Обдукција на „политичарот“ Амди Бајрам

24.11.2016 02:43
Обдукција на „политичарот“ Амди Бајрам

„Шекеринска да не ја спомињам, затоа што, кога ѝ дојде нивото у Шутка на избирачко место да дојде, таму и посматрач да ти биде, е таа ли ќе ти била некој премиер или ќе води држава!“, еуфорично извикуваше лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, на првиот предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата во Охрид.

Додека ја „жалеше“ политичката кариера на Радмила Шекеринска, Амди Бајрам потенцираше дека било под честа на еден македонски политичар/ка да оди во Шуто Оризари(!?) и дека со нејзината набљудувачка мисија „во една Шутка“ таа се долносала(!?), додека неговите коалициони партнери од ВМРО–ДПМНЕ, безмалку хистерично, се „згазија“ од смеење. Да, знам дека на вмровците им е „под ниво“ да дојдат во Шутка, со исклучок на ромските балови каде што има бесплатно јадење и пиење со „Ромите од прва класа“, а оние, обичните смртници, им се битни само за гласање, кога ги тегнат и за уши… Зашто, владеjачката гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ во Шутка и оди, само кога има богати балови. Или за собирање гласови. Со арно, со „подароци“ во пари, зејтин, брашно… Или, со сила, со уцени за губење социјална помош, со закaни…

Стенд-ап шоуто на Бајрам, кое се „врти, врти“ на социјалните мрежи е скапа работа, многу поскапа од неговата бунда од бизон, а цехот го плаќаме сите ние, обичните граѓан(к)и. Особено, Ромите…

Бајрам распали и по „шарените револуционери“ дека биле наркомани и педофили?! А, тие од ВМРО-ДПМНЕ, кои се смееја на неговите „анегдоти“ на митингот, пред извесен период беа „судобрани“ и го бранеа судот со жив штит од „шарените педофили“, додека се носеше законот со кој оној, молчаливиот претседател на државата, доби можност да помилува „кому иде“… Разноразни политичари-криминалци, па... и педофили.

Амди се пофали дека подготвувал кафез за лидерот на СДСМ, Зоран Заев и дека на најголемиот митинг во Скопје ќе го поставел на бина, за да му покажел каде му е (ќе му биде) местото на Заев по 11 декември. На циркуските претстави, нели, има кафези и со тигри, со лавови, со мајмуни… Зошто тогаш да нема кафези и во политичкиот циркус на ВМРО-ДПМНЕ?

Но, откако ги исплука сите што не го поддржуваат големиот лидер Никола Груевски, ја навреди Шекеринска, и многу, многу повеќе Ромите од Шуто Оризари (не велам „своите“ Роми, оти не верувам дека тој и ги чувствува Ромите, како свои), Амди не кажа ни збор, ниту еден цитат од политичката програма на СРМ (ако воопшто неговата партија и има некаква програма)

Дали јавните настапи на ромските политички претставници, на митинзите на коалицијата предводена од партијата која цела деценија владее со Македонија, ќе служат само за забавување на измрзнатиот народ? Или, сепак, во иднина ќе слушнеме и вистинска програма и стратегија за подобрување на статусот на маргинализираното ромското население, кое копнее по вистински политички претставник, кој знае, може и сака да се бори за нивните права? Ве молам, извинете што сум дотолку скептичен, ама прочитав дека песимистите да ти биле, само и само, оптимисти со искуство…

Извор: civil.org.mk
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото