Албанци, Косовари или само најсиромашен народ во Европа?

19.11.2016 13:16
Албанци, Косовари или само најсиромашен народ во Европа?

Официјалното прогласување на независноста на Република Косово кон почетокот на 2008 година е дочекано со голема еуфорија. Но, осум и пол години подоцна државата сè уште не го реши сосема ниту својот дипломатски статус, ниту ги дефинираше односите со Србија која официјално не ја признава независноста. Уште полошо, и на самото Косово постои судир околу тоа дали оваа земја има сопствен идентитет.

Истата ноќ на 5 септември 2016 година, во исто време, свои натпревари играа фудбалските репрезентации на Албанија и Косово. Повеќе од спорт, вечерта донесе напната атмосфера на поларизација и судир помеѓу две потполно бесмислени страни на една иста бедна кованица: косовските и албанските националисти. Повод за сè беше реакцијата на изјавата на претседателот на движењето Самоопределување (Vetëvendosje), кое, со оглед на својата програма за национално обединување со Албанија сонува само една национална албанска екипа, наместо репрезентација на Косово, иако е парламентарен пратеник и политички дејствува токму во таа земја.

Албанските националисти отворено тврдат дека косовските Албанци не би смееле да ја поддржуваат екипата на Косово, туку да навиваат само за Албанија. Независната национална екипа на Косово - како и независно Косово - е во спротивност со идејата за албанско национално единство. Меѓутоа, стварноста е поинаква. Косово е држава која прогласи независност пред речиси девет години. Има сопствено знаме и меѓународно признание. Дури и во спортот, Косово како држава ја прифаќаат повеќето светски и европски сојузи. Во таа смисла, чудно е барањето на албанските националисти на Косово кои бараат не само да не се навива против Албанија, туку всушност да се бира помеѓу двете репрезентации.

Партиите кои инсистираат на ова постојано се доведуваат во судир со чувството на гордост кое го предизвикуваат спортските успеси на независно Косово. Бидејќи таквото чувство на гордост ги карактеризира многу од косовските Албанци, испаѓа дека, иронично, албанските националисти се непријателски настроени кон албанското мнозинство на Косово. Една работа треба да биде јасна: или мораат да прифатат дека не може да постои единствена етничка репрезентација и да се прифати фактот дека репрезентациите се државни, а не етнички, (па тогаш и да го поддржуваат Косово) или мораат отворено да кажат дека се залагаат за тоа луѓето на Косово да продолжат да играат фудбал сами со себе, како што го правеа тоа во изминатите 26 години изолација.

Прашањето на националната гордост

Спротивниот блок - косовските националисти - не е ништо помалку противречен. Обидувајќи се претерано да ја нагласат својата љубов кон Република Косово, косовската национална репрезентација или косовската нација, забораваат дека она што го нарекуваат косовска нација е мултиетничка структура: ја сочинуваат различни народи - Албанци, Срби, Турци и други. Последично, бидејќи станува збор за граѓански (а не етнички) дефинирана нација, таа им гарантира на своите етнички заедници демократско право во исто време да се чувствуваат и Албанци и Косовари или и Срби и Косовари итн.

Тоталитарните стремежи на косовските националисти да се обединат сите етнички групи и нивните спортски чувства се во потполна спротивност со самата идеја за косовската нација. Најпосле, и легално и конституционално, на Косово - поради начинот на кој е создадена косовската држава - на сите граѓани им е овозможено да поседуваат двојно државјанство. Затоа, напорите на сите косовски Албанци да им се наметне симпатизирањето на националната репрезентација на Косово, додека националната репрезентација на Албанија и самата Република Албанија ја сметаат за непријател на Република Косово, се всушност во директна противречност со она што официјално би требало да ја дефинира косовската нација.

Идејата за косовската нација нема историја пред 1990 година. Сите национални херои кои загинаа во борбата и со тоа ја овозможија независноста на Косово всушност ја почнаа својата борба за албанско национално единство, а не за независна држава. Исто така, државата Косово досега не создаде особени основи за гордост. Денес тоа е држава со највисока стапка на сиромаштија и невработеност во Европа. За тоа најмногу зборуваат брановите на економски бегалци кон Европа.

 

Вистинските проблеми

Притоа, треба да се обрне внимание на разликата помеѓу национализмот на Балканот и другаде. Во земјите како Шведска, Швајцарија или САД, едно лице може етнички да биде Албанец или Србин и истовремено да припаѓа на шведската, американската или швајцарската нација. И истовремено да има чувство на гордост: тие земји на Албанците и Србите кои живеат таму им понудија не само заштита и интеграција во општеството, туку им овозможија и вработување, социјална грижа и иднина за нивните деца.

Освен тоа, ниту една од тие земји не бара од етничките заедници кои ја сочинуваат нивната нација да го отфрли својот специфичен идентитет. Спротивно на тоа, косовските националисти не се колебаа да бараат од косовските Албанци да не ја слават победата на Албанија во Приштина, од косовските Срби да не ја слават победата на Србија во Грачаница или, на пример, од косовските Турци да не ја слават победата на Турција во Призрен. Албанците или Србите со шведски пасош слободно можат да ја слават победата на Албанија или Србија во Шведска, без страв дека шведските националисти ќе ги линчуваат под мотото „вратете се во Албанија/Србија“, како што овде неодамна направија некои косовски националисти. Косовскиот национализам во таа смисла не е инклузивен, граѓански и културен, туку ексклузивен, тоталитарен и архаичен.

Подалеку од фудбалот и наивниот национализам, би требало да ги потсетиме двата екстрема дека граѓаните на Косово и Албанија се соочени со највисока стапка на невработеност, сиромаштија и економска миграција во Европа. Во меѓувреме, и понатаму се занимаваме со барање „предавници“ и „патриоти“, и со тоа целата јавна дебата ја конзумираме во смисла на идентитетот, а не на вистинските општествени проблеми кои навистина ја уништуваат земјата.

Извор: Bilten

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото