Сабота во Кинотека: проекција на „Смртта на Луј XIV“ во рамки на КРИК фестивал

19.11.2016 14:01
Сабота во Кинотека: проекција на „Смртта на Луј XIV“ во рамки на КРИК фестивал

На 19 ноември (сабота) во 20:00 часот во Kинотека на Македонија, во рамките на КРИК фестивал ќе се одржи проекција на филмот „Смртта на Луј XIV“ на режисерот Алберт Сера.

Сценариото е на Тиери Луна и Алберт Сера, а во него играат Жан-Пјер Леу, Патрик Дасумсјао и Марк Сусини.

Филмот на Сера во сите критики е прогласен за еден од најубавите, но и естетски најкомплексните филмови кои создаваат тескобност преку темата, слоевитите пораки и актерската совршена игра. Филмот почнува во моментот кога Луј XIV, Кралот Сонце или најмоќниот човек на светот, е со веќе нарушено здравје. Сера во фокус ја има темата на деградација на моќта преку човековото тело. Биополитичката димензија на филмот е високо естетизирана и ликовно субверзивна. Во меѓувреме, најмоќниот човек на светот се претвора во куп полусвесно месо, а таа груба деградација е уште поморничава затоа што старецот е опкружен со раскош и церемонијален проткол. Преку овој филм Сера моќно навлегува во порозната, ентрописка слика на современиот свет на спектаклот, кој почива врз парадигмата за смрт.