Докази

23.11.2016 11:40
Докази

Не знам дали после минатиот прес на Специјалното јавно обвинителство нешто им се појасни на повеќето македонски „независни“ интелектуалци кои две години, (божем) со неверување, па со спинови, со нелогички и во основа налудничави конструкции се обидуваа да го минимизираат скандалот со прислушуваните разговори (без судска наредба, се разбира, што ќе рече – незаконски), со кршењето на човековите права, на Уставот и законите … Не знам дали јавните обвинителки, изнесувајќи (само делумни) податоци за тоа кој и колку бил прислушуван им ги појаснија работите (кои што, сепак, им беа јасни на сите нормални во оваа земја!) околу опфатот односно димензиите на монструозното „големо уво“ на нивните непрежалени газди? На пример, дека е точно дека биле прислушкувани 20.017 телефонски броеви, дека одделни луѓе, особено од опозицијата, но и новинари, биле континуирано незаконски прислушувани – Заев најмалку 1.150 дена на едниот број и најмалку уште 400 дена на другиот број, Верушевски 600 дена, неговата сопруга 816 дена, дека прислушкувањето незаконски продолжило и по 31.12.2015 година односно траело и во 2016 година …? Што ли сега ќе смислат македонските „независни“ и „сомничави“ интелектуалци? За која запирка ќе се фатат?

Ама, види чудо, нивниот миленик Пастирот – не бил прислушкуван! И како тоа, ако прислушкувањето го организирала опозицијата, или оние проклети странски служби, тие прислушкувале сè, само најважниот во тие години – не? Зошто? Тој немал што интересно да (им) каже? И не им говори ништо ли фактот дека тој ист нивни Пастир во огромни количества си ги слушал и најблиските соработници: Гордана Јанкулоска била прислушувана незаконски најмалку 732 дена, Миле Јанакиески на едниот телефон 732 дена, на вториот 553 дена и на третиот најмалку 816 дена, Али Ахмети бил прислушуван најмалку 338 на едниот број и 867 дена на другиот број, Муса Џафери најмалку 1.658 дена …!

И заклучокот дека доказите недвосмислено упатуваат дека прислушкувањето било вршено во Управата за безбедност и контраразузнавање, факт што ни го соопшти уште Извештајот на Прибе. И дека целиот тој ѓаволски пир бандата го започнала уште во 2008 година!

И сега, на кои, и какви темели ќе го градат „неверувањето“ во пеколниот план на нивните газди да ја прислушкуваат безмалу цела држава односно оние субјекти кои им биле од голем непосреден (политички и бизнис) интерес? Каде сега ќе се вкопа она фамозно „трето мислење“, онаа (бар да е) салонска (квази)интелектуала и мудрувања и какви причини ќе смислат повторно и повторно да ги отфрлат веќе бетонираните докази за тоа што се случувало во државава за време на владеењето на нивните миленици? Или сега ќе почнеме, сè почесто, да гледаме и слушаме посипување со пепел по главите? Нешто како ова што сега го прави нашата непрежалена МАНУ која одеднаш, буквално преку ноќ, прогледа и низ устата на актуелниот претседател виде дека Република Македонија поминува низ сериозна политичка криза, анимозитет и антагонизам меѓу политичките партии, нетолеранција и што ли не друго? Или дека постои нетрпеливост помеѓу партиите, како што тоа го формулира бившиот претседател на МАНУ, ама никако не заборави да потенцира и дека морало да има „една нормална демократска политичка битка, во дијалог кој мора да се одвива низ еден цивилизиран начин, без грубости, насилство, омраза и без газење на човечкото достоинство“. И повторно не знам како сето ова не успеаја да го видат и вчера, и завчера, и пред неколку години, и како и зошто не побараа и тогаш да има толеранција, да нема грубости, работите да се решаваат на цивилизиран начин …? И да не се крадат избори, и да не се убиваат и затвораат луѓе …?

Ваквата превртливост на македонскиот „интелектуалец“ е дури посрамна и од неговото еднодецениско слугување на истите газди против кои сега полека го крева гласот. Првичното неверување по проектот „Вистината за Македонија“ и сето она што тој го донесе – шок, запрепастеност, молк, збунетост – дополнително ги мотивираше да се впрегнат уште поактивно и побезумно во одбарана на системот и неговата криминална врхушка. Но, развојот на настаните, особено континуираното отворање на случаите од страна на СЈО и презентирањето на доказите, без оглед и на многуте опструкции, ги уверуваат дека одбрана е всушност невозможна. И затоа, сега, воланот се врти во другата насока, полека (ќе) се детектираат и другите „анимозитети и антагонизми“ во државава, ќе се отвори и пеколното дувло на македонското судство, па на криминалите околу „Скопје 2014“ и што ли не друго. И така овие полека ќе се престројуваат, ќе кооптираат други маски за новиот маскенбал. Освен ако не ги зафати некое локално цунами, нешто од оној тип на радикална реформа планирана и за судството, која што всушност би била добредојдена во целата администрација.

Можеби суштественото прашање (и) денес е: може ли да им се верува? И треба ли? Заслужиле ли или е крајно време да ги отстапат местата на некои други? Ако не поумни, а и такви има, тогаш барем – почесни!?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Christian Heikoop

ОкоБоли главаВицФото