Љубов, работа, загуба

18.11.2016 02:43
Љубов, работа, загуба

Дони брзо ги врти педалите, свртува кон брегот на реката каде Џеки Грифитс чека со две зрели праски во хартиена кеса. Вечерта е топла и тромава, а тој доцни и затоа го извикува нејзиното име, преплашувајќи ги сколовранците кои полетуваат во вис.

Седи во задниот ред на двојниот час по англиски, се топи зјапајќи во нејзиниот пршлен наречен атлас (тој збор, како само му се тркала по устата!) и го проучува осамениот црвенкаст младеж, филигранот од црвенкасти влакненца, етикетата на блузата која и’ го лиже вратот и го тера да јачи.

Никогаш не си кажале збор еден на друг, а потоа, одеднаш, вчера, Џеки се свртува, се смее, му подава ливче. „Знам дека ме гледаш“, пишува таа. „Те чекам долу на реката, утре во шест.“ Ветува праски.

Дони врти со нозете сè повеќе, жали што не може да лета. Веќе помина шест, а тој сè уште се вози, само што не стигнал. Се прашува зошто, кога во соништата стигнува дур да трепнеш. Дони повторно гледа на часовникот и мисли: „Доцнам, доцнам, доцнам!“

Тоа е миг во кој му светна, миг во кој вибрирачкиот ланец се опушта и пак јасно се гледа, миг во кој забрзаните педали забавуваат.

Колку долго, мисли, тој би останал ако таа доцни? Одговорот е едноставен, би чекал додека не поцрвени, додека росата не ја натопи тревата, а звуците на црковните ѕвона не се умножат, па повторно се поделат. Би чекал, осамен, сонувајќи го нејзиното доаѓање, дури и кога никогаш не би дошла.

А Џеки? Досега таа веќе погледнала на часовникот, изела една праска, помислила на утрешниот ден и со крајчето од окото забележала јато сколовранци кои полетуваат на далечниот повик кој звучи како нејзиното име.

Дони застанува, гледа преку полето во сонцето кое се спушта зад нив, потоа го свртува велосипедот, мислејќи дека сè што лесно добиваш лесно го губиш и брзо го забораваш.

Знае дека изутрина, на брегот на реката, ќе види осамено, мало парче изгазена трева. И покрај него, две семки од праска, веќе суви.

Превод: Иван Шопов
Слика: Irene Suchocki

Кен Елкес, наградуван автор на кратка проза, новинар и патописец од Бристол, Англија. Неговите раскази се вклучени во многу антологии и наградени на неколку книжевни конкурси. Исто така, во 2012 и во 2013 бил во најтесен избор за наградата Бриџпорт. Активен е на Твитер, каде објавува кратки прозни текстови (@mysmalltales).

ОкоБоли главаВицФото