1012 hPa
78 %
20 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 13:59
Во сите земји на поранешна Југославија, по падот на Берлинскиот ѕид и на комунизмот во 1989 година, и почетокот на крвавата војна во Југославија, сеќавањата на поранешната социјалистичка држава и наследството на партизаните, се потиснати.
Старата левичарска идеологија е турната на маргините на општеството, а државите што настанаа од поранешна Југославија, маршираат заедно кон една сеопфатна иднина, базирана на неолибералната капиталистичка економија.
Антикомунистичките пароли станаа доминантна стратегија за легитимизирање на новите политички елити во сите земји на поранешна Југославија, кои повеќе или помалку отворено се залагаат за етнички чисти држави и кои следат националистичка агенда.
Создаден е наратив во кој нема ништо позитивно да се каже за 45-годишното траење на комунистичка Југославија или на партизанското движење, кое многу историчари го нарекуваат најголемо движење на отпорот во окупирана Европа.
Новата книга „Нов живот на партизанските песни“ од Ана Хофман, директорка на Центарот за истражување на балканската музика во Белград и предавач на Факултетот за општествени науки на Универзитетот во Нова Горица, Словенија, се занимава со наследството на партизанските песни и нивниот субверзивен потенцијал во контекст на постсоцијалистичките југословенски општества и глобалната кризата на неолиберализмот.
Книгата се фокусира на феноменот на „реактуелизација“ на партизанските песни во новата ера и на новите начини на разбирање на контекстот на постјугословенските општества.
„Од распадот на Југославија и подемот на милитантниот национализам, а подоцна и на воведувањето на радикални неолиберални политики, Народноослободителната борба, НОБ, беше 'етикетирана' како проблематично социјалистичко минато и стана предмет на оспорување и ревизионизам“, вели Хофман.
Како што комунистичкото движење во Европа, за време на Втората светска војна, ги мотивираше борците со, денес веќе легендарни, песни, како што е италијанската „Бела чао“, така и партизаните во Југославија имаа свои мотивирачки борбени песни.
Најпопуларни беа „Ој Козаро“, во која се опишува една од најпознатите битка на Козара во Босна и Херцеговина, и „Паѓај сило и неправдо“, посветена на битката на Неретва.
Овие песни долго се пееја по војната, на прослави и работнички настани. Почнаа да се маргинализираат во 90-тите години, кога Југославија се распадна и кога повторно оживеа национализмот.
„Партизанските песни се турнати на маргините на јавниот простор“, како „идеолошки контаминиран“ музички жанр - производ на комунистичкиот режим без „вистинско општествено значење и потенцијал“, вели Хофман.
„Изведбата и слушањето на овие песни се турнати во приватната сфера како контроверзни, ако не и забранети, активности“, додава Хофман.
Хофман ја гледа својата нова книга како еден вид одговор на негирањето на тоа наследство и како реакција на „незавршената“ транзиција на земјите од поранешна Југославија во капитализмот.
Партизанските песни како „звук за иднината“
Од музички инспирираната револуција против апартхејдот во Јужна Африка, до женските рапери во Иран, музиката на курдската единица на Националната гарда, или актуелната музичка окупација на државните институции и училишта во Бразил - звукот продолжува да игра важна, иако често незабележана улога, во мобилизирањето на индивидуални и корпоративни тела, за борба против угнетувањето.
Хофман укажува дека партизанските револуционерни песни, потсетуваат не само на историското значење на НОБ во Втората светска војна, туку дека се релевантни и за тековната политичка борба, и можен важен фактор во креирањето на „новите политики на иднината“.
„Во поширока смисла на зборот, книгата се занимава со потенцијалот на политичка мобилизација низ учество на музиката и звукот, како и со прашањето за тоа дали и како критичките рефлексии на музиката од минатото, можат да бидат извор на еманципација“, вели Хофман.
Таа ја истакнува моменталната улога на балканските хорови, како што се Ле хор и Хор пракса во Хрватска, Распеани Скопјани во Македонија, Комбина и Зборке во Словенија, Прроба, Уво, Хоркестар, Светоназори во Србија и Хорот 29 ноември од Виена, кои се моќни механизми на општествената критика и повик за солидарност во постјугословенскиот простор.
Сите овие песни имаат одек или мотиви од старите партизански песни, вели таа.
„Со заживување на партизанските песни, тие потврдуваат дека хорското пеење не е конзервативна и застарена форма на музика, туку важна форма на естетско искуство за колективна мобилизација во политичката борба“, вели Хофман.
Иако свесна за носталгичниот аспект на заживување на партизанските песни, таа не се согласува дека ова е чисто сентиментална работа и дека подразбира пасивност.
„Гарантирам дека ова е еден поинаков поглед на политиката на сентименталност, особено кога станува збор за музиката и звукот“, вели таа.
„Колективното искуство на изведба или слушање на музика ... ни овозможува создавање на нов политички субјективитет“, додава таа.
„Размислувам за политичкиот потенцијал на револуционерните песни денес, особено во контекст на создавање на нова општествена формација, на нови форми на општествено вмрежување ... [и] како отпор кон пасивните, потрошувачки и професионализирани форми на културни активности“, заклучува таа.
Извор: www.balkaninsight.com