Нова српска (а ко да е наша) сатира (11) - „Држава, тоа сум јас!“, на шега рече Македонија

20.11.2016 14:14
Нова српска (а ко да е наша) сатира (11) - „Држава, тоа сум јас!“, на шега рече Македонија

ЗА ВОДАЧОТ

За него треба да се пишува само убаво. Така да не може да се препознае.

Водачот е нашето непроценливо благо. Уште не знаеме колку ќе нè чини.

Ако рибата е денар и пол, колку нè чини еден сом?

Со него живееме побрзо. Додека да трепнеш, ни поминала волјата за живот.

Народот цврсто стои крај водачот. Како столб на срамот.

Никој не смее да писне додека царот на животните не рикне.

Сите беа на моја страна. Заради тоа чамецот и се преврте.

За него сè може да се каже во еден афоризам. Само, има ли смисла да се трошат толку зборови?
Илија Марковиќ (1940‒2016)

Не е точно дека стаорците го напуштиле нашиот брод. Погледнете ги малку подобро капетанот и посадата.
Милан Тодоров

Ова е колективно лудило, но некои поединци посебно се истакнуваат.
Ранко Пивљанин

Ако некој ја преврти сликата на водачот, ќе стане зло и наопаку.
Станислав Томиќ

Нерамноправна е таа борба: сам против себе.
Никола Рацковиќ

Се буни дијалогот поради монополот на монологот.
Милован П. Веркин

Нас нè упропасти ем вишата ем вашата сила.
Радован Ристовиќ

ЗА ВЛАСТА

Каде што тие ќе удрат камен темелник, таму покрив не никнува!
Живоин Денчиќ

Не ни сонувавме дека тие ќе ни ги исполнуваат сништата.
Александар Чотриќ

Совеста ни е чиста - измислица.
Миливое Јозиќ

Сакаа да ни продаваат памет, но глупоста подобро им одеше од раце!
Ранко Пивљанин

Политичарот е како човек кој ги убива родителите, па се брани со олеснителни околности оти сега е сираче...
Божидар Пешев

Лесно му е на владеачкото мнозинство. Сите одлуки му ги носи поединец.
Мирослав Средановиќ

Овчарите во фотељи најдобро умеат да си ја чуваат работата.
Драган Илиќ

Власта нè воведе во тотален мрак бидејќи ништо не смее да фрли сенка врз нејзе!
Рајко Мицин

Кога бродот тоне стаорците бегаат на јахти!
Властимир Митровиќ

Луѓето од подземјето се изборија за најдобро место под сонцето.
Александар Чотриќ

Истрагата на злочинот може да оди во ширина, но важно е да не оди во висина. Ќе го изгуби тлото под нозе!
Витомир Теофиловиќ

Како да ја опремите затворската ќелија? Изберете ја нашата владеачка гарнитура!
Бојан Раевиќ

ЗА НАРОДОТ

Ги нема тие сништа што ние не сме ги отспале!
Срба Павловиќ

Боже, прости ни, оти не знаеме што да им правиме.
Милко Стојковиќ

Би се помириле со судбината, но таа не сака ни да чуе.
Александар Стојадиновиќ

Тоа што сме луд народ можевме и попаметно да го искористиме.
Ранко Пивљанин

Ако сè друго ви фали, бидете и без грижа.
Живоин Денчиќ

Храната ја добиваме на лажиче. Само пред избори ни ја зголемуваат дозата.
Нинус Несторовиќ

Некогаш ме ословуваа со друже, денес со господине. Какви што бевме другари, такви сме и господа.
Бора Илиќ

Од грешките на избирачкото тело боли избирачката глава.
Слободан Дучиќ

Оние што скокнаа во вис, ни го оставија стапот.
Владимир Јовичевиќ Јов (1950-2011)

Да му се радуваме на секој успех! Тоа е редок настан.
Слободан Дучиќ

Точно е дека ние работиме против себе, но се надеваме дека и тоа ќе го сработиме килаво.
Драган Шушиќ

Скаменетиот народ е најголемиот жив споменик.
Љиљана Спасоевиќ

Од нас не барај широчина. Во процеп сме.
Љиљана Спасоевиќ

Попаметниот попушта со нервите.
Предраг Н. Рашула

ЗА СИТУАЦИЈАТА

Ги завештав органите: мозокот и мудата. Од тоа овде најмногу фали.
Нинус Несторовиќ

Системот е добар, но животот во него не чини.
Зоран Ранкиќ

Најголемата невработеност е во земјите во кои има најмногу да се работи.
Александар Чотриќ

Во борбата со ваквата практика ние немаме ни теориски шанси.
Живоин Денчиќ

Од нашиот булеварски печат се срамат и сокаците!
Ранко Пивљанин

Државата, тоа сум јас! - на шега рече Србија.
Ранко Пивљанин

Секоја држава има главен град, а ниедна - главно село.
Никола Рацковиќ

Според бонтонот, во левицата е виљушката но десницата го држи ножот.
Милован Витезовиќ

Не грижете се за последиците сè додека се несогледливи!
Звездана Станковиќ

Далеку дотуркавме, ама нејќе да запали!
Звездана Станковиќ

Од сеќавање не се живее, освен ако не си заштитен сведок.
Живан С. Филиповиќ

Ова беше уште една година за па(м)тење.
Слободан Дучиќ

Придружувајќи ги храбрите, среќата си замина од просториве.
Раде Ѓерговиќ

Сè е добро, само нека што попрво се заврши.
Зоран Ранкиќ

Избор и превод: П. В.
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото