Изложби „Архиви на насилство“ и „Дијаспори“ на Фестивалот за критичка култура КРИК

21.11.2016 14:21
 Изложби „Архиви на насилство“ и „Дијаспори“ на Фестивалот за критичка култура КРИК

На Фестивалот за критичка култура КРИК, утре вечер (22.11.2016) со почеток од 19.30 часот, во галеријата Чифте амам ќе биде отворена меѓународната изложба „Архиви на насилство“, на која учествуваат седум уметници од Македонија и од Германија, Хрватска и Турција. Се работи за уметниците: Соња Шонбергер, Мишел Теран, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Memory of the world (Томислав Медак и Марсел Марс) и Зејно Пекунлу.

Моќта на архивирањето е документот, потенцијалниот иден факт. Архивите го чуваат знаењето, го превреднуваат минатото документирајќи ја сегашноста, создавајќи мемориски ресурси за иднината. Така, тие застануваат наспрема заборавот и историската ревизија. Во денешниот неизбалансиран свет, улогата на архивата е од клучно значење, како што кризата на демократијата станува поочигледна од кога и да е: прогресивните, хуманистички визии за општеството се сѐ повеќе загрозени од доминантните популистички и неолиберални наративи. Повторно во историјата сведочиме на поларизација на моќта, говор на омраза и растечка социјална сегрегација, како во „развиениот“ така и во „неразвиениот“ дел од светот.

„Оваа изложба ја прикажува моќта на архивата да му се споротивстави на тоа насилство. Таа ќе се обиде да им даде облик, да направи видливи неколку истражувачки уметнички проекти, коишто обработуваат конкретни случаи на насилство. На тој начин материјалните факти / изложените дела самите по себе стануваат и документи - сведоци на тоа насилство. Публиката ќе може да ги искуси визуелните и звучните архиви кои истражуваат различни теми, од кризите со домувањето (Мишел Теран), корупција и репресија (Ѓорѓе Јовановиќ), исчезнување на знаењето (Меморија на светот), родови стереотипи, објектификација и медиумско насилство (Зејно Пекунлу), недостиг на архивите за жените (Христина Иваноска) или директно насилство врз клучни политички субјекти (Соња Шонеберг). Овој пристап на сондирање има цел да ги поттикне нашите сетила за препознавање и регистрирање на насилството кое нѐ опкружува секојдневно, она на кое сме се навикнале, но и на структурното насилство низ политичките системи. Овој документ ќе се обиде да ги визуелизира дисонантните односи помеѓу оние кои владеат и владеаните, и да го оприсутни невидливото, не толку лесно разликовно од насилството. Повеќеслојната природа на делата - обемната документација и архивските материјали, создава простор за отворање дијалог со конкретни случаи на насилство“, пишува Елена Велјановска, кураторка на изложбата.

Неколку од овие дела ќе имаат додатен перформативен и едукациски предзнак. И така ќе направат поместување од статичко и чисто естетичко кон дискурзивно, а на тој начин стануваат дел од пообемната дискурзивна програма на Форумот за критичко мислење на фестивалот КРИК.

Истата вечер, во Чифте амам ќе биде отворена и изложбата „Дијаспори“ со дела од уметниците: Ивана Ивковиќ, Рајко Радовановиќ, Младен Бундало, Нада Прља, ДИСТРУКТУРА. Изложбата е дел од регионалниот проект „Од дијаспора до различности“ и има за цел, преку уметнички продукции, да овозможи на различни генерации да се осврнат на теми и проблеми што се однесуваат на феноменот на дијаспора во современиот контекст.       

Масовната миграција на група луѓе или поединци останува значаен аспект во секоја од приказните околу дијаспората. Тие можат да бидат комплексни и болни кога се присилени, предизвикани од војна, политичка неизвесност и еконосмка нестабилност. Во регионот, ние веќе имаме посведочено ваков тип настани во не толку далечното минато, но во Европа денес, сѐ уште се соочуваме со актуелната миграција и бегалската криза од несомерливи димензии. Меѓу другите причинители за миграција и релокација често се вбројуваат индивидуалните аспирации за професионален развој или, пак, здобивање со знаење (веќе не само во Западните земји), како и копнежот по подолг или пократок престој или фреквентна географска дислокација со цел директно да се искусат социјалната или културната разлика.