Параходот заминува

21.11.2016 17:26
Параходот заминува

Минатава недела ми беа одржани две важни лекции по политика, историја и природа и општество за време на две различни возења со скопските таксисти.

Прво, еден повозрасен таксист, сериозен господин зад воланот со најмалку вишо образование, јас уште асолно неседнат на задното седиште, стандардно и без многу заобиколување, ми ја постави една од стоте варијанти на класичната дилема пред која сум, дневно, исправен барем десетина пати: „Дали ќе им дојде крајот на Овие?“... Откако јас му го дaдов научно издржаниот, длабокоумен одговор дека „еден Господ знае!“, тој, очигледно, неверник, двосмислено заниша со главата, па ми очита семинарско предавање на тема „Менталитетот на Македонецот од дамнина до денес, со осврт на ќоравоста како водечка политичка особина“. Експозето го заклучи со, за мене, просветлувачки оригиналниот став: „Сите велат дека Македончето издржало пет века под Турците – а никој не се прашува што сѐ истрпеле и како издржале Турците пет века со нас!?“

Е, ај сега!

Втората научно-наставна единица на слична тема (оваа со наслов: „Вакви лопови мајка вторпат не раѓа!“) ми ја елаборираше еден друг таксист, кој предлага кратенката „ВМРО“, како историска референца, да се забрани за употреба во актуелната партиска номенклатура во Македонија; но, бидејќи таков закон, реално, нема да биде можно да се изгласа, тој предлага обратна, генијална варијанта: „Сите етнички македонски партии напред да го додадат ’ВМРО‘ (на пример, ВМРО-СДСМ или ВМРО-ЛДП!) и на тој начин да се неутрализира злоупотребата на патриотската симболика за потребите на денешниве историски фалсификатори.“

Од сето ова може да се заклучи дека скопските таксисти се еден паметен, иновативен свет кој по цел ден дреме по семафори и тротоари, продуктивно размислувајќи за смислата на животот и сите негови приклученија. Во времиња кога демократијата повеќе наликува на циркуски шатор во кој кловновите ја преземале дресурата врз кафезот со лавови што треба да рипаат низ огнените обрачи, охрабрувачки е да се знае дека барем една од платформите за рационална, демократска дебата кај нас – градското такси – ја задржало својата здраворазумност и проникливост која би требало да се практикува и низ другите распаднати институции на системот на нашето демократско владеење: собранието, медиумите, универзитетите, партиите...

Што не може, како една од најважните платформи за демократијата, да се каже за нашето судство, на пример, во споредба со морално-политичките стандарди на еснафот на таксистите.




СУДСТВОТО КАКО КОНСПИРАЦИЈА

Сосема е погрешно да се каже дека нашето судство изминативе недели го потресуваат скандали, бидејќи тоа самото израсна во еден голем, целесообразен Скандал чијшто збир на афери, инциденти и разни други срамотилаци точно го одразуваат морално-политичкиот распад до кој нѐ донесе Фамилијата како општество. Во таквиот правосуден Скандал има сѐ што ја карактеризира хаваријата на современата Македонија: распространета корупција како плевел на ливада; злоба, завист и омраза како на мрачните средновековни дворови; необјасниви кариери заработени од бесконечните конспирации против правниот систем и толку раширена правна несигурност што се заканува сосема да го потопи параходот на ова малку што е останато од македонската држава.

Што е право, уште на времето, не бев единствен кој предупредуваше дека судството што ќе го реформира Михајло Маневски, не може да заврши поинаку освен со претскажувањето на Љубе Бошковски – кој не ми е баш омилен биографски лик кога е спроведување на Законот во прашање – дека „ќе дојде ден кога ќе ве поредиме (судиите – м.з.) како аптекарски шишиња...“ за, потоа, ним да им биде судено за скандалозното правораздавање со кое се разори смислата за независноста, стручноста и неутралноста „во името на народот“!

А како поинаку да сконча институционален судски систем чијашто реформа се потпира врз кадровска безусловна лојалност кон Фамилијата и строгата партиска пирамида на чиј институционален врв стои „Салонот на баба Нада“?! Судство во кое кариерното напредување исклучиво е санкционирано од тефтерите на Гордана Јанкуловска и на завршното интервју кај шефот на тајната полициска служба, Мијалков? Во кое врвните судски и обвинителски инстанци имаат морален габарит на бонсаи дрвца израснати во ботаничката градина на Големиот Народен Лидер?

Затоа, понудата до таквото судство за генерален реизбор после изборите мене ми изгледа како разумен, џентлменски предлог за реставрација на принципот за владеење на Законот во која било држава која поминала низ морничавите искуства на нашиот правен систем во изминатите десетина години. Бидејќи, резултатот од овие процеси е сличен на состојбите во кои се најде еден друг правен систем, оној, после пропаста на Вајмарската република: таму примарно ДРЖАВАТА, а не ПОЕДИНЕЦОТ и неговата правна сигурност, станаа предмет на системска судска заштита. И таму, тогаш, како и овде, сега, државата се поистовети со партијата на власт, предводена од патологијата на лидерот и неговиот нездрав однос со Народот. Таа приказна, тогаш, знаеме како заврши; оваа приказна, сега, веќе на 12 декември, ќе видиме кон каква завршница ќе се стреми.




ЗБУНЕТИ, НО ОХРАБРЕНИ

А што се однесува до предвидувањето на резултатите од изборната завршница, користам прилика најљубезно да ве предупредам да не ве лаже умот да им поверувате на оние што предвидуваат ваков или онаков исход од изборите! За тоа има повеќе сериозни причини.

Македонската општествена реалност е толку растресена и шашардисана што, објективно, кога луѓето се прашани „за кого ќе гласате“, тие или масовно лажат или сѐ уште се воздржуваат да ги откриваат своите „адути“, надминувајќи ги сите пропорции на претпоставените статистички грешки. На политичката сцена се појавија нови политички понуди – обединета десница и левичарски опции кај македонските гласачи; нови алтернативи кај албанските гласачи, вклучувајќи и можна определба за СДСМ – чиишто изборни потенцијали никој, ниту со приближна точност, не може да ги проектира. Дополнително, сѐ уште никој не знае колку гласачи живеат во Македонија и во која мера прочуениот Избирачки список и денеска, после сите „прочистувања“ и „реконструкции“, одразува реалност или нечија политичка фантазија. Изборната корупција и понатаму е непредвидлив фактор за гласачка мотивација, како и стравот меѓу гласачите што власта со години го негува како голем кактус во мала саксија.

Она што е јасно е дека незадоволството меѓу населението е толку големо и густо, што речиси со нож може да се сече, но предвидувањата за тоа како тоа ќе се преточи на гласачките ливчиња и понатаму претставува статистичка операција на точен збир на неточни податоци. За утеха, оваа состојба е глобална: од референдумите во Колумбија и во Унгарија, преку британскиот Брегзит, до тукушто завршените избори во САД, промашувањата беа од умерени до спектакуларни. Револтот на гласачите од власта е светски тренд, исто како и незадоволството од ветувањата и практикувањата на неолибералниот капитализам и неговиот украсен приврзок, демократијата.

Кај нас, парадоксално, ДПМНЕ и ДУИ толку долго се на власт, што заборавија дека тие се сега општествената елита против која – и сега – панично го насочуваат незадоволството на „народот“ од власта. За тоа дали и во која мера таа најприземна манипулација и на овие избори ќе им успее, вреди да се навратиме на лекцијата од првиот таксист од оваа приказна: можеби ние, како народ, и не сме свесни на какви маки и несносливи трпења ги изложуваме нашите деспоти, упорно оставајќи ги непречено да владеат со нашите животи и имот. А можеби гласачите, со решително, иако молчеливо мнозинство, токму на овие избори ќе решат дека е дојдено време на таа спора одмазда да ѝ се стави крај.

Монтажи: Били Даркарт (врз фотографии од филмот „Гркот Зорба“)
Извор: Слободен печат