Во предградие на Минхен се подига ѕид за изолација од бегалците

22.11.2016 13:18
Во Минхен се подига за изолација од бегалците

Минхенското предградие Нојперлах, познато по бројните модернистички станбени блокови, наскоро ќе го краси уште едно архитектонско чудо. Со одлука на надлежниот суд, а на барање на локалното население, општинските власти започнаа изградба на ѕид од камења дебел повеќе од еден метар и висок речиси четири метри на работ на населбата. Според изјавите кои ги пренесуваат агенциите, мотив за изградбата на овој ѕид бил стравот на населението од пад на вредностите на нивните недвижности. Имено, непосредно покрај населбата во моментов се гради засолниште за 160 малолетни бегалци кои чекаат регулација на својот статус во Германија, а чија присутност, смета судот, сериозно го загрозува квалитетот на животот и вредноста на имотите на шеесет илјади жители на предградието на баварската метропола.

Иако „антибегалските“ ѕидови веќе не се никаков скандал во Европа, изградбата на ѕидот сепак многумина потсети на Берлинскиот ѕид кој речиси триесет години ги делеше источниот и западниот дел од сегашниот главен град на Германија. Неговото рушење кон крајот на 1989 година и денес е еден од најсилните симболи на преродбата на водечката сила во Европа, но и „ослободувањето од тоталитаризмот“, односно влегување на светот во „период на слобода“. За да биде иронијата поголема, и Берлинскиот ѕид своевремено е изграден за да се спречи „илегалната миграција“, до душа во спротивна насока. Со оглед на тоа, минхенскиот пандан очекувано предизвика вистински мал скандал, па заменикот на градоначалникот на општината Нојперлах-Суд, Гвидо Бухолц беше присилен да даде изјава дека „Ова е глупост (...), ѕидот е превисок“.

Локалниот функционер смета дека три метри, наместо четири, би биле сосема доволни. Но, со тоа всушност ја промаши поентата. Ѕидот не служи само за тоа да го ограничи движењето (за таа цел постојат други инструменти), туку визуелно и звучно сосема да ги изолира Германците од бегалците. Најпосле, станува збор за цената на недвижностите, а не за геополитички судир. Во прилог на тоа говори и конструкцијата на ѕидот која потсетува на изолацијата која се гради на автопатиштата и посебната одредба на судот која наложува дека бегалците „не смеат да го користат ѕидот за игри со топка или друга забава“. Освен забраната за играње, бегалските деца ќе бидат соочени со уште еден предизвик: од нив се очекува што поскоро да се интегрираат во „германскиот начин на живот“ и тоа во ситуација во која првиот контакт со Германија им е - четириметарски ѕид.

Извор: Bilten

ОкоБоли главаВицФото