Познатата теоретичарка Светлана Слапшак гостува на КРИК фестивалот во Скопје

22.11.2016 14:27
Познатата теоретичарка Светлана Слапшак гостува на КРИК фестивалот во Скопје

По вечерашното свечено отварање на изложбите „Архиви на насилство“ и „Од дијаспори до различности“ во Чифте амам, утре, 23 ноември (среда) на КРИК фестивалот гостува познатата Светлана Слапшак, една од водечките интелектуалки, теоретичарки на културата, феминистки и антрополози во регионот и во Европа. Предавањето насловено „Stratigos Тито - карате: поетика на пречекорувањето, или „мешање на меморијата и желбата“ ќе се одржи во Чифте амам, со почеток во 19.30 часот.

По предавањето кое го организира Контрапункт, следи дијалог помеѓу Светлана Слапшак и Ана Вујановиќ, независен културен работник во полето на современите перформативни уметности и културата.

Во предавањето на Слапшак фокусот е ставен на општествено прифатливото насилство со гарантирано сеќавање по примерот на Атинската демократија. Како трите антички форми на сексуалност може да нè поттикнат да ги преосмислиме и реформираме критиките/критицизмот на насилството? Како да се преoдреди архивирањето со воведување сексуалност, еротика и љубов? Дали е ова начин на обременување на меморијата со наративот на sexerlove наместо наративот на насилството?

Еден од централните настани на утрешната програма на КРИК фестивалот за критичка култура е меѓународната конференција „Дијаспора / Мобилност / Номадизам / Различности“, во организација на Есперанца – Светски културен центар.

Оваа интер и мултидисциплинарна меѓународна конференција, во две целодневни сесии има за цел да го преиспита концептот на дијаспората, мобилноста, номадските искуства, честите патувања, уметничките и културните резиденции. Без разлика дали се индивидуални или групни, економски или политички, движењата на луѓето преку границите имаат силно влијание врз општествата, врз нивниот развој, но и врз конфликтите.

Воведни излагања ќе имаат Роберт Алаѓозовски и Дарка Радосављевиќ.

За вклученоста и исклученоста од страна на уметностите ќе говори Моника Мокре. На тема „Активизам, Брегзит и добриот мигрант“ - Александра Лазар.

На тема: Да се пишува за дијаспората и да се живее во различности, ќе зборува Лидија Димковска.

Лични забелешки за дијаспоричната носталгија со Елизабета Шелева

Феноменологијата на дијаспоричните искуства – од корпореалното и дигиталното до биотехнолошкото со Мелентие Пандиловски (скајп врска-Австралија)

Престојот наспроти домот: Потрагата по бегството од себе со Јане Чаловски

Бегалец, мигрант, турист: Важното за менувањето на местата со Сабина Габиќ (излагање со фото-шоу).

Првиот дел од Конференцијата „Дијаспора / Мобилност / Номадизам / Различности“, ќе се одржи во Чифте Амам со почеток од 10 часот.

Освен овие настани на програмата на фестивалот за критичка култура КРИК, утре започнуваат и рабтилници со заедничка тема „Поетики на радикалното издаваштво“ во организација на Мултимедијални институт, kuda.org и на Контрапункт. Модератори се гостите на фестивалот Бранка Ќуриќ и Анте Јериќ.