Секс

17.11.2016 13:29
Секс

Курвите седеа на тезгите и пушеа долги цигари. Ѝ пријде на една од нив, ја фати за рака и ја поведе со себе. Беше млада, многу млада, и на себе немаше никаква облека. Имаше немарно ишишана, светла коса. Имаше луто напрчени усни. Имаше детски нос кој ѕиркаше од белото лице, имаше гради кои тој веднаш во себе ги нарече сестри на месечината. Имаше папок во кој се слеваше целото тело. Имаше свилени нозе и меѓуножје прекриено со чипка од уште малечки и тенки влакненца. Го имаше него.

Таа сакаше да му го каже своето име, но тој не сакаше да го дознае. Не сакаше ни да знае за нејзините години. Поради некоја, само нему позната причина, ја нарече светица.

Уживаже, и можеше вака млада, гола, да ја посматра со денови, години, животи. Можеше со неа, млада, гола, да оди по улиците на големиот, а празен град, со денови, години, животи.

Ја одведе во својот стан. Таа изрази желба да се истушира. И таа се тушираше, а неговите мисли се претворија во тутунски чад кој по неколку минути се распрсна со нејзината повторна појава. Излезе, примамливо влажна и убава. Седеше покрај него и го гледаше со своите очи кои тој, од нему непозната причина, ги нарече сончогледи. Ја положи врелата рака на неговото рамо. Градите ѝ се споија. Беа не преголеми, туку набрекнати. Помисли дека можат да експлодираат и да ги разнесат двајцата. Потоа гола, влажна, му седна во скутот. Го бакна во образ, во чело, во уста, а нему сето тоа му се чинеше како бакнежите да не се упатени кон неговото тело, туку кон некоја сенка, или карпа. Ги рашири нозете, кои тој, во себе, ги нарече корали. Се положи себеси врз него.

-Убав си - рече.
-Молчи. Молчи.

Ги голташе нејзините гради. Ѝ ги лижеше стапалата. Со забите ги корнеше нејзините усни. Ја касапеше нејзината младост. Влегуваше во неа. Трепереше. Ја стегаше. Стегаше посилно. Таа се смееше. Со својата уста ја затвори нејзината, за да не се смее.

Како да е под циркуски шатор исполнет до последното место, а среде безгранична степа. Ѝ ја дереше кожата. Чувствуваше како кожата сега им станува заедничка. Помисли дека ќе ја засака. Лудачки, по малку разјарен, ги туркаше своите ококорени очи во нејзините ноздри. Потоа плачеше, и виде дека солзите се слеваат право во нејзиниот грклан. Се восхитуваше на своите солзи во нејзиното тело. Ја јадеше нејзината глава, почнувајќи од брадата. Во животот не вкусил ништо послатко. Ништо послатко (ништо друго) и не постои. Со движењата имитираше бранови, влегуваше и излегуваше, а толку би сакал да остане, безбеден.

И одеднаш под нив се појави кобила, силна, дива, ждребица. Имаше гломазно тело и го стискаше со силните нозе. Како само ржеше, фрчеше и цвилеше. Како врескаше. Со издолжената глава мавташе лево-десно ширејќи ги своите преубави очи. Белиот стомак ѝ трепереше. Сè повеќе и повеќе го припиваше до себе. Тој ја лигавеше, заривајќи го поднадуеното лице во нејзината долга грива. Цвилеше, фучеше и ги ширеше нозете и повторно силно го стегаше. Врескаше и црвена пена ѝ се појавуваше на зинатите усни. Зад меурчињата се наѕираа бели, здрави заби. Се брануваше на расна ждребица која сега врескаше како жена. Главата ја исфрлаше далеку од трупот со помош на еластичниот врат. Му се чинеше дека главата ѝ беше оддалечена со километри, па се враќаше и тој ја бакнуваше во мускулестите образи, ѝ ги грицкаше белите влакненца. Ржеше и стануваше сè подива. Низ вресокот можеше да се чуе некое оддалечено „Боли!“ Тој сакаше да ја боли. Крвта од устата ѝ паѓаше на неговата кожа. Почна да се оттргнува. Се обидуваше да побегне. Не сакаше да ѝ го дозволи тоа, но таа беше толку силна. Го виткаше вратот, Ржеше. Цвилеше. Фучеше. Врескаше. Урлаше. Ја болеше. Замавна со копитото, и потковицата појде право во неговата глава.

Во тој миг се разбуди. Таа, како и секое утро во последните петнаесет години, лежеше покрај него. Нејзиниот сериозен израз на лицето додека спиеше и нејзината, сега веќе опуштена кожа на градите, не претставуваа баш најпријатна глетка.

Тој можеби и ја сакаше, но овде не станува збор за тоа.

Бојан Бабиќ (1977, Младеновац), ги објавил книгите: ПЛИ-ПЛИ (раскази, 1996), Книга за момчиња (роман во само 100 примероци), Буки во проза (песни во проза, 2003), Приказни за среќата (раскази, 2008), Девојчиња, бидете добри (роман, 2013), Илегален Парнас (роман, 2013), Стапалата на Чаплин (роман, 2014). Дипломирал на групата за српска книжевност и јазик со општа книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Работи како копирајтер. Живее во Белград.

Извор: PRIČE O SREĆI, Treći Trg, Beograd, 2008.
Превод од српски: Иван Шопов
Гоблени: Леа Емери

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото