Анализа на состојбата со прислушкувањето во контекст на Таргет

19.11.2016 11:57
Анализа на состојбата со прислушкувањето во контекст на Таргет

Според наводите на #СЈО:

Во периодот од 01.01.2008 г. До 31.12.2015 г. УБК вршела незаконско следење на комуникациите на илјадници граѓани на Република Македонија.

Најмалку 5.817 телефонски броеви биле директно таргетирани од УБК. Вклучувајќи ги и лицата кои разговарале со таргетите на УБК, нелегално е следена комуникацијата на 20.017 телефонски броеви. Од директните таргети на незаконско прислушкување, 4.286 биле следени без никаква наредба од суд, а останатите 1.531 со пречекорување на рокот во издадената наредба.

Само на последниот ден од истражуваниот период, 31.12.2015г., УБК противправно ги следело комуникациите на најмалку 138 телефонски броеви. Ова не значи дека прислушкувањето престанало во 2016, туку само дека мандатот на СЈО не го опфаќа периодот на 2016 година. И дека ужасно е потребно да го опфати и тој период.

За противправното следење на комуникациите биле користени три комуникациски системи. Првите два се уништени, а третиот сè уште е во употреба. За уништувањето на опремата за прислушкување, СЈО веќе води истрага - Тврдина. Исто така, СЈО поднесе и Обвинителен предлог за уништувањето на документацијата поврзана со уништувањето на опремата.

Осомничени во Таргет се десет сегашни и поранешни вработени во УБК. Според изјавите на СЈО, можеме да претпоставиме дека првоосомничен е Сашо Мијалков, а второосомничен е Горан Грујовски. Со следењето на комуникациите, осомничените потешко ги повредиле правата на таргетираните граѓани. Тоа значи дека се гонат по чл. 353, (Злоупотреба на службена положба и овластување) ст. 2 од Кривичниот законик. За тоа дело е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.

Vip и One соработуваат со СЈО. Телеком одбива соработка, тврдејќи дека не располагаат со такви податоци. Главен извршен директор на Телеком е Жарко Луковски, кумашин на Сашо Мијалков. СЈО бара од Судот наредба за претрес на Телеком. Доколку СЈО спроведе претрес во Телеком и открие дека сепак постојат таквите податоци, кај Телеком и кај кумашинот на Сашо има простор за одговорност за повеќе кривични дела од делата против правосудството (Глава 31, КЗ на РМ).

Телефонските оператори како правни лица немаат никаква вина за прислушкувањето. Според чл. 175 од Законот за електронски комуникации, операторите се должни да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи и на сопствен трошок да обезбедат и одржуваат опрема за таквото следење.

Тоа значи дека операторот е ОБВРЗАН да даде бланко приклучок на УБК и му е ЗАБРАНЕТО да прашува дали тој приклучок се користи законски. Плус, операторот си ја плаќа опремата. Такви закони си донесоа, тоа е.

Сосема друга е работата со одбивањето на соработка со СЈО од страна на Телеком во текот на предистражната постапка. Тука веќе имаме вина и умисла.

Од опремата во УБК биле отстранети податоци од серверите по започнувањето на предистражната постапка за Тврдина. Тоа значи дека луѓето за кои СЈО бараше притвор во Тврдина, а откако дувлото на Панчевски ги одби барањата, извршиле две нови кривични дела – уништување на документација и бришење на податоците од серверите во УБК. Горан Грујовски е првоосомничен во Тврдина и првообвинет за уништување на документацијата.

Според чл. 165 од Законот за кривична постапка, притвор се доделува доколку постои основан страв дека осомничениот ќе ги сокрие, фалсификува или уништи трагите на кривичното дело или... ако има особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.

Поради тоа што Панчевски не дозволи притвор за Грујовски, тој сега е под истрага или се гони за две нови кривични дела, а ја уништил истрагата за првото. Покласичен пример од инструментализација на судството во криминални цели и попречување на правдата од страна на одговорно лице во правно лице јас не сум видел досега.

И најважно од сè: НЕ ПОСТОЈАТ НИКАКВИ СТРАНСКИ СЛУЖБИ! Тие служби и нивните комбиња постојат само во главите на Груевски, неговото злосторничко здружение и на екраните на нивните медиумски полтрони.

Нам ни останува да веруваме дека иако правдата е бавна, таа ќе биде и бескомпромисна. И дека колку и да уништуваат докази и да опструираат, оваа банда има извршено и сè уште врши толку многу кривични дела, што едноставно нема шанса да ги уништи доказите за сите.

И за крај, сакам да ја цитирам Фатиме Фетаи од денешната прес конференција:

Нападот врз човековите слободи и права е најсилниот удар врз едно цивилизирано демократско општество. Сега е ред на таквото општество да возврати.

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 18.11.2016
Слики:

ОкоБоли главаВицФото