невозможноста и безумноста на овие пароли стануваат неговата вистинска привлечност, зашто тие прераснуваат во икони на надежта и симболи на новите политики. Така лидерот станува тиранин што секогаш – и по две и пол илјади години - го исполнува Платоновиот опис: да биде човек „што нема контрола врз себеси, а болно сака да владее со другите“. И, тоа е тоа!

Човек треба само да погледне во мрачното минато – единствената ризница на нашето знаење - за да ги објасни навидум непоимливите случувања што му ја одземаат виделината и му ја матат иднината. Кога со бистар поглед ќе погледнеме во мрачниот дваесетти век и историските околности и настани што тогаш ги произведоа најголемите трагедии што човештвото ги памети, веднаш ќе ги препознаеме сличностите со денешните – сосем нови и преправени, грди и неприфатливи – случувања што како да ја повторуваат историјата, некаде како фарса, како ријалити шоу, а некаде како новосоздадена, двојно первертирана трагедија. За среќа, мрсулавиот фашизам на ВМРО создаде македонска трагедија што е некаде помеѓу фарсата и вистинските уништувања што ги погодија другите, но поуките за борба против нашиот историски регрес, и кога е носен на големите бранови на повратните историски тенденции на Злото, се универзални: Доброто е добро – и кога никој не го прави, а Злото е Зло - и кога сите го прават.

П.С. Морам да ги разочарам фашистите од ВМРО и нивните генетски мутации ширум светот, што победата на Трамп ја доживуваат како свој триумф, дека радоста наскоро ќе им свене и – како и совеста и срамот што можеби некогаш, како деца, ги имале - ќе се претвори во ништо. Во Соединетите Американски Држави нема да се смени ништо битно со претседателствувањето на Доналд Трамп, зашто тој не е на чело на масовно движење, уште помалку на некој морничав фашистички култ – како што тие посакуваат. Тој само успеа во изборното ријалити шоу да ја артикулира фашизоидната плима на емоции на американските жртви од неолибералниот капитализам. Кога ќе влезе во Белата куќа – на разочарување на вмровците од целиот свет – тој шоумен ќе заигра во ново ријалити во кое ќе продолжи да управува со Империјата како и неговите претходници, најдобро што може.

Извор: Слободен печат
Слики: Александар Дојранлиев